Лекции по психоанализа (4) - Ид, Его и Суперего

28.11.2025 16:11
Лекции по психоанализа (4) - Ид, Его и Суперего


Напнатоста помеѓу строгото Суперего и Егото што му се потчинува ја нарекуваме чувство на вина, кое се изразува како потреба за казна. Цивилизацијата ја контролира опасната желба за агресија кај поединецот така што ја ослабува и ја разоружува, и воспоставува една „внатрешна инстанца“ која ја надгледува, како гарнизон во освоен град.

- Фројд, Неугодното во културата, 1930

 

Научивме, на пример, дека колку човек е поморален и подобродетелен, толку е посурово неговото Суперего, и дека тој се обвинува за несреќи за кои јасно не е виновен.

- Фројд, Неугодното во културата, 1930

 

Во оваа лекција ќе се задржиме на втората Фројдова топика, која го опишува психичкиот апарат преку три инстанци: Ид, Его и Суперего. Оваа теорија, развиена во „Ид и Его“ (1923), ја проширува првата топика и овозможува подобро разбирање на структурата на личноста и внатрешните психички конфликти.


Ако не сакаш да зборуваш за твојата мајка, дали ти пречи да зборуваме за мојата?

 

Идот Фројд го опишува како резервоар на нагоните и несвесните желби. Тој е најдревниот, најнејасниот дел од психата и работи според „принципот на задоволството“. Во Идот се содржани нагонските импулси кои постојано буткаат кон реализација. Фројд смета дека Идот ја претставува вистинската психичка реалност, бидејќи во него се вкоренети несвесното и потиснатите желби.

Егото е регулаторниот и адаптивниот дел од личноста. Тоа оперира со свесните и претсвесните процеси и е управувано од „принципот на реалноста“. Главната задача на Егото е да посредува меѓу барањата на Идот, ограничувањата на надворешната реалност и моралните наредби на Суперегото. Егото се служи со одбранбени механизми — како потиснувањето — за да го одржи психичкиот баланс. Фројд го споредува Егото со „бедна душа“ која мора да служи на три господари: Идот, Суперегото и реалноста.

Суперегото е моралната и оценувачка инстанца на личноста. Тоа се формира преку интернализација на родителските и општествените забрани и е наследник на Едиповиот комплекс. Суперегото ги претставува нашите идеали и морални стандарди, ги суди желбите на Идот и ги оценува постапките на Егото, често предизвикувајќи чувство на вина или недоволност. Делумно е несвесно и може да биде строго, па дури и сурово кон Егото.


„Емоционалниот багаж оставен без надзор ќе биде отстранет и уништен.”

Една илустративна слика за трите инстанци е следната: Замислете го умот како кочија (веројатно викторијанска) со коњ, во која возачот (Егото) очајно се обидува да го контролира гладниот, похотлив и непослушен коњ (Идот), додека таткото на возачот (Суперегото) седи на задното седиште и му држи лекции на возачот за тоа што прави погрешно.

Втората топика објаснува дека конфликтите меѓу овие три инстанци се основата на психичките нарушувања. Идот врши постојан притисок за задоволување, Суперегото поставува забрани, а Егото се обидува да најде одржливо решение. Кога Егото не може да го усогласи овој внатрешен судир, се појавуваат невротски симптоми. Попрецизно, според Фројд трансферната (типична) невроза е одговор на конфликтот меѓу Егото и Идот; нарцистичката невроза — на конфликт помеѓу Егото и Суперегото; а психозата — на конфликтот меѓу Егото и надворешниот свет.

Втората топика ни дава важна клиничка насока. Низ визура на оваа топика, психоаналитичкиот третман цели кон зајакнување на Егото и олеснување на строгите барања на Суперегото, за личноста подобро да се справува со своите нагонски импулси. Оваа топика ќе отвори пат кон различни реобмислувања, меѓу кои теориите на “его-психоанализата“ и “селф-психологијата“ кои ставаат снажен акцент врз омоќувањето за Егото. Од друга страна, Лакан, во своето „враќање кон Фројд“, ќе го минимизира значењето на Егото (нарекувајки го илузорно и лажно) и ќе се фокусира на Идот/несвесното како место на несвесното и желбата. И воедно ќе предложи ново структурно поимање на психата преку трите регистри: Реално, Симболично и Имагинарно.


Се согласуваш, Боб? Би се опишал себе како некој што контролира?

Слики: Дејв Коверли

ОкоБоли главаВицФото