Сто филмови за попреченост – филмот како огледало на телото, психата и културата

03.12.2025 01:49
Сто филмови за попреченост – филмот како огледало на телото, психата и културата

„Сто филмови за попреченост“ е книга што веднаш открива дека зад себе носи долга и посветена работа. Антологијата е внимателно обликувана мапа на начините на кои филмот ги создава и преиспитува претставите за телото коешто отстапува од прифатената норма.

Авторот го темели проектот врз идејата дека филмот е чувствителен механизам што обликува субјекти, културни очекувања, па и општествени структури.

Личната трага е суштински дел од книгата: филмови кои ја формирале младоста на авторот, ноар-естетиката како интимна опсесија што добива ново толкување, документарци и анимации што го прошируваат хоризонтот на медиумот. Во овој избор се вклучени и неколку југословенски филмови што ја обликувале регионалната културна чувствителност, како и еден македонски наслов — документарецот Беласица, покрај кој тематските и стилските линии на книгата добиваат дополнителна локална димензија.

Особено значаен е и фактот што во антологијата се опфатени филмови на дваесетина режисерки. Нивното присуство не е само квантитативен показател, туку суштински придонес во разбирањето на попреченоста како тема што бара разнородни погледи, чувствителности и искуства. Женските авторки овде внесуваат нови перспективи, често поинтимни, порадикални и со поинакво чувство за тело и простор.

Овој пристап ја истакнува основната теза — попреченоста не е фиксирана категорија, таа е инаква перспектива: начин на гледање и читање на светот. Истовремено, критичката нишка укажува како инвалидното тело во историјата на визуелната култура често било прикажувано како монструозно, хумористично, метафорично или екстравагантно, а многу ретко како реално, искуствено тело со своја комплексност. Книгата се спротивставува на тој наратив, барајќи автентичност, одговорност и поголема чувствителност во филмските репрезентации.

Антологијата функционира како „контактна зона“ — отворен простор за дијалог, интеракција и нови интерпретации. Не претендира да биде затворен архив, ами место каде што читателот може да истражува, да преиспитува и да ги проширува сопствените сфаќања.

Во таа смисла, „Сто филмови за попреченост“ е ретка публикација: интелигентна, внимателна и автентично ангажирана. Книга што архивира филмови, а пред се нè учи да гледаме поосвестено — со повеќе емпатија, чувствителност и разбирање дека секоја слика носи идеологија, а секое тело своја приказна.

Сродни прилози

ОкоБоли главаВицФото