„Боемите пијат за да ja прошират слободата“

09.12.2025 15:30
„Боемите пијат за да ja прошират слободата“

 

Нечестивиот скаперник

Ѕвездан Георгиевски еднаш со досетка ја купил наклонетоста на Петре Андреевски:

‒ Знаете како се вика човек кој никогаш не плаќа тура во кафеана? Нечестивиот.

‒ Ааа, добра финта, нечестивиот ко вампир ем скаперник. А ја знаеш, Ѕвездан, анегдотата кога Радован Павловски честел цела кафеана?

Не ‒ рекол Ѕвездан.

‒ „Келнер, пијачки за цела кафана! Кога Радован пие, сите пијат!“, викнал поетот. „По некое време пак: „Келнер, пијачки за цела кафана! Кога Радован пие, сите пијат!“ На крајот Радован извадил стотче и му го дал на келнерот, кој се побунил: „Чекај малку, нели кога Радован пие, сите пијат?!“ „Да бе“, рекол Радован, „и кога Радован плаќа, сите плаќаат.“

‒ Нечестивиот зема разни форми ‒ прокоментирал младиот новинар на „Нова Македонија“.

Од соседната маса тогаш се слушнал продорниот глас на бунтовниот студент Никола Гелевски: ‒ А знаете ли вие дека анаграмот од скаперник е панкерски?


Што да правам со едно ебате маслиново гранче кое не го сака никој?

 

Сератин и серотонин

‒ Попладнево ме дрма сератинот ‒ му се пожалил Петре Андреевски, на шега, на психијатарот Миодраг Мицев, во „Јоле“.

‒ Мислиш серотонинот, Петре, хормонот на среќата? ‒ прашал Мицев.

‒ Сфати како сакаш, докторе. А хормонот на среќата овде толку ретко се среќава што ни името не можеме да му го запомниме.

‒ Се надевам, ситуацијата не е дрматична? ‒ се пошегувал и Мицев.

‒ Ако стане дрматична не ми гине дрматолог! ‒ завршил Петре.


Моето куче не ме разбира.

 

„Боемите пијат за да ja прошират слободата“

Петре М. Андреевски еднаш на пријателот Миодраг Мицев, стручњак за алкохолизам, му објаснувал дека слободниот разговор, без кочници, е најголема причина за нагласената алкохолизираност на писателите во кафеана:

‒ Алкохолот ги урива сите бариери меѓу луѓето. Особено нивната отуѓеност. Да се умее да се пие значи да се умее да се живее со будалите. Боемите пијат за да ги прошират слободата и суверенитетот ‒ рекол Петре.

‒ Ја знаеш славната реченица не партизанскиот генерал Коча Поповиќ? „Таму каде што сум јас ‒ таму е слободната територија“ ‒ рекол Миодраг.

‒ Добро, тие се ложеле на идеологија, луда вера и омраза, го разбирам и тоа... ‒ помирлив бил Петре Андреевски тој ден. А Мицев прашал:

‒ Белки тој порив за слобода е ист и кај луѓето што не се писатели, уметници, новинари?

‒ Се разбира, драг докторе. Па двајцата го знаеме Панче молерот, боемот од ресторанот „Победа“. Ја знаеш анегдотата за Панче и амалите? „Дали сте слободни, колеги?“, ги зафркавал Панче амалите од блиската железничка станица. „Слободни сме, другар Панче!“ „Добро е, за тоа и се боревме“, им одговарал Панче и развеселен се враќал во „Победа“.

‒ Го знам Панче, ама мислам дека малку ја поедноставуваш мотивацијата за пиење, Петре. Иако е одлично, се разбира, што во себе трагаш по причините.

‒ Можеби во алкохолот барам усогласување со себе? Оти, знаеш, докторе, кога не се согласувам со себе, не се согласувам со никого.

‒ А многу често не се согласуваш со себе, сведок сум ‒ се пошегувал Мицев. ‒ Нејсе, вчера еден пациент ми кажа одличен виц, таман за тебе, Петре: Ако во ресторанот на Олимпијакос нарачаш гмечен компир, дали е тоа тогаш компир‒Пиреј?!

‒ Ах ќе ме умрете со егејскиве теми ‒ смеејќи се одговорил славниот македонски писател и боем и нарачал уште една тура.


Абе чуј, мислев пивово е смрдливко на позитивен начин.

Слики: Дејв Коверли

ОкоБоли главаВицФото