Јунакот кој не постоеше

25.03.2011 12:42
Јунакот кој не постоеше

Бесмртното тело лежело на подот, додека од десната слепочница течела крв. Адолф Хитлер, диктатор и најголемиот масовен убиец на сите времиња, си го одзеде животот на 30 април 1945 г., застрелувајќи се во подземниот бункер во Берлин. Тоа го сторил според однапред осмислен план.

Неговото тело како да му припаѓало на минатото. Сивото војничко одело го краселе само две медали, обете од Првата светска војна – Одликувањето за ранување и Железниот крст од прва класа. Хитлер се гордеел со нив зашто биле „зачинети со земјата на Франција и калта на Фландрија“.

За време на животот бил претставуван како човек од народот, чие политичко убедување длабоко се темелело во неговите претходни животни искуства. Се зборувало дека на почетокот на 1914 г. служел како доброволец, и дека „скромно придонел во Првата светска војна, под закрилата на силите на Германскиот рајх“.

Хитлер се фалел дека го „ризикувал својот живот, речиси секојдневно“ и дека секогаш „и’ гледал на смртта во очи“. Со други зборови, се претставувал себе си како херој кој „преживеал по некое чудо“ додека, пркосејќи им на куршумите, останал неустрашлив во „деновите на младоста кои биле величествени и незаборавни“.

Распространета е теоријата дека искуствата на Хитлер од Првата светска војна е она што придонело за неговиот радикализам и го поплочило патот за неговиот посветен и беспоштеден антисемитизам. Според овие податоци, Првата светска војна ја гледал како единствената катастрофа на 20-от век. Во книгата „Диктатори“, британскиот историчар Ричард Овери пишува: „Војната го создаде Хитлер, како што Сталин ја создаде револуцијата“. И неговиот колега Бритон Јан Кершоу верува дека Хитлеровиот светоглед е дефиниран во минатото. Јоаким Фест, чие ремек-дело „Хитлер“ стана најистакнатата биографија на овој злосторник, исто така е убеден дека причините треба да се бараат во раниот живот на диктаторот.

Корисни лаги

Томас Вебер, најновиот проучувач на Хитлеровата биографија, има сосем поинаков став кој несомнено ќе предизвика многу полемики. Овој 37-годишен историчар од Хаген, западна Германија, кој предава на универзитетот во Абердин, Шкотска, ја проучуваше документацијата која со децении остана речиси недопрена, прекриена со прав во главниот државен архив во Баварија. Документите содржеа податоци поврзани за Хитлеровиот полк, бригада и дивизија, судски списи со целосни транскрипти од сослушувањето на сведоците и адресирани писма кои биле конфискувани пред испраќањето – најголемото богатство за секој историчар.

Во својата книга „Првата војна на Хитлер“, Вебер ги користи овие документи за да ги побие распространетите тврдења за младоста на злосторникот и да ги демистифицира легендите кои кружат за него. На пример, Вебер укажува на тоа дека единицата во која служел тој никогаш не можела да биде претходничка на Нацистичката партија, како што се веруваше порано. На партијата ќе и’ се придружат само 2% од војниците од оваа единица.

Вебер понатаму објаснува дека Хитлер никогаш не бил на првата линија на фронтот, туку дека таму многу подоцна го сместила нацистичката пропаганда. Ваквиот вид обликување на лажно минато, всушност, претставувал висок политички чин во трката кон т.н. Machtergreifung, нацистичкото освојување на власта. Историчарот Герд Крумеих пишува дека ваквите постапки биле неопходни бидејќи „речиси да не доаѓало до совпаѓање на мислењето за тоа во општеството и т.н. Наци револуција“ кое било барем приближно цврсто како нивното мислење за заоставштината од Првата светска војна и сите настани поврзани со истата. Во реалноста, Хитлер поминал речиси пет години од Првата светска војна неколку километри оддалечен од борбеното тло, без никаква закана по неговата безбедност. Во војската служел како курир и не стигнувал до „полињата напаѓани од бомби“.

Според сензационалните тврдења на Вебер, тешко е дека идејата на Хитлер произлегла од трауматичните искуства во претходната војна. Тој пишува дека Хитлер од војната се вратил „збунет“ и дека неговите политички идеи „сè уште можеле да се развиваат во повеќе различни правци“.

Уривање на митот за Хитлер

Хитлер во војна заминал кога имал 25 години, а најверојатно бил дезертер. Во мај 1913 г. тој заминал во Баварија „во обид да побегне од австриските власти“. Меѓутоа, опкружен од военото расположение и патриотската треска кои ја зафатиле Баварија пред Првата светска војна, станал опседнат од борбата. Пишувал дека во битката не го вовлекле „народните маси, ни Бог, но знаел дека им бил потребен на луѓето“. Хитлер му се придружил на Баварскиот резервен пешадиски полк број 16 (RIR 16), под команда на Јулиус Лист. Како што тврди Вебер, RIR 16 не бил доброволен полк, ниту преполн со студенти, уметници и дипломци, како што подоцна прикажувала нацистичката пропаганда.

Всушност, вкупниот удел на идните и сегашни академици од 30% во војската која ја сочинувале доброволци бил смешен. Несразмерно голем број Евреи пристапиле доброволно во одбрана на својата „татковина“, а Вебер заклучува дека антисемитизмот во такви услови не ни можел да постои. Напротив, офицерите воделе сметка за тоа да им овозможат на Евреите да ја покажат својата вера и на фронтот.

Кон крајот на октомври 1914 г. слабо обучениот и несоодветно вооружениот полк го доживува своето „огнено крштевање“ во Битката кај Гелувелт. Со драматични претерувања, Хитлер пишува дека е единствениот преживеан во водот, што е малку веројатно. Во документите е забележано дека на 29 октомври во битката загинале вкупно 13 лица. Хитлер во „Mein Kampf“ пишува дека оваа битка е само „почеток“, додавајќи дека „ тоа се случувало многу пати, од година во година, но на крајот ужасот од военото поле прераснал во романса“.

По битката кај Гелувелт, Хитлер станал курир кој ги извршувал своите наредби најчесто сосем оддалечен од областите зафатени од војна, сместен во удобен заднински ешалон, каде што војниците добивале дури и слободни денови. Тоа биле „рајски услови“, тврди Вебер, за оние кои „деновите ги поминувале на фронтот и и’ гледале во очи на смртта“.

Мит во создавање

По пропаднатиот обид за пуч во 1923 г. и краткото време поминато во затвор, Хитлер и неговите следбеници решаваат да се послужат со приказната за военото јунаштво во Првата светска војна за да си обезбедат гласови за својот пат кон врвот. „Во периодот 1925-1933 г. приказната за воениот јунак Хитлер заземала централно место во неговата реторика“, пишува Вебер.

Некогашните пријатели на злосторникот во тоа време објавувале срцепарателни и романсирани мемоари со наслов „Со Адолф Хитлер во баварскиот RIR 16“ или „Адолф Хитлер на борбените полиња 1914-1918“. Еден автор отишол толку далеку што напишал дека само од тој полк дошол „човекот кој би можел да завладее, припадник на новата ера на идеи и неприкосновен, природен водач на својот народ“. Дури и во книгите за деца Хитлер во секоја битка бил „еден од најхрабрите војници“.

Секој што ќе се обидел да се побуни против ова фалсификување на историјата бил немилосрдно прогонуван и фрлан во концентрационен логор. Еден од еврејските офицери од неговиот полк, Хуго Гутман, паднал во канџите на Гестапо во 1937 г. и поминал два месеци во притвор поради „презривите, навредливи и невистинити тврдења за Фирерот“.

Гутман бил сведок на одликувањето на Хитлер со Железен крст од прва класа, исто онакво одликување со кое биле почестени и останатите курири во војната, и за тоа ги известил противниците на нацистичкиот режим. Тоа бил истиот медал кој Хитлер гордо го носел на денот кога извршил самоубиство.

Извор: e-novine

auuu, alal da vi e za

auuu, alal da vi e za statijava...

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото