Кога се забрануваат вицеви

04.12.2025 01:00
Кога се забрануваат вицеви

Ти реков? Нема чудовиште под бирото, нема чудовиште во гардероберот и нема чудовиште што зјапа на прозорецот! Биди добро директорче и продолжи со работа!

 

Не сите политички лидери мразат кога карикатуристите се шегуваат со нив. Некои од нив дури ги чуваат тие дела гордо во своите канцеларии. Но, тоа се обично политичари со демократска ориентација, а не авторитарни лидери чија моќ зависи од култот на личноста.

Американскиот претседател Доналд Трамп, демократски избран лидер со силни автократски склоности, не е во состојба да поднесе потсмев. Некои велат дека неговата одлука да се кандидира за претседател била реакција на шегите што тогашниот претседател Барак Обама ги правеше на негова сметка во 2011 година на традиционалната годишна вечера за известувачи од Белата куќа. Во тоа време Трамп не можеше ништо да стори во врска со тоа. Сега е, како претседател, во можност да се обиде да ги замолчи оние што му се потсмеваат.

Телевизиската куќа Еј-би-си, во сопственост на Дизни, во септември, под притисок на претседавачот на Федералната комисија за комуникации (FCC), го прекина емитувањето на доцната емисија на комичарот Џими Кимел, кој редовно го критикува Трамп. Трамп ова го поздрави како „одлична вест за Америка“. Тоа потоа предизвика таква лавина протести – според извештаите, претплатата за Дизни+, Хулу и ЕСПН ја откажаа 1,7 милиони луѓе – што седум дена подоцна емисијата на Кимел беше вратена во програмската шема. Сепак, Трамп се закани со одземање лиценца на телевизиските мрежи што прикажуваат емисии во кои комичари прават вицеви на негова сметка.

Опушти се, Феклер. Те расклопивме за да можеме повторно да те составиме како според наш терк.

 

Трамп не греши кога ја препознава моќта на хуморот. Францускиот филозоф Волтер, еден од најголемите сатиричари на сите времиња, еднаш забележал: „Само еднаш упатив молба до Бога, и тоа кратка: ‘О, Господе, направи моите непријатели да испаднат смешни’“. Со исмевање се разоткриваат лицемерието, преувеличувањето, лажливоста и самољубието – што сè спаѓа во стандардните трикови со кои се служат авторитарните лидери.

Во минатото, монарсите и моќното благородништво разбирале дека исмевањето може да послужи како неопходен коректив на склоноста на дворјаните да им ласкаат на владетелите. За тоа биле задолжени дворските луди, на кои им било дозволено неказнето да се шегуваат на сметка на владетелот – барем до одредена мера. Но, тоа било можно затоа што сите ги третирале како будали кои не претставуваат никаква закана за оние во чии раце е моќта.

Уште од антички Рим, сатиричарите и комичарите имале две главни мети. Првата се идеите – како секуларни, така и верски светости. Тоа беше омилениот терен на Волтер. Тој обожаваше да ѝ се потсмева на Католичката црква, која ја сметаше за корумпирана институција што ги угнетува луѓето со ширење суеверие. „Религијата настанала кога првиот измамник ја сретнал првата будала“, говореше тој.

Дали некогаш си окупирал некоја земја, а потоа да заборавиш зошто?

 

Бидејќи сатиричарите, од Волтер до Кимел, често исмеваат етаблирани авторитети, би можело да се претпостави дека овој вид хумор е генерално гледано „прогресивен“, па дури и левичарски. Но, всушност најсмртоносните сатиричари може да се најдат меѓу конзервативците. Џонатан Свифт, на пример, беше жесток бранител на Англиканската црква. За конзервативниот комичар нема посочна мета од покорните претензии на идеалистите, чија жестина на залагањето за промени често е неспоива со смислата за хумор. Комедијата повеќе лежи во скептицизмот и сомничавоста отколку во страсното залагање за благородни цели.

Другиот вид сатира е насочен кон личностите на оние на власт. Храбри се оние комичари кои се осмелуваат да укажат на тоа дека царот е гол. Како што еднаш запиша Боб Дилан: „Дури и претседателот на Соединетите Држави понекогаш мора гол да биде“ (стих од песната It’s Alright, Ma (I’m Only Bleeding) од 1965 година).

Овој вид потсмев ретко е убиствен кога станува збор за обични политичари. Но, авторитетот на монарсите и на автократските лидери зависи од аурата околу нив. Луѓето им се покоруваат затоа што веруваат дека кралевите, кралиците и диктаторите се непобедливи. Големата сцена на моќта за владетелот е еднакво важна колку и насилството со кое им се заканува на непокорните. Кога комичарите тоа го земаат за мета, попатно разоткривајќи ги таквите лидери како будалести расипници, со тоа упатуваат предизвик на самиот извор на апсолутна моќ.

Свечено се заколнувам дека никогаш и никому нема да кажам дека кралот Ричард Лајонхарт има пејсмејкер.

 

Хитлер беше разгневен од ремек-делото на Чарли Чаплин од 1940 година, „Големиот диктатор“. Чаплин не мораше да ја разоткрива убиствената природа на фашизмот: доволно му беше Хитлер и Мусолини да ги прикаже како будали. За демагогот ништо не е попогубно од тоа да му се смеете.

Во либералните општества како САД, Велика Британија или Франција, лидерите – вклучувајќи кралеви и кралици – мора да истрпат извесно ниво на потсмев. Карикатуристите од 18 и 19 век често не биле милостиви. Томас Роуландсон (1756-1827) го портретирал принцот од Велс како пијан „глупак“. Оноре Домје (1808-1879) го прикажувал кралот Луј-Филип како непристојно дебел.

Како и жолтиот печат, ваквиот вид омаловажување била цената што требало да се плати во име на слободата на изразување. Тоа е секако случај во Америка, каде што Првиот амандман нуди широка заштита на слободата на говорот – поголема отколку во која било друга земја. Јавните личности можат да бидат критикувани, пародирани, исмевани, па дури и обвинувани за што било – сè додека не е можно да се докаже дека зад тоа стои „вистинска зла намера“.

Издржи, Харингтон! Ќе те извлечеме!

 

Покојниот чешки режисер Милош Форман, кој во 1968 година емигрирал во САД, во 1996 година го сними филмот „Народот против Лари Флинт“. Во него е прикажана правната битка помеѓу Флинт, сопственикот на порнографското списание „Хаслер“, и Џери Фолвел, телевизискиот евангелист кој го тужел Флинт поради емоционален стрес претрпен откако во „Хаслер“ била објавена пародична реклама во која Фолвел прераскажува сексуален однос со сопствената мајка.

Врховниот суд во 1988 година едногласно пресуди дека емоционалниот стрес не е доволна причина да се негира правото загарантирано со Првиот амандман на изразување критички ставови за државните службеници и другите јавни личности.

Форман, бегалец од комунистичка Чехословачка, бил благодарен на Америка за Првиот амандман, кој му овозможил да прикаже како еден лигав порнограф се шегувал со еден познат верски лидер.

Ако Трамп успее да ги замолчи луѓето кои јавно му се потсмеваат, земјата во која Форман, кој почина во 2018 година, и милиони други некогаш нашле слобода ќе престане да постои.

Собери ги твоите луѓе, јас ќе ги соберам моите и ќе скокаме горе-долу и ќе си се закануваме еден на друг.

 

Карикатури: Бил Вајтхед

ОкоБоли главаВицФото