Занемарени решенија

27.11.2025 00:49
Занемарени решенија

Потребни ни се нови идеи за да ги решиме трите најголеми економски предизвици на нашето време: климатските промени, исчезнувањето на средната класа и сиромаштијата. Првиот предизвик претставува егзистенцијална закана за нашето физичко опкружување; вториот создава поларизација и ја загрозува демократијата; третиот е морална чума за целиот свет. Но, со оглед на зајакнувањето на авторитаризмот и економскиот национализам, би рекол дека немаме многу причини за оптимизам на кој било од овие три фронта.

Во мојата нова книга, Заеднички просперитет во поделен свет, покажувам дека за овие проблеми веќе постојат решенија кои се применуваат ширум планетата. Но тие честопати остануваат под радарот или се занемаруваат зашто отстапуваат од конвенционалните пристапи.

За да нема забуна, гледано однадвор, тоа се три многу различни предизвици, и изгледа дека нашите напори да ги решиме често меѓусебно се нeутрализираат. Многумина веруваат дека зелената транзиција е неспоива со одржување на посакуваните стапки на економски раст, како и дека поддршката на средната класа во напредните економии им нанесува штета на земјите во развој. Трите предизвици земени заедно ни поставуваат заедничка глобална задача: поттикнување стуктурна трансформација на нашите економии за да се охрабрат оние дејности што придонесуваат за зелената агенда и овозможуваат отворање подобри и попродуктивни работни места.

Индустриските политики традиционално имаа клучна улога во процесите на економска трансформација, најпрво во напредните економии, а потоа во успешните земји од источна Азија. Денес ни е потребна осовременета верзија на истата стратегија, која ќе ги земе предвид потребите на зелената транзиција, како и фактот дека производството повеќе не е примарен генератор на нови работни места (дори ни во земјите во развој).

Веќе постигнавме успех на полето на обновливите извори на енергија. Иако економистите долго време се залагаа за оданочување на емисиите на јаглеродот и за систем на тргување со емисиони кредити како најефикасен метод за намалување на загадувањето, вистинските и навистина спектакуларни резултати во таа област се остварени преку кинеските зелени индустриски политики. Тоа се политики насочени кон цели поставени на национално ниво, кои главно се спроведуваат на локално ниво, од страна на општинските власти. Така цените на соларните панели, турбините и електричните батерии беа доволно намалени за обновливата енергија да стане поевтина од енергијата добиена од фосилни горива. Забрзувањето на зелената транзиција што потоа следуваше убеди дури и некои од најголемите песимисти дека климатската катастрофа сè уште може да се избегне.

Кинескиот пристап е добар пример за индустриски политики со нов стил, кои во голема мера се разликуваат од вообичаените. Таквиот пристап подразбира интензивна соработка помеѓу националните влади, пониските нивоа на државната управа и бизнис-интересите. Субвенциите одиграа значајна улога, но тие беа само една од бројните алатки, кои ги опфаќаат и политиките на јавни набавки и јавниот инвестициски капитал. Кинескиот пристап најдобро може да се опише како експериментален и постепен, а не како хиерархиски систем на условување одозгора-надолу.

Може ли сличен пристап да помогне во отворањето квалитетни работни места и трансформацијата што е неопходна ако сакаме да ја зачуваме средната класа и да ја елиминираме сиромаштијата? За жал, и во развиените земји и во земјите во развој, индустриските политики и понатаму се фокусирани на производствениот сектор, дури и кога станува збор за отворање или одржување работни места. Да нема забуна, производството и сè уште е релевантно и важно за зелената транзиција, за обезбедување отпорност на синџирите на снабдување, како и од причини поврзани со националната безбедност. Но поради автоматизацијата и глобалната конкуренција, производствените сектори денес отпуштаат најмногу работна сила – дури и во Кина, која сè уште е светска производствена суперсила. Не ни преостанува ништо друго освен за отворањето работни места што ќе придонесат за одржување на средната класа да се потпреме на секторот на услуги.

За среќа, во напредните економии и економиите во развој се одвиваат бројни експерименти на субнационално ниво, во кои партнерства меѓу државните агенции и приватниот сектор или групи граѓани носат значајни економски трансформации. Таквите локални иницијативи не изгледаат како традиционални индустриски политики, но многу наликуваат на кинеската стратегија. Тие подразбираат зајакнување на соработката со јавниот сектор (обука за стекнување работни вештини, проширување на деловното работење, регулаторна помош и нови локации), како и субвенции за откривање нови деловни можности и отстранување законски пречки.

Националните економски власти можат да ги користат ваквите модели. Администрацијата на поранешниот американски претседател Џо Бајден организираше „предизвици“, повикувајќи ги локалните агенции за економски развој да предложат иницијативи за федерално финансирање. Таквиот пристап обезбедува нови ресурси и ги поттикнува локалните актери да ги надминат проблемите на колективното дејствување и да развијат заедничка визија за натамошен развој. За жал, обемот и размерите на овие програми бледеат во споредба со клучните индустриски политики на националната администрација, како што се CHIPS и Законот за наука, но и Законот за намалување на инфлацијата — сите насочени кон производството.

Националните влади, особено во напредните економии, можат да одиграат важна улога во управувањето со иновациите на начин што ќе биде поповолен за работната сила. Многу услужни индустрии – малопродажба, складирање, логистика – веќе имаат корист од воведувањето нови дигитални технологии, но приватните корпорации малку се грижат за интересите на работниците. Новите технологии се употребуваат за надзор и извлекување повеќе вредност од работната сила, наместо да им обезбедат повеќе автономија и да им овозможат да извршуваат поширок спектар задачи. Развојот на технологии што ќе ги оспособат и зајакнат работниците на традиционално слабо платените работни места, како што се грижата, малопродажбата и прехраната, бара насочен напор на јавниот сектор, исто како и развојот на обновливите извори на енергија.

Мојата книга е предупредување и зрак надеж. Покажав дека сегашната понуда на државни политики е неадекватна за задачите што стојат пред нас и дека сигурно ќе доведе до судир меѓу поставените цели. За да се справиме со климатските промени, да ја обновиме средната класа и да ја намалиме глобалната сиромаштија мора да се оддалечиме од воспоставените начини на размислување и да испитаме нови пристапи. Добра вест е дека тоа не е неизводливо и дека не е предоцна да тргнеме по подобар пат. Никулците на таквите иновативни пристапи веќе постојат во практиките прифатени ширум светот. Не ни е потребна револуција. Доволна е реконфигурација на постојните приоритети и политики.

Внатрешната политика и отсуството на глобална соработка често ги онеспособуваат решенијата што економистите и технократите ги нудат како најоптимални опции. Но таквите решенија доминираат во поинакви пристапи, кои во реалниот свет често се поефикасни.

Мурали: Seth Globepainter

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото