ХЕРА: Насилството не е „приватна работа“, бараме одговорност во текот на целата година

27.11.2025 14:41
ХЕРА: Насилството не е „приватна работа“, бараме одговорност во текот на целата година

Системот зборува за еднаквост, но не обезбедува образование, заштита и реални механизми против насилството, реагираат од младинската волонтерска група на ХЕРА по повод започнувањето на глобалната иницијатива „16 Дена активизам за борба против насилство врз жените“.

Тие на Платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ја претставија својата младинска кампања „Феминизам кој потфрла“.

Кампањата е критичка реакција на долгогодишните институционални пропусти во превенцијата и заштитата од родово засновано насилство, и јасно порача дека кога реформите се сведуваат на симболика, последиците ги носат жените, девојките и маргинализираните заедници. Преку видеа, лични приказни, подкасти и герила-интервенции, младите бараат суштински, а не декларативни промени.

„Феминизам кој потфрла“ е јавно предупредување дека институционалните пропусти, политичката неамбициозност и нормализираното игнорирање на женските искуства создаваат реална, опасна и скапа празнина меѓу ветената и вистинската еднаквост. Кампањата беше започната со акција на кампусот при УКИМ, која преку силни визуелни пораки го отвори прашањето: што точно славиме кога велиме дека сме родово еднакво општество?

Изминатиот период сведочевме многу фемициди, кои доколку се случуваат откако е пријавувано насилството а институциите затајуваат да ги заштитат жртвите, се всушност системски форми на родово засновано насилство и дискриминација кои остануваат маскирани зад статистики што ретко ја кажуваат вистината. Бројките и искуствата од терен покажуваат поинаква слика од официјалните наративи, велат од ХЕРА.

Оттаму додаваат дека образовните институции и медиумите често продолжуваат да ги репродуцираат старите стереотипи.

Во формалното образование се уште нема имплементација на наставни програми кои нудат информации за превенција, препознавање и пријавување на насилството, рушење на родовите стереотипи, грижа за сексуалното и репродуктивното здравје како и информации за адолесцентските врски и односи.

Сервисите за заштита често се недостапни, недоволни или воопшто не функционираат за девојките и жените, а особено за оние од маргинализираните заедници, бидејќи економската, а и секоја друга нееднаквост продолжува да го диктира пристапот до безбедност, здравје и можности.

Младите активистки гласно повикаа на суштински реформи и одговорно постапување на институциите по законите.

-Родово-базирано насилство опстојува бидејќи останува невидливо и неказниво, се тривијализира во општеството. Жените и девојките се без соодветни информации како да препознаат разни форми на насилство, како да се заштитат и што е најтрагично, оставени се без поддршка ако се осмелат да пријават. Потребна е поголема меѓусекторска соработка и навремено изрекување на мерки по пријавено насилство! Само со заеднички сили може да направиме побезбедно, поправено и напредно општество, рече активистката Марија Ѓорѓиевска.

Студентката Иларија Димулкова вели дека во услови кога секојдневно се регистрираат нови случаи на насилство врз жени, неопходно е да се нагласи дека овој феномен не претставува изолиран проблем, туку системски неуспех кој предолго се толерира.

-Потребни се навремени и координирани институционални реакции, ефикасни механизми за заштита и јасни политики што ќе ја постават безбедноста на жените како реален приоритет, а не како декларативна определба. Во тој контекст, загрижува фактот што најавуваните измени во Кривичниот законик и покрај повеќекратните случаи на фемицид, само во последните неколку месеци, сè уште не се реализирани, а истите ќе мора да го опфатат и порастот на сексуалното насилство преку фотографии, манипулирани содржини и дипфејк-технологии. Како млади, жени, бараме итно усвојување на суштински реформи кои ќе гарантираат превенција, заштита и одговорност, посочи таа.

Младинската активистка Анастасија Трошанска смета дека овие 16 дена не се само симбол.

-Тие се потсетник дека насилството не е приватна работа, туку сериозен општествен проблем. Во нашата држава сè уште многу случаи остануваат непријавени поради страв, недоверба и убедувањето дека ‘ништо нема да се промени’. Затоа бараме подобри системски решенија, поголема одговорност и професионална подготвеност на сите служби, рече Трошанска.

Младинската активистка Савче Ѓошева истакна дека секој настан каде може да се говори за насилство врз жени е клучен за понатамошен активизам.

-Во момент кога се соочуваме со драстичен број на фемициди и родово базирано насилство во закоравен патријархат, од клучно значење е да се заштитиме како жени и понудиме решенија кога институциите нè не штитат, вели таа.

Исто така повикаа на следење на кампањата на социјалните мрежи на ХЕРА која содржи видеа, истражувачки содржини и куса документарна продукција, со цел да се разобличат митови, да се отвори критички дијалог и да се понудат конкретни препораки за институционални промени. „Феминизам кој потфрла“ упатува јасен повик: да се изгради систем кој не се потпира на симболика, туку обезбедува реални механизми за заштита, отчетност и еднаква распределба на моќта.

Родовата еднаквост не е трошок, ниту тренд. Таа е услов за функционална демократија, здрави заедници и одржлив развој. Затоа, кампањата бара суштински реформи, зголемена институционална отчетност и политички одлуки што ќе ги стават женските права во центарот на јавните политики, секој ден, а не само за време на „16 Дена Активизам“.

Кампањата е дел од пошироките напори за критичко преосмислување на феминизмот, неговите успеси и неговите неисполнети ветувања. ХЕРА и младинската група ги повикуваат сите институции, медиуми и граѓани да придонесат кон општество во кое женските права не се симболика, туку реалност.

Извор: https://www.slobodenpecat.mk/