Од пријателство до непријателство – трансатлантска приказна

04.12.2025 11:45
Од пријателство до непријателство – трансатлантска приказна

 

Нема сомнеж дека Европа многу им должи на Соединетите Американски Држави. Никој никогаш не би требало да ја заборави повеќедецениската американска одбрана на слободата во Западна Европа и Западен Берлин, нејзиното успешно финансирање на обновата по Втората светска војна, победата во Студената војна и обединувањето на Европа под безбедносниот чадор на НАТО.

За Европа тоа беа успешни, среќни и, мора да се каже, удобни децении. Но, тие, исто така, ги втурнаа Европејците во самозадоволство. Не забележавме дека перспективата од центарот на американската империја беше прилично поинаква од нашата; дека Соединетите Држави се чувствувале оптоварено и пренапрегнато; и дека сè повеќе го носеле товарот потежок од оној што паѓаше на плеќите на нивната европска периферија. Американците водеа скапи војни во интерес на целокупната империја, додека ние ги усовршувавме нашите држави на благосостојба.

Војната во Ирак, финансиската криза од 2008 година, годините на деиндустријализација и ароганцијата на американските елити кон работничката класа и руралните гласачи создадоа идеални услови еден демагог да дојде на власт. И токму тоа се случи кога Доналд Трамп го презеде водството на Републиканската партија и победи на претседателските избори во 2016 година. Неговиот успех беше толку шокантен што ни тој самиот на почетокот целосно не сфати што се случило. Но, пред една година, кога повторно беше избран, ситуацијата се промени. Од неговата втора инаугурација во јануари, трансатлантскиот свет претрпе фундаментални промени.

За Трамп може да се каже многу, но едно никогаш не може да му се припише – дека е идеолог. Идеологијата на Трамп е самиот Трамп – и ништо повеќе од тоа. Истото, сепак, не може да се каже за неговиот потпретседател Џ. Д. Венс ниту за неговиот најтесен круг во Белата куќа, ниту за поширокото МАГА („Make America Great Again“) движење кое го поддржува.

Еден од водечките идеолози на тоа движење, Стивен Бенон, го гледа светот како бојно поле помеѓу јудејско-христијанската традиција и нејзините непријатели – меѓу кои ги вбројува дури и застапниците на самиот западен либерализам. Тој верува дека за победа во оваа глобална културна војна му се потребни сојузници и смета дека ги пронашол во европските десничарски популистички партии. Сега кога МАГА ја држи власта во САД, Бенон гледа можност да го прошири движењето со вршење притисок врз „декадентните“ Европејци.

Се чини дека тоа била и намерата на Венс кога во февруари, на Минхенската безбедносна конференција, го одржа својот контроверзен говор. Откако ги искритикува европските функционери присутни во салата, ја прикажа крајно десничарската партија „Алтернатива за Германија“ како жртва на цензура, иако администрацијата на Трамп, дома, во истото време, тужеше медиумски куќи и вршеше притисок врз универзитети.

Бенон и неговите сојузници отфрлаат сè за што се залага Европската Унија. Основана врз либерални вредности, Европската Унија има за цел да го надмине национализмот преку сè подлабока интеграција. Но, МАГА е отворено националистичко и сака да се здружи со оние што ги делат неговите шовинистички политички ставови. Така, под Трамп, трансатлантизмот се извртува наопаку. Тој веќе не е интернационалистички, туку е националистички проект.

Иронијата би требало да биде очигледна. Да не заборавиме, трансатлантизмот настана од борбата против нацистичкиот екстремен германски национализам и геноцидниот расизам во Втората светска војна и опстана за време на Студената војна против Советскиот Сојуз.

Но, дури и ако признаеме дека Европа неколку децении живееше удобно како американски протекторат, не смееме да подлегнеме на притисокот на моменталната американска администрација. Колку и да ѝ должиме на Америка, имаме обврски и кон себе – кон вредностите и принципите по кои веќе долго се водиме. Америка можеби ги напушти либералните вредности и го прифати популистичкиот национализам, но тоа не значи дека и ние треба да го сториме истото.

Всушност, за Европа – а особено за Германија – би било катастрофално да прифати таква самотрансформација. Никогаш не смееме да го заборавиме предупредувањето што поранешниот француски претседател Франсоа Митеран го изнесе во својот последен говор пред Европскиот парламент: „Национализмот е војна“. Во само неколку зборови, тој ја сумираше суштината на катастрофалното искуство на Европа со овој вид политика. За нас ова не е прашање на некаква апстрактна идеологија; станува збор за наследството на Европа како најнасилен дел од светот до 1945 година.

Ако американската радикална десница навистина се обиде да го урне европскиот постнационален проект – зданието што со голем напор го градеа многу генерации – на тоа би му се радувало само едно лице: Владимир Путин. Тоа би бил потполно трагичен и апсурден исход – еден вид дијалектика на неразумот.

Слики: Marco De Angelis

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото