Нова десница, стари демони

05.12.2025 00:18
Нова десница, стари демони

Такер Карлсон, поранешен водител на програмата на телевизијата Фокс њуз, а сега самостоен политички коментатор, минатиот месец го покани Ник Фуентес, неонацистички провокатор познат по негирањето на Холокаустот, на разговор што помина во мошне срдечна атмосфера. Давањето простор на Фуентес предизвика остри критики во редовите на американската десница. Реагирајќи на нападите, Кевин Робертс, претседател на фондацијата Херитиџ, една од највлијателните американски конзервативни организации, застана во одбрана на Карлсон и ги отфрли критиките како „злонамерни“.

Конфликтот брзо ескалираше, откако неколку членови на работната група за антисемитизам во рамки на фондацијата поднесоа оставки, по што истото го направија и неколку припадници на академската заедница. Робертс беше принуден да се извини.

Овие настани ја осветлија вистинската мала граѓанска војна што се води во рамки на американското движење МАГА, меѓу припадници кои се доживуваат себеси како конзервативци од мејнстримот, следбеници на Роналд Реган, и оние означени како „разбудена десница“ (woke right) кои се непријателски настроени кон либерализмот и глобализацијата и застапуваат политика на бел идентитет.

Критичарите ја обвинуваат радикалната десница дека премногу личи на левицата. „Како и нивната антитеза на левицата“, забележа либералниот автор Томас Чатертон Вилијамс годинава, „новата десница во средиштето на своето дејствување и размислување ги става поплаките поврзани со идентитетот, етничката свест и племенските стремежи“. Џејмс Линдзи, еден од највлијателните критичари на движењето на „разбудените“ во Америка, тврди дека поточно би било „да се опишат како револуционерни прогресивци во конзервативно руво“. Многумина сега стравуваат дека овој судир ќе се пренесе и на другата страна на Атлантикот. „Сè што почнува кај нив, завршува кај нас“, предупреди неодамна Дени Финкелстајн, колумнист на Тајмс.

Појавата што привлекува внимание и буди загриженост кај Чатертон Вилијамс, Линдзи и Финкелстајн е несомнено реална. На двете страни од Атлантикот сме сведоци на јакнење на отворениот расизам, политиката на бел идентитет, непријателството кон мигрантите и ширењето на антисемитизмот и антимуслиманската нетрпеливост. Но толкувањето на тие промени како „будење на десницата“, како рефлексија на „разбудената левица“, е погрешно зашто му дозволува на мејнстрим конзервативизмот да ја избегне одговорноста за сопствениот придонес кон овие промени. Тоа не се идеи увезени од Америка. Тие се домашни и одамна присутни.

Тековниот судир помеѓу старата и „разбудената десница“ е најнова манифестација на старите тензии во рамки на конзервативизмот. Конзервативците, забележа Роџер Скрутон, можеби најзначајниот конзервативен филозоф последниве децении, веруваат во важноста на слободниот пазар, приватната сопственост и индивидуалниот избор исто колку и во надреденото значење на заедницата, традицијата и местото, нештата што поставуваат граници на нашата слобода. Потпирајќи се на Едмунд Берк, основоположникот на модерниот конзервативизам, Скрутон тврди дека идеалното општество не се гради врз слободата или еднаквоста, туку врз покорноста, која е „примарната доблест на политичките битија“. За Скрутон, како и за Берк, „цената што ја плаќаме за заедницата се нетолеранцијата, исклучувањето и чувството дека смислата на животот е во покорноста“. Антилиберализмот е вграден во конзервативизмот уште од самиот почеток.

Истото може да се каже и за идентитетските политики. Повеќето луѓе ги сметаат за понов феномен поврзан со левицата. Но вистинскиот извор на тие политики треба да се бара на страната на реакционерната десница. Нејзиниот примарен израз, одамна пред да го добие тоа име, беше концептот на расата: верувањето дека вашето битие – вашиот идентитет – ги определува вашите вредности и вашето место во светот.

Конзервативните критичари на универзалистичките идеи произлезени од просветителството почнале да ги нагласуваат партикуларните групни идентитети во текот на 19 век. „Не постои човек сам по себе“, пишувал францускиот реакционерен мислител Жозеф де Местр во полемиката против концептот на човековите права. „Сум сретнал Французи, Италијанци и Руси… Што се однесува до човекот како таков, него сè уште не сум го сретнал.“

Партикуларизмот донесе романтична визија за секоја култура како особенa и единственa, а за секој народ како заедница дефинирана со единствено културно наследство отпорно на хировите на историјата. Тој придонесе и за развој на биолошкиот концепт на расата, кој набргу ќе стане доминантен во толкувањето на разликите меѓу луѓето.

Потоа дојдоа нацизмот и Холокаустот. Во нивната сенка биолошките идеи за расата беа маргинализирани. Наместо нив, примарниот јазик за разбирање на разликите помеѓу различните групи луѓе стана културата. Парадоксално, во повоениот свет романтичната визија за културата подеднакво ја прифатија и либералите и радикалната десница.

„Вистинското богатство на светот е разновидноста на неговите култури и народи.“ Ова може да звучи како изјава на либерал кој се залага за мултикултурализам. Всушност, тоа се зборови на Ален де Беноа, основачот на француската Нова десница, една од најважните фигури во процесот на преобликување на идеите на радикалната десница за светот по Холокаустот.

Либералите и левичарите го сфаќаа културниот плурализам како аргумент во прилог на поинклузивен свет. За радикалната десница, плурализмот беше средство за исклучување, нетолеранција и ребрендирање на расизмот како бел идентитет. Имигрантите, тврдеше де Беноа, засекогаш мора да останат аутсајдери, затоа што се носители на различни, неспоиви култури и истории. Тие мора да бидат исклучени од државјанството, бидејќи да се биде граѓанин значи „да се припаѓа… на татковината и на минатото“.

„Разбудената десница“ е резултат на префрлањето на ваквите идеи од најрадикалните маргини во дебатите што се водат во рамки на мејнстрим десницата. Преместувањето кон центарот беше успешно зашто последниве неколку години политичарите и коментаторите веќе го ограбија и присвоија идеолошкиот арсенал на радикалната десница. Многумина денес рутинирано ги опишуваат имигрантите како „освојувачи“, се прашуваат дали црнците и луѓето од Азија навистина можат да бидат Британци, жалат што белците ја губат „татковината“, а Британците „ја предаваат територијата“ – јазик кој би бил незамислив во дискусиите во мејнстримот пред две децении.

Новата десница не е само рефлексија на левицата. Таа е одраз на старите облици реакционерен конзервативизам што повторно се наметнуваат додека полибералните струи се повлекуваат. За успешно да се оспорат таквите реакционерни идеи, најпрво мора да разбереме што всушност се тие.

Карикатури: Angelo Lopez

Извор: https://observer.co.uk/