Тринаесеттиот (извадок од роман)

10.12.2025 07:19
Тринаесеттиот

Извадок од романот „Тринаесеттиот: современа бајка за мали и големи“ (издание на ТРИ, 2025)

 

Пред роденденската забава

Вечерта, односно ноќта, еден час и неколку минути пред полноќ, веќе сите почнаа да слегуваат од Висококатницата. Никој не планираше да оди со останатите, ама не можеа да го избегнат тоа. Коложег слезе сам, нормално дека неговата жена, која никој ја немаше видено, и овој пат ќе отсуствува како и од сите други семејни настани. Сечко и Февруарка слегоа без децата и на сите им олесни кога ги видоа сами. Тревен слезе со Прилика и Априлка и сите ја погледнаа напоречки Априлка, што бара дете на забава? „Ама не сум дете“, рече Априлка, „плус и Винка ќе дојде“, а всушност, мислеше на Деко. Грозде и Седмица ѝ забранија на Винка да дојде, но Винка се преправаше дека се согласила со тоа и дека спијат со Шира, иако чекаше погоден миг да ја облече сестричката и да ја одвлечка во паркот. Винка не можеше да го пропушти роденденот на единствената тетка, нели? Ти би го пропуштил/а?

Златко и Јулија излегоа со најголем подарок, којзнае што носеа во завитканата кутија. Другите имаа мали кутичиња или ќеси за подароци. Житко и Августина, за да не останат покусо, имаа исто толку голема кутија како Златко и Јулија, а прашање е дали носеа и ист подарок. Што мислиш? Листо слезе сам, зашто Окта веќе беше некаде излезена, но наскоро го забележаа нејзиниот велосипед на улицата. Студен и Студенка беа толку расоблечени, како да ќе одат на плажа, а не на ноќна седенка околу оган. Па всушност, и затоа беа расоблечени, ним секогаш им беше жешко. Косар односно Маја дојде во розови тренерки, со розов кармин врз усните. Априлка извика „Колку кул кармин!“, а чичковците ја погледнаа намуртено. Грозде изјави: „Така е кога демократијата некој ја сфаќа како анархија“. Демократија, анархија? Јасни ти се овие поими? Снешко, Снежана и Деко излегоа последни од влезот, лути едни на други.

Окта со велосипедот не запре во паркот туку сврте кај Висококатницата и застана токму пред прозорчето со решетки на подрумот. Беше решена да го однесе Оф на роденденот на Марта, по секоја цена. А и кој друг би ја презел инцијативата да го убеди новиот сосед да дојде на забавата? Ти што мислиш? Па нормално, Окта, таа беше најотворена, на нејзиниот велосипед имаше налепница „ние велосипедистите сме слободомислени“. „Оф би бил супер велосипедист“, си помисли Окта. И почна да труби со свирката на велосипедот. Најпосле на прозорчето се појави главата на Оф, а по неколку минути и самиот тој излезе пред зградата.

„Хелоу!“, извика Окта. „Ар ју ОК?“, го праша со насмевка од едното до другото уво. Оф одмавна со главата и рече: „ОК“. „Нот ОК?“, пак праша Окта, бидејќи Оф одмавна со главата, а рече „ОК“. „Оф из ОК!“, извика Окта театрално, ама немаше кој да ја чуе освен децата што останаа сами дома да спијат и семејството на Јунец, зашто само кај нив имаше светло, сите други беа во паркот. Оф кимна со главата, ама како да се разберат? Кога обично некој ќе нè праша дали сме ОК, автоматски велиме дека сме ОК, иако можеби не сме, нели? Дури и на јазикот на Оф. Или не?

„Па ни јас не сум секогаш ОК, а се викам Окта“, му рече. „Плус, како може некој кој се вика Оф да биде ОК?“, преведе Четџипити од мобилниот. И додаде: „Какво име е тоа Оф? Толку имаш офкано што те нарекоа ОФ?“ Оф одмавна со главата. „Оф е скратено од Офијукас“, објасни. „Оф, Офију... јукас? Што име е тоа?“, се зачуди Окта и проба повторно да го изговори, ама пак си го заплетка јазикот. „Има некое значење?“ „Да, има, ама подобро да не знаеш“, изусти Оф. „Другпат!“, додаде и сакаше да се повлече во подрумот. „Сакаш да се повозиш со мене?“, го праша Окта, а тој малку помисли, па одмавна со главата, рече ОК и се качи зад неа.

Окта прво го извози три круга околу зградата додека нозете му се влечеа крај тркалата, а потоа тргна кон паркот. Листо ги забележа под уличните светилки и веќе вриеше од бес. „Не сака да има свои деца, ама вози туѓи! Ако овој е воопшто дете!“, рече. „Криза на средни години“, искоментира Седмица. Ти знаеш кои години се средни? И што е тоа криза? Какви кризи познаваш? Економски, политички, љубовни, брачни? Ама криза на средни години? Што би требало да биде тоа? Да не имаат и твоите родители криза на средни години?

Кога Окта и Оф наближија, Прилика рече: „Нашиот нов сосед е лика и прилика на странец!“ Тревен позелене, а Априлка се зазјапа во мајка си. Косар односно Маја го погледна Оф и рече: „Сега е еден од нас“. „Како тоа мислиш, еден од нас?“, го прострела со поглед Коложег. А Сечко потрча по велосипедот и најсилно што можеше со својот тенок глас извика: „Добре дојде, Оф!“

Ама Коложег, Листо, Тревен, Златко и Јулија, Житко и Августина (за да не останат покусо), Студен и Снежник, не мислеа така. Автоматски се свртеа кон Сечко и го прострелаа со поглед. „Нема што тој да доаѓа овде по сè што се случи!“, негодуваа. „Или јас или тој!“, додаваа некои. „Не само што ни го одзеде подрумот туку и го испровоцира Јунец да се изнаплука змии, и тоа во компир манџата на мама!“, додаде трет. „Ако толку го сакаш, земи си го дома“, некој му/ѝ се врекна на Косар односно Маја.

Во паркот веќе беа и Марта и Година. Марта ги местеше клупите околу чешмата, а Година ги поправаше по неа, што многу ја нервираше Марта, ама не сакаше да се расправа денес кога ѝ е роденден. Всушност, уште само еден час. Година чекаше сите да дојдат за да може да ѝ ја закачи новата мартинка како брош врз пелерината. Цел ден се мачеше да ја исплете, а волницата беше толку заплеткана што одвај најде доволно голема врвка од црвената за да не биде само бела, а кај се видела мартинка само во бела боја? Знаеш што е тоа мартинка? И дека од 2017 година обичајот за мартинка влезе во списокот на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото? Па Марта не е кој било! Тоа го знаеја сите, уште кога ќе ја видеа оддалеку, сета во бели и црвени риги, како некоја чудна морнарка.

Марта се израдува кога го виде Оф врз велосипедот на Окта, ама се обиде да не покаже. Винка и Шира се појавија тивко, иако Шира плачеше, ама Винка ѝ ја беше ставила раката врз устата. Винка се озари кога го виде Оф на велосипедот на Окта, колку беа кул! Окта го врза велосипедот за едно дрво и се доближи до фонтаната. Оф се сврте да си тргне кон зградата, бидејќи не сакаше да остане на забавата, иако Окта беше сигурна дека сака, па затоа и го довезе во паркот. Оф за миг ја погледна фонтаната и се сепна: освен главната чешма од која течеше млаз вода, фонтаната имаше и уште три славини оддалечени еднакво една од друга, во долниот дел. „Како чешмата на баба во дворот пред експлозијата“, си помисли. „И од сите течеше вода, ама не секогаш. Престануваа ако бевме скарани, течеа и гргореа ако бевме сложни, а те една те друга се расипуваше ако бевме завидливи. Тогаш кога бевме сложни и кога течеа сите три, се знаеше кој која ја користи: ние домашните ја користевме десната, животните средната, а растенијата левата“, се присетуваше. Марта, здогледувајќи го дека си оди, извика по него: „Остани!“, ама Оф само одмавна со главата, рече: „Среќен роденден!“, и продолжи кон зградата. Да беше на местото на Оф, дали ти ќе останеше на роденденската забава на Марта?

Винка сфати дека навистина нема да остане, па тргна со него. „На што мислиш?“, го праша. Оф се колебаше дали да ѝ каже, ама мораше некому, не можеше сè свое да носи само со себе. Овде сите си имаа свои проблеми и никој не го ни праша како се случи Месечко да го најде во ендекот крај Земјата и да го донесе. Никому не му беше важна неговата трагедија, тоа што остана и без баба му, а без родителите остана уште како мал. Ја погледна Винка, помисли малку, а потоа тивко ѝ раскажа за чешмата во неговото село. Винка секојпат носеше слушалки, па никој не можеше да слушне што ѝ раскажува. „Како е тоа можно?“, го праша, секако преку Четџипити, „па кои животни и растенија можат сами да пијат од чешма?“ „Нашата змија“, шепна Оф, „сама се капеше и пиеше од славината, ќе се замоткаше околу неа така што ќе можеше да ја отвори и затвори, како со рака. А урмите сами се веднеа до својата славина за да ја изгаснат жедта.“ Винка го гледаше со отворена уста. Мислиш дека му поверува?

На роденденската забава

Кога Оф си замина, веќе беа сите собрани. На некои им беше жал што не остана, на други не. „Ова ни е првпат да се собереме во паркот“, извика Јулија. „Се надевам не и последен“, додаде Августина, за да не остане покусо. „Парков воопшто не е зелен“, изјави Тревен, а останатите прокоментираа: „Па како може да е зелен еден час пред полноќ кога сè наоколу е црно? Плус 1 март е!“ „Леле колку е топло“, воздивнаа Студен и Студенка, која додаде: „Кај се видело да се ложи оган на 1 март? Ама сите ја знаеме Марта каква е, со триста ума!“ Мислеше дека кажала добра шега, па се насмеа, ама Марта само грубо ја погледна и им се обрати на сите: „Благодарам што дојдовте. Со оглед на сето она што се случи вчера, а верувам дека немаше да се случи да бев присутна, забавата ја прогласувам за седенка.“

Тогаш почнаа да ѝ ги подаваат подароците: едни венче за коса со црвено-бели риги, други два лака за нокти – црвен и бел, трети црвен кармин и бела сенка за околу очи, четврти... Во кутиите на Златко и Јулија, односно на Житко и Августина имаше ист пар чевли, во црвено-бели риги. И двата беа број 38, а Марта носеше број 39. Марта со навреден глас рече: „Ако некому му се точни, нека ги земе, мене ми се мали“. Веднаш ги пробаа Априлка и Винка и им беа точни. „Теткини девојки“, се разнежи Марта. Коложег не ѝ донесе подарок, пред да излезе од дома имал некои семејни обврски, рече. Семејни обврски? „Опа“, си рече Марта, „значи, жена му сепак постои!“ Година го погледна прекорно, не го имаше така воспитано. Дали ти некогаш доби подарок што не ти се допадна, или не ти беше точен, како чевлите за Марта? Што направи со подарокот?

Месечко испушти спектакуларен отсјај на небото, за да им покаже дека и тој е со нив, иако беше на нова турнеја околу Земјата. Трепкаше на небото како да е ѕвезда, а не е, нели? Година знаеше дека ги гледа и некако ѝ беше убаво во душата, иако на старост Месечко сè повеќе ја нервираше со своето отсуство. Ја оставаше сама да се справува со сите тешкотии, а тој си шеташе низ светот, односно над светот, или подобро речено – околу светот, така си мислеше Година понекогаш, иако најчесто беше свесна дека Месечко тоа го прави затоа што тоа му е мисијата, неговата работа никогаш не престануваше и неговиот професионален стаж никогаш не прекинуваше. Освен тоа, одвреме-навреме волонтираше како Црвен Полумесечко, па понекогаш го имаше поради тоа и на телевизија. А не смее да престане со својата мисија, зашто тогаш ни нас ќе нè нема, си велеше Година. Ти што мислиш, каков би бил животот на Земјата без Месечко? Како го викаш ти? Месечина, Месец, Луна? Или поинаку?

Колку и да сакаа да заборават на немилите настани од претходниот ден, тоа не беше возможно, особено со појавувањето на Оф и неговото заминување. Освен тоа, колку и да се преправаа дека ништо не се случило ни со подрумот ни со Јунец, тоа лебдеше околу нив и атмосферата беше напната. Огнот гореше во подножјето на фонтаната, тие седеа околу неа, ама не знаеја што да прават со себе. Веќе се каеја што воопшто дошле. Кому му е до роденденска забава, па дури и да е седенка, кога семејството има тежок проблем како Јунец? Крвта не е вода, велат постарите. Знаеш што значи тоа?

„Знаете што“, рече Окта не можејќи веќе да додржи. „Мислам дека не е ОК да седиме вака и да се правиме дека сè е ОК. Предлагам да поразговараме за сето она што не е ОК, за да стане ОК.“ „Ама зошто ти се мешаш во тоа?“, ѝ се обрати Коложег. „Не си венчана со Листо, не си дел од семејството.“ Коложег беше прегруб, нели? Можеби жена му затоа и не излегуваше никаде? Можеби ѝ беше срам од однесувањето на маж ѝ пред другите? Иако дома, штом пружа алишта и цело време готви, пере, чисти и го риба подот, плус на секои неколку дена носи дебели книги во бела торба, не е истиот Коложег што е надвор од дома. Коложег изгледа има две лица, како Јанус од грчката митологија. Го знаеш тој мит? Сте го учеле на училиште? Дали Коложег затоа се презива Јануарски?

„А, Коложег, тоа значи дека ни Деко не е, нели?“, му се обрати Снежана со снежни солзи во очите. „Доста, престанете“, рече Година. „Сите сте членови на семејството и сите нè засегаат истите проблеми“. „Ама, мамо, ти ги предизвика!“, продолжи Коложег, „и тогаш со автобусот поради една играчка змија, и ова сега – да не го примеше оној Оф, сè ќе беше барем подносливо, ако не и добро!“ „Не, мама не е виновна, па тато го донесе Оф“, рече Марта. „Ама мама го прими, и му го даде подрумот. Подрумот! Нашиот подрум!“, се придружи Златко, а Житко, за да не остане покусо, нагласи: „На-ши-от!“ „Вие не разбирате дека Оф нема ни дом, а не, пак, подрум? А ние си живееме во станови големи колку цел кат!“, рече Косар односно Маја, а Февруарка промрмори: „Како кој“. Тогаш Прилика рече: „На човек во неприлика треба да му се помогне кога за тоа имаме прилика“. „Па еве ти прилика, Прилике, земи го кај вас дома!“, ѝ се сврте Коложег. Тревен позелени, ама не знаеме дали од лутина или од непријатност. Ти што мислиш, од што се позеленува? А од што се поцрвенува?

„Доста!“, повторно извика Година. „Свесна сум и сама дека со доаѓањето на Оф проблемот на Јунец ескалира, и дека се смени нашиот семеен живот, ама за тоа Месечко имал дебела причина.“

„Да, дедо е космополит, нему сиот свет му е дом и сите луѓе му се браќа и сестри“, занесено рече Винка, „и кога го видел Оф се смилувал и го поканил кај нас“.

„Да не се лажеме“, рече Листо, „најголем проблем е сепак Јунец. Казната очигледно нема да го научи на ништо, си продолжува по старо, па ако треба, ќе плука и бои и кобри, а не неотровни змијулчиња. Еве, ни Жетвар ни Јунона не дојдоа, а уште им свети светлото во станот.“

Месечко двапати ги осветли со својот сјај, а потоа го снема. Не му беше ни нему лесно, иако беше светлосни години далеку од нив.

Илустрации: Љупка Стојкова