Веќе видено сценарио

28.11.2025 00:18
Веќе видено сценарио

Минатата недела повторно беше обележана со забрзана дипломатска активност чија декларирана цел е да се стави крај на војната во Украина. На 19 ноември во јавноста протече нацрт-план во 28 точки што, според изворите, го составиле Стив Виткоф како претставник на Доналд Трамп и Кирил Димитриев, советник во Кремљ и шеф на рускиот Национален фонд.

По објавувањето на нацртот, на Запад планот беше оценет како изразено наклонет кон Русија и како де факто американско присилување на Украина на капитулација. Потоа Володимир Зеленски изјави дека неговата земја се наоѓа пред еден од најтешките моменти во својата историја, односно се соочува со избор „да го загуби или достоинството или клучниот партнер“.

Потоа реагираа Европејците, предводени од Германија, Франција и Велика Британија, кои набрзина составија сопствен, за Украина значително поповолен, контра предлог. Потоа се одржа американско-украинска средба на која изворниот план беше ревидиран така што беа уважени речиси сите барања на Киев.

Накусо, неодамнешните настани го следат веќе видениот образец: администрацијата на Трамп, предводена од дипломатски аматери, повлекува потези што ги исполнуваат барањата на Кремљ и ја доведуваат Украина пред свршен чин. Во следниот чекор се алармира дотогаш пасивната Европа, која се обидува да ја промени сопствената самонаметната неважност, за на крај американската позиција да биде „коригирана“ и повторно да се воспостави некакoв евроатлантски консензус.

А веќе е видлива и руската позиција. Москва го поздрави изворниот нацрт – но и не го прифати со раширени раце: планот на Трамп „може да послужи како основа за конечен мировен план“, изјави Владимир Путин, што дава до знаење дека во преговорите ќе бара повеќе од понуденото. Но Кремљ потоа решително сигнализираше дека ревизијата на првичниот план е неприфатлива – со други зборови, дека ќе ја одбие неговата нова верзија.

Во реалноста, спротивно на распространетите толкувања, упатените аналитичари истакнуваат дека и самата првична верзија во некои клучни елементи е проблематична за Кремљ. Точно е дека нацртот предвидува повеќе крупни отстапки за Русија, како што се наведувањето дека украинската војска ќе се повлече од дел од Донбас што сè уште го контролира, дека САД ќе ги признаат областите Доњецк и Луганск, како и Крим, како дел од Русија – идеја што потврдува дека нескриеното и брутално кршење на меѓународното право станува вообичаена американска практика, додека областите Запорожје и Херсон би биле поделени согласно линијата на фронтот.

Со оглед на руското неуморно повторување на „коренитите причини на конфликтот“, во Москва сигурно со одобрување се дочекани точките според кои Украина во уставот ќе го внесе откажувањето од членство во НАТО, дека истото ќе го пропише и НАТО, како и дека Русија, Украина и Европа треба да потпишат сеопфатен договор со кој ќе се „отстранат сите нејаснотии од последните триесет години“.

Украина треба да се обврзе и на враќање (не сосема јасно во кој статус) на рускиот јазик во употреба, како и на забрана на „нацистичка идеологија и активности“, а како шлаг на тортата, санкциите кон Русија постепено би биле укинати, па таа би била реинтегрирана во светската економија.

Меѓутоа, клучни се две нешта. Иако нејасно формулиран, планот предвидуваше Украина да добие безбедносни гаранции, а големината на нејзината армија да биде ограничена на 600 илјади војници. Врз основа на сè што досега безброј пати е повторено од Москва, тешко е да се очекува дека Русија би се согласила на обете.

А потоа, во ревидираната верзија, добар дел од најголемите отстапки за Русија беа исфрлени или доведени во прашање. Така целиот план повторно се најде во ситуација во која, народски кажано, се прави сметка без крчмар. Имено, додека изворниот план беше целосно неприфатлив за Киев, новата верзија е неприфатлива за Москва.

Освен тоа, Русија верува дека времето работи во нејзина полза: во Донбас стратешки важниот град Покровск е пред пад, а на југ руската војска напредува во Запорожје, додека впечаток е дека Украина нема доволно човечки ресурси за да ја покрие целата фронтовска линија. Накусо, Русија ќе продолжи со агресијата, очекувајќи дека за неколку месеци ќе може во поголема мера да ги диктира условите на договорот, пред да ја исцрпат санкциите. Без значително зголемување на западната помош за Украина, тоа веројатно и ќе се случи, а тешко дека нешто ќе промени и најавената скорешна посета на Виткоф на Москва.

Карикатури: Marian Kamensky

Извор: https://www.portalnovosti.com/