1008 hPa
87 %
9 °C
Скопје - Саб, 06.12.2025 06:59

Ве покануваме на промоцијата на публикацијата И ПОСЛЕ СЀ, ПРОБЛЕМИ СО РОДОТ– Критички истражувања за родот, полот и сексуалноста која ќе се оддржи на 3 декември, со почеток од 20 часот во Кафе КОТУР.
Овој зборник текстови произлегува од потребата за создавање простор за колективно критичко мислење во услови на растечка антиродова реторика и политички неоконзервативен притисок. Наместо да се прифати окупацијата на јавниот дискурс, зборникот настојува да ги врати поимите во нивната аналитичка и еманципаторска димензија, нудејќи алатка корисна за студенти, наставници, академски работници и пошироката јавност. Неговата структура се движи низ повеќе дисциплини, методолошки рамки и терени, од историја до биологија, од политичка економија до теории на телесноста, од филозофија до социологија и антропологија, од неврологија и еволутивна биологија до биополитика, од југословенскиот социјализам до современите квир студии, сѐ со намера да ги поврзе знаењата од различните области коишто јасно ги распетлуваат антиродовите митови и ги демистифицираат родовите идеолошки операции на овие движења.
Зборникот ги поврзува темелните теории на Џоан Валах Скот, Џудит Батлер, Гејл Рубин, Барбара Џ. Рисман и Џорџијан Дејвис со регионалните историографии на Ивана Хаџиевска, Ивана Пантелиќ и Адријана Захаријевиќ, истражувањето на Франко Дота за ран хомофилен активизам, постколонијалните анализи на Марија Лугонес, Серена Нанда и Џени Андрин Мадсен Еванг, марксистичките и економско-политички согледувања на Холи Луис и Ненси Фрејзер, како и современите научни ревизии на биолошкиот бинаризам кај Џоан Рафгарден, Мајра Џ. Херд, Закари Дубоа, Хетер Шатак-Хајдорн, Хајд, Биглер, Џоел, Тејт, Ван Андерс и Агустин Фуентес.
На настанот ќе разговараат промоторките Ирена Цветковиќ, Јана Јакимовска (Радио Милева) и Калиа Димитрова (МЕДУЗА), а посетителите ќе можат бесплатно да добијат печатен примерок од книгата.
Ваши,
Коалиција МАРГИНИ
***
„И после сѐ, и после сите изминати децении на борба, демократски трансформации, еманципаторски движења, епистемолошки преврати и културни револуции, родот повторно лебди како сениште, како проблем и неизвесност за која авторитарните гласови и фашистички страсти се мобилизираат хистерично во потрага по ‘конечното решение’. Наспроти нив, стои оваа книга, како повик да останеме, и после сѐ, со проблемите со родот, без нивната разрешница, затворање и категоријално дефинирање. А сепак, со нужноста да талкаме низ неговите комплексни лавиринти, истории и испреплетувања, критички и игровито, со остроумност и смеа, перформативно и импровизаторски. Како скок кон непознатото, како отворање кон иднината полна со тела за коишто сѐ уште не знаеме што можат да направат и да бидат.“
– уредничка забелешка на Мања Величковска, Славчо Димитров и Сара Миленковска