1025 hPa
86 %
1 °C
Скопје - Чет, 15.01.2026 19:59

Умот претставува, пред сè, сцена на нагони; тие се примарните сили што ги движат нашите мисли, чувства и постапки.
Фројд, Воведни лекции по психоанализа (1916–17)
Најсложените достигнувања на мислата се можни и без помош на свеста; нагоните ја обезбедуваат основната енергија на мислата.
Фројд, Собрани дела, том 19, (1923)
Целта на животот е смртта, но животните нагони ѝ се спротивставуваат; од тука произлегува вечниот конфликт меѓу Ерос и Танатос.“
Фројд, Од онаа страна на принципот на задоволството (1920)
Во оваа лекција ќе ја разгледаме теоријата на нагоните, клучната област во Фројдовата метапсихологија. Според Фројд, нагоните се постојани сили кои потекнуваат од телесни стимулации и го движат организмот кон одредена цел. „Нагоните го претставуваат влијанието на телесните процеси врз умот. Тие тежнеат кон ослободување и го поттикнуваат целото човечко однесување“ (Фројд, 1916-17)
Нагоните дејствуваат на границата меѓу соматското и психичкото (и културното) и се мотор на нашата активност.
Според Фројд, нагонот е составен од четири елементи: извор, поттик, објект и цел. Изворот е соматскиот процес што започнува во некоја од ерогените зони на телото. Поттикот е постојаната сила што произлегува од изворот и врши притисок врз психичкиот апарат. Објектот му овозможува на нагонот да ја достигне својата цел; тој е променлив и зависен од околностите. Целта е задоволството што се јавува кога се отстранува состојбата на напнатост предизвикана од нагонот.
А што е со тебе, Боб? Не мислиш дека си малку посесивен?
Фројд предложил различни класификации на нагоните. На почетокот тој разликува „сексуални нагони“, насочени кон либидинално задоволство, и „его-нагони“, или нагони за самозачувување, кои го штитат животот на индивидуата. Сексуалните нагони потекнуваат од ерогените зони на телото (орална, анална, фалична) и ја поддржуваат виталната функција на организмот. Тие се основа на детската сексуалност и нс инвестициите во објектот.
Подоцна, почнувајќи со делото Отаде принципот на задоволството (1920), Фројд предлага нова дихотомија: животните нагони (Ерос) и нагоните кон смртта (Танатос). Животните нагони ги опфаќаат и сексуалните и нагоните за самозачувување, со цел создавање и одржување живи целини. Нагоните кон смртта, пак, тежнеат кон враќање во неорганска состојба и се манифестираат преку самоуништувачко или агресивно однесување. Оваа дихотомија го објаснува основниот конфликт што ја движи психичката динамика.
Конфликтот меѓу нагоните и ограничувањата на реалноста го формира јадрото на психичкиот апарат, создавајќи напнатост, потиснување и, на крајот, создавајќи ја самата цивилизација. (Фројд, 1930).
За момент да ја поврземе втората топика претставена во претходната лекција со нагоните: Егото (иако навидум рационално) пред сè слугува на барањата на нагонот, и на разни креативни или симптоматски компромисни начини посредува меѓу нагонските барања и забраните на Суперегото и ограничувањата од реалноста.
Првиот чекор е да се откажеш од мислењето дека ги контролираш своите движења.
Теоријата на нагоните има значајни клинички импликации. Таа помага да се разбере генезата на неврозите кои настануваат како резултат на конфликт меѓу барањата на нагонот и ограничувањата на Егото и Суперегото. Потиснувањето на сексуалните нагони често стои во основата на невротичните симптоми, кои претставуваат замена или супститут за потиснатото нагонско задоволство. Целта на психоанализата е постепено олабавување на потиснувањето, за да се овозможи подобра регулација на нагонските поттици. Една посакувана реализација на нагоните може да се случи низ процесот на сублимација - механизмот во позадината на уметничката и научната креација.
Фројд ја илустрира својата теорија со клинички примери. Во случајот на „Човекот-Стаорец“, тој покажува како опсесиите на пациентот (страв дека стаорци ќе продрат во анусот на неговиот татко и саканата) се маскиран израз на потиснати садистичко-анални нагони. Во случајот на „Човекот-Волк“, сонот со волците се толкува како израз на сексуална возбуда поврзана со прималната сцена и фантазијата за кастрација.
Теоријата на нагоните предизвикала бројни дебати во психоаналитичкото движење. Мелани Клајн ја нагласува улогата на раните деструктивни и агресивни нагони и нивното влијание врз формирањето на Егото. Жак Лакан, во своето „враќање кон Фројд“, ја реинтерпретира теоријата преку поимите барање и желба (demand and desire), подвлекувајќи ја симболичката и јазичната природа на нагоните артикулирани во говорот на субјектот. Од Лакан понатаму, на пример во делото на Јулија Кристева, се теоретизира поврзаноста меѓу телото и јазикот, или психата и сомата, односно неодвоивоста на јазикот од нагонската енергија.
Само немојте да ми ги сечете тетоважите.
Слики: Дејв Коверли
Превод на насловната карикатура:
Можеби ти не си помалото од двете зла. Можеби не си го нашол злото кое одговара на твоите таленти.