Првата средба меѓу Маседуан Ленорман и Киро Глигоров

01.12.2025 12:06
Првата средба меѓу Маседуан Ленорман и Киро Глигоров

 

Првата средба меѓу гатачката Маседуан Ленорман и претседателот Киро Глигоров се случила летото 1991 година. Југославија се распаѓала, републиките распишувале референдуми за самостојност, се наѕирала војна. Еден од ретките умни, искусни и харизматични луѓе во заминувачкото комунистичко раководство кое некако се обидувало да се договори, бил Киро Глигоров. Бил мошне загрижен за непосредната иднина на регионот и на својата земја, Република Македонија, многу слаба и практично неспособна за самостојност, во тој историски миг (а и подоцна, како што се покажаа работите).

‒ Ви благодарам што дојдовте во Скопје, мадам Ленорман, и на ова опскурно место, тајниот простор на гостилницата „Јоле“. Знаете дека работава со Југославија е многу лоша, та дури и во Скопје деновиве нема многу дискретни места за осетлив муабет.

Тајната просторија во „Јоле“ била мала, без прозорци, со витражи на ѕидовите, дискретно осветлени однатре, можеби како замена за прозорците.

‒ Ми се свиѓа просторов, господине Глигоров ‒ рекла Маседуан. ‒ Како да сум во роман на Александар Дима ‒ се насмеала гостинката од Париз, со своите сребрено-сиви очи, како да испушта перче светкава магла, како сипа. Имала темнокафена коса (со нијанси на бакар и пурпур), носела кафеав фустан и кожни чевли до глужд со малецок врежан симбол над петицата, севидечко око. На реверот носела необичен брош од три мали кугли од розов кварц во кои биле затворени по една тридимензионална темна буква или знак, како пламенчиња во џамлија.



Новостите не се добри.

 

‒ Овде ни претстои референдум за осамостојување, госпоѓо Ленорман. Нè чекаат деликатни одлуки. Тешко е да се предвиди што ќе се случува, особено со слабава Македонија, и со нејзините тешко предвидливи граѓани, за кои баш и не сум сигурен дека во моментов сакаат осамостојување.

‒ Следам што се случува, господине претседателе. Слободан Милошевиќ е изразито дијаболична фигура и тој ја влече целата сцена во војна. Не би сакала да сум во вашата кожа...

‒ Не е само Милошевиќ, важен дел од апаратот има полза од војната како грабеж, шверц, приватизација...

‒ Како што рече мадам Лиота: Serpents and spiders, tail of a rat, Call in the spirits, wherever they’re at!

‒ Да, подземјето излегува на површина, војната е голем потрес...

‒ Лагата станува вистина, сенката светлина...

‒ Милошевиќ е веројатно најдеструктивен и најалчен. Туѓман делумно е сличен, психолошки, како тежок националист, но е спремен на некакви компромиси. На другите републики двајцава гледаат како на монети за поткусурување, повеќе-помалку. Босна и Херцеговина е најзагрозена, но и овде кај нас може да биде многу лошо.

‒ Ќе ви раскажам една стара и кратка арапска приказна, математичка, на некој начин, што значи типично арапска, зарем не? ‒ рекла Маседуан, овојпат без насмевка. ‒ Ја спремив за вас, пред да дојдам во Скопје. Се разбира, приказната не е само математичка туку е и психолошка и политичка, би можеле да речеме.

‒ Повелете, во уво сум претворен ‒ рекол Глигоров.



Ќе ви порасне брадичка.

 

‒ На еден стар Арапин му дошле тројца младичи и му рекле: „Почина нашиот татко. Ни остави седумнаесет камили и во тестаменот назначи најстариот син да добие половина, вториот третина, а најмладиот деветина од камилите. Сега не можеме да се согласиме околу поделбата. Одлучи ти, старецу!“ Стариот се замислил и рекол: „Како што гледам, за да можете да поделите точно, имате една камила помалку. Јас имам само една камила и ви ја давам на располагање. Земете ја, делете ја и вратете ми го само она што ќе преостане.“ Младичите се заблагодариле за пријателската услуга и ја повеле со себе камилата на советодавачот. Тогаш ги поделиле осумнаесетте камили на начин најстариот да добие половина, тоа се девет, вториот третина, тоа се шест, а најмладиот деветина, тоа се две камили. Се вџашиле кога настрана ги одвоиле своите камили ‒ една останала. Нејзе ја вратиле кај стариот мудрец и уште еднаш му се заблагодариле.

‒ Ох, Маседуан, тоа е тоа! Ме просветливте! Да не речам, ме доведовте до катарза... ‒ рекол претседателот на Македонија. ‒ „Парчете ја, делете ја... и вратете ја!“ Милошевиќ сака половина, Туѓман отприлика третина, Кучан си е задоволен со своето, деветина, а јас ќе им ја понудам нашата камила! И мирна Бачка! Ќе си го грабнат нивното, и на крај ќе ни го вратат грбавово ни добиче, да не речам наказиче, заборавено овде уште од античките времиња.

Така и било. Глигоров смислил референдумското прашање за осомостојување да има опција за приклучување кон некоја евентуална идна Југославија. Чудните Македонци го изгласале чудниот референдум и биднала независна Македонија. Со помош на Маседуан Ленорман.



Сакаш сите девет по ред?

 

***

Но, првата средба меѓу Глигоров и Ленорман потрајала уште малку. Да го видиме крајот.

‒ Гледам, Маседуан, сте ја земале и својата кристална кугла, ако не се лажам? ‒ прашал Глигоров, покажувајќи со поглед на фината зелена прекривка во средината на масата.

‒ Да, мојата кварцна кугла, за гатање, е под ќебенцето. Ја носам насекаде, се разбира, тоа ми е работа.

‒ Што вели куглата за мојата приватна иднина, Маседуан?

‒ Дозволете, ми требаат минута-две да се концентрирам на куглата ‒ рекла гатачката, намалувајќи ја светлината во собата и палејќи една необична трикрака свеќа на масата. ‒ Можете и самите да се приближите до куглата, да ги фатам и вашите одсјаи...

Претседателот ја приближил главата до светлосно пулсирачката кугла.

‒ ...Гледам Киклоп, затворен во пештера, ранет, можеби ослепен, на пештерскиот ѕид едвај треперат одблесоците од огнот... Гледам две експлозии, едната со пламен и лед... Гледам прекинат лет, пад, смрт...

Мадам Ленорман замолчела, а Киро се обидел да ја врати назад од малиот транс: ‒ Киклопот сум јас, мадам? Кога веќе сме кај наказите, денес...

‒ Ох, не сум сигурна, одблесоците се како Роршахови флеки, а моите погледи се како проекции... Но, да, ми се чини дека едноокиот сте вие.

‒ Сликите се поважни од зборовите, во вашиот свет, Маседуан?

‒ Да. Повредно е да се види лицето отколку да се слушне името. А сликите треба да се излупат од нивната лушпа, за да се сфати нивното значење.

‒ Можеби вистината за човекот, како во психоанализата?

‒ На некој начин... Кристалот е посредник меѓу видливото и невидливото, меѓу внатрешноста на земјата и небото. Светлината што извира од невидливото и од небескиот свет треба да го го преобрази нашиов долен свет, наредувајќи мешање и вртложење на честичките кон некакво можеби примордијално единство - рекла Маседуан Ленорман.

‒ Доволно беше за денес. Нека биде како што е запишано во честичките и одблесоците, рекол Глигоров, срдечно ѝ се заблагодарил на мадам Ленорман, и си заминал.



Главата се оттркала. Не е на арно, се разбира.

Слики: Дејв Коверли

Маседуан Ленорман и Киро Глигоров, втората средба

ОкоБоли главаВицФото