Мадуро му пркоси на Трамп

09.12.2025 00:41
Мадуро му пркоси на Трамп

На седницата на кабинетoт која се одржа во вторникот и се пренесуваше на телевизија, американскиот министер за одбрана Пит Хегсет и претседателот Доналд Трамп се обидоа да се одбранат од сè погласните критики за воената ескалација во Карипското Море, наводно насочена против криумчарите на дрога од Венецуела.

Трамп го свика состанокот бидејќи во Конгресот, но и во правните кругови, се појавуваат сè повеќе анализи кои тврдат дека при нападот на венецуелскиот брод што се случи во септември е извршено воено злосторство, бидејќи Хегсет тогаш одобрил два напади: првиот, во кој биле убиени деветмина, и вториот, со цел да се ликвидираат двете лица кои преживеале при првиот напад.

Голем број правни стручњаци, како и конгресмени од двете партии, сметаат дека вториот напад е противзаконски, а Хегсет и Трамп се обидоа да го оправдаат со тврдењето дека станувало збор за самоодбрана, иако е утврдено дека преживеаните во моментот на нападот „се држеле за остатоците што плутале од бродот“.

Освен тоа, Хегсет ја префрли одговорноста на својот подреден, адмиралот Френк М. Бредли, кој ја надгледувал операцијата. Тој рече дека самиот „не бил присутен“ во моментот кога бил нареден вториот удар, па американските медиуми јавуваат дека во редовите на војската расте стравувањето дека министерот ќе нареди уште незаконски напади.

Американската операција во Карипското Море трае од почетокот на септември, а во 21 напад се убиени повеќе од 80 луѓе. Номинална цел се венецуелските нарко-картели кои наводно ги преплавуваат САД со дрога, но бројни анализи на релевантни организации, меѓу кои и американски агенции, покажуваат дека Венецуела не е значаен фактор во меѓународната трговија со дрога.

Администрацијата на Доналд Трамп го користи ова обвинување како покритие за смена на режимот на венецуелскиот претседател Николас Мадуро уште од неговиот прв мандат, но Трамп се соочува со сè поголем отпор и во редовите на сопствената партија. Лидерот на републиканското мнозинство во Сенатот, Џон Тјун, на прес-конференција на 2 декември изјави дека Трамп делува во рамки на овластувањата што ги има како врховен командант, но одби да одговори дали има доверба во министерот за одбрана.

Пит Хегсет е познат како противник на „претераните“ правила за војниците на терен, а откако ја презеде функцијата министер за одбрана, спроведе низа чистки меѓу офицерскиот и правниот кадар и воведе рестриктивни правила за новинарите што известуваат од Пентагон. Во вторникот, и папата Лав XIV, инаку Американец, апелираше до Трамп да не се впушта во воена интервенција со цел да го смени венецуелскиот режим.

„Изгледа дека двајцата претседатели разговарале по телефон, но од друга страна постои опасност од инвазија на венецуелска територија“, рече папата, алудирајќи на телефонскиот разговор што бил одржан на 21 ноември, во кој според извештаите Трамп му понудил на Мадуро да поднесе оставка и заедно со семејството да ја напушти земјата и така да се „спаси“.

Мадуро, како што изјави самиот, го одбил тоа уште во телефонскиот разговор, а потоа во јавно обраќање дома рече дека не прифаќа „ропски“, односно „колонијален“ мир. Иако за тоа нема никаква правна основа, Трамп веднаш потоа објави дека воздушниот простор над Венецуела треба да се смета за „целосно затворен“ и со тоа поттикна шпекулации дека планира копнена офанзива.

Во Карипското Море се наоѓаат 15 илјади американски војници, што според мислењето на воените аналитичари е премногу за операција против нарко-трафиканти, но премалку за копнена инвазија, па преовладува мислењето дека Трамп сака со заплашување да го принуди Мадуро да се повлече од власт.

Историски гледано, САД во Латинска Америка смените на режими најчесто ги вршеа преку оркестрирани државни удари, ретко преку воена интервенција, а воените експерти практично едногласно оценуваат дека интервенција во Венецуела би имала катастрофални последици за целиот регион и за самите САД.

Венецуела е земја со најголеми резерви на нафта во светот и економски е силно поврзана со Кина. Откако Мадуро дојде на власт во 2013 година, тој е под постојан притисок од САД, манифестиран преку низа обиди за пуч, атентати и економски санкции, што доведе до зајакнување на внатрешната политичка репресија која постепено го слабее неговиот режим.

Карикатури: Marian Kamensky

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото