1025 hPa
93 %
-1 °C
Скопје - Чет, 15.01.2026 21:59

Изложбата „Живот за уметноста“ е „заеднички“ потфат на Александар и на Ивана Настески. Делата на ќерката Ивана и на нејзиниот сега покоен татко Александар сведочат за живот живеан и изживеан за уметноста.
Тој живот, минат и тековен, е претставен во тука изложените слики. Иако воглавном се во карактеристичен стил и ликовен израз на секој од уметниците, има и слики кои отстапуваат од стандардните практики и техники. Со тоа е збогатена самата изложба, но и на повпечатлив начин се доловува терминот „живот“ во насловот. Животот во многу што е израз на нашите приоритети, фокус и стремежи, но исто така каков би бил тој живот ако напати не нѐ изненади, не нѐ растажи, но и ненадејно не нѐ израдува? Разновидните слики токму тоа и го отсликуваат.
Но сепак двајцата уметници темелно ги запознаваме од уметничката техника и стил кои им е својствен. Како увид во нивната карактеристична уметност ќе земам предвид по две слики од секој уметник.
Шар планина како инспирација
Александар Настески во најзрелиот период на своето сликарство бил инспириран од напати нестварната убавина на Шар планина, буквално од спојот на органското и неорганското. Врз тоа тој го надоврзал својот мечтателски поглед кон ѕвездите, кон вселената и кон галаксиите. Во оваа соработка на петте телесни сетила со мечтата тој ќе ги внесе древните космогонии од сите краеви на Земјата. Особен впечаток ќе му остават како што тој вели „античкото македонско сликарство од кралските гробници во Пела и Кутлеш. Така во последната етапа од творештвото Настески создава слики-циклус кој го нарекува „Македонија–Ера на кладенците–Менадите.“
Одличен приказ на неговата инспирација и уметнички израз е сликата со наслов „Галаксија I“. Таа е инспирирана од, како што Настески вели, „астрална карта“, „една од првите карти во светот на кои е претставена нашата галаксија Млечниот пат.“
На неа гледаме како неговото опитно уметничко око и рака вплотуваат праисториски космогониски системи наведувани и од современите придобивки на астрофизиката. Така, прецизноста на прикажувањето на едно соѕвездие кое на дрвените цивилизации не им било на располагање, станува подлога за уметничкиот „вител“ кој во неа гледа и „око“ – симбол на бројни древни теогонии и космогонии. Ова „перивлептно“ „севидливо“ око истовремено е извор на пламените искри, материјата и анти-материјата од која сѐ друго е создадено во вселената. Соодветно со митските прикази од космичкиот виор се гледаат луѓе во разни фази на антропогонија кои истовремено се и фази на човечката цивилизација. На сликата е отсликан култот на прамајката и на плодноста. Покрај неа прикажани се сцени кои укажуваат на раѓањето и на развојот на човечката цивилизација и култура – атлетика, занаетчиство, танц и религиозна ониричка мистика.
.jpg)
„Галаксија“ - Александар Настески
Окото-галаксија е и симбол на сонцето. Со оваа двојна семиотика Александар Настески реферира на античко-македонската иконографија на сонцето од Кутлеш. Така Александар прави спој на древното, на митолошкото, на историското и на цивилизациското обликувајќи ги според својот автентичен модерен експресионизам. Во овој спој го препознаваме неговиот современ формален уметнички јазик кој говори и со јазиците на архаичното, на контемплативното и на духовното.
Во една негова друга слика, „Рисот од Пена“ Настески е повторно нурнат во праисторијата, но во овој случај очите му се вперени во Земјата. Се работи за природните убавини на Шар Планина од каде истекува реката Пена како и за карпестата уметност која тој ја открива по разните камени предели на овој раскошен национален парк во Македонија.
Надојдените брзаци на Пена се подлогата за космогониите како што во претходната слика беше галаксијата. Од секој дел на сликата блика космолошко раздвижување. Забрзаната вода се распрскува во безброј животворни и животодавни капки. Тие се разбиваат во волшебни форми и го прекршуваат спектарот на светлината во разни бои, од светло-сина до темно-зелена. Синото и зеленото се архетипски симболи општо на постоењето, а особено на животот. Налик на раѓањето на Афродита од морската пена, гледаме жена која како и самата да се „раѓа“ од реката Пена. Фигурата е стилизирана во женски идеал – сведоштво за триумфот на животот. Прамајката се раѓа во вода за потоа низ милениумите женскиот пол во својата утроба да зачнува нов човечки живот кој безбедно расте во плодова вода. Сето ова се симболи на духовна моќ, на инстинкт и на ритуална заштита.
.jpg)
„Рисот од Пена“ - Александар Настески
Под оваа сцена се одвива драмата на животинскиот свет. Рисот, симболот на македонските планини и општо на Македонија лови речна пастрмка. Изработени во релјеф, фигурите на големата мачка, на рибата, но, интересно, и на крстот се прелеваат на карпата на која водата, времето, природните стихии и праисториското човештво изработиле свои уметнички дела. Но не само тоа. Според Александар „Гравирите, пиктажите, рељефите на карпите укажуваат на тоа дека тие настанале кога можело да се живее надвор од пештерите. … Тоа значи само едно: дека од палеолитот, но најповеќе во Мезолитот и подоцна на Шара врвело од живот!“
Гледано од птичја перспектива пред очите на набљудувачите во водните брзаци се оцртува антропоморфна фигура на небесно или на ангелско битие кое како да извикува пред пастирите во Витлеем, „Слава во висините на Бог, а меѓу луѓето добра волја“.
И во овој случај имаме визуелно „присвојување“ на праисториска ликовност, древна религиозност, ритуали на плодност, на лов и на сеопшта врска на сѐ со сѐ. Тие се вткаени во современа мито-поетска композиција составена од „вечни“ симболи за кои уметникот се доживува како медиум за својата но и за идните генерации.
Структурата и емоцијата во рамнотежа
Од вселенското, галактичкото и праисториското на таткото Александар се свртуваме кон уметничките графики на ќерката Ивана Настески, кои во сосема друг медиум и со инаков уметнички израз и стил се повикуваат на примордијалното. Во овој случај се работи за графичката дисциплина во уметноста.
Првата графика на која се осврнуваме е фигура на крст со четири круга насловена како „Знак“. Централното внимание секако го привлекува крстот, симбол со толку Новозаветен набој што не може а да не избие во прв план. Но во оваа графичка композиција крстовидната форма е ставена во широк контекст. Тука крстот е и мистичен, филозофски, социјален дури и политички симбол. На четирите краци се распознаваат човечки фигури, во ритуал ли, во танц ли, во транс ли, во битка ли? Човештвото распнато меѓу екстаза и агонија; и сиот живот меѓу тие две крајности. Централниот дел на крстот е дефиниран со портокалово-црвен круг кој дополнително ја потенцира рамнотежата на композицијата. Портокалово-црвеното е симбол на страст и на живот или уште подобро на страст за живот. Централниот круг „пулсира“ и ги држи четирите краеви заедно наспроти центрифугалната сила под чие дејство секој крак би се стремел во спротивна насока. Вака тие покажуваат на четирите страни на светот и не се инструмент на раздор, туку патоказ.
.jpg)
„Знак“ - Ивана Настески
Околу крстот и централниот огнен круг стојат четири монохроматски кругови. Одблиску погледнати тие потсетуваат на отпечатоци на прсти, на „издупчената“ површина на месечината, на структури гледани низ микроскоп, но и на украсни токи на женски појас од народна носија, веројатно тетовска! Динамичен спој на свесното и на несвесното, на видливото и на невидливото, на реалното и на симболичното. Оваа графика е одличен пример на баланс меѓу структурата и емоцијата, меѓу потегот на академската сликарка и разиграното движење на детето во неа.
Органски и неоргански елементи елегантно се сплотени во графички израз кој е прецизно проектиран и изработен, а е истовремено со свој органски „раст“. Ивана Настески уметнички, вешто, умешно, но и инстинктивно и интуитивно поврзува прасимболички и телесни архетипови со симболи од природата за да создаде свој автентичен уметнички јазик кој говори со иста ревност за структурите на законите на физиката како и за длабоките и во крајна смисла неискажливи емоции.
Втората графика на Ивана Настески е насловена со „Глорификација на сонцето.“ Се разбира оваа глорификација е веднаш и глорификација на животот, зашто без сонцето оваа засега единствено позната планета со живот ќе биде уште една голема пуста карпа која талка низ вселената. Сонцето ја држи до себе, но на животоодржувачка далечина, а Земјата се врти околу него и околу својата замислена оска. Меѓу двете огнени претстави на сонцето се наоѓа монохроматска апстрактна фигура. Гледана од перспектива на митовите и на бајките овој средишен дел чија површина личи на мочуриштен предел, како да е излезен од митовите и бајките на древните Словени. Една од нив е опишана во збирката приказни на славната Ивана Брлиќ-Мажураниќ. Насловот е „Сонцето девер и Нева Невичица“. Насреде заплетот и расплетот во приказната има сцена со митолошката словенска фигура – Мокоша. Таа е хтонско волшевно битие, а е поврзана со водата, земјата, мочуриштата и со плодноста. Таа ги надгледува женските работи и судбини и е нивна своевидна заштитничка. Уметничката Ивана свесно или несвесно се поврзала со писателката Ивана, и ете ти го сонцето зиме како се грее во мочуриштето кај Мокоша. Таму се крие од декември до март, а потоа собира сила и од Април силно блеснува на небото. Двата феномена се убаво прикажани на графиката. Вистинска мито-поетска глорификација на сонцето.
.jpg)
„Глорификација на сонцето“ - Ивана Настески
Во една повеќе буквална паралела монохроматскиот дел ја претставува Земјината кора и оној горен слој – подобен за живот на флората, која пак е извор за животот на фауната. Монохроматските текстури се полни со мали форми и знаци, траги на растенија, камења или органски отпечатоци. Овие живи форми на почвата зависат од светлината и од топлината на сонцето.
Дијагоналната поставеност на двете илустрации на сонцето може да означуваат изгрејсонце и зајдисонце. Сонцето се подига и ја буди природата, за потоа да се спушти а со него и природата да заспие.
Покрај метафора за животот, сонцето секако е архетип на светлината и на доброто чиј архетипски непријател е темнината и злото. Со тоа Ивана Настески нѐ потсеќа дека не е доволно само да се живее, уште поважно е да се живее живот во светлина и во добрина со бескомпромисен отпор кон темнината и кон злото.
Конечно, може да се каже дека оваа изложба е „глорификација“ не само на животот туку и на уметноста. Секако привилегијата на уметниците е да зборуваат преку своите дела со години, децении, со векови па и со милениуми по нивната смрт. Мал исечок за таа вистина го имаме во сликите на Александар. Но неговата и особено уметноста на Ивана е потсетник дека дури и ние кои не сме ликовни уметници сме повикани да ја негуваме уметноста на живеењето која ги бара вештините на доброто, на вистинитото и на убавото, но над сѐ ја бара вештината на љубовта.