1025 hPa
86 %
0 °C
Скопје - Чет, 15.01.2026 20:59

На Европа ѝ се заканува „цивилизациско бришење“, активностите на ЕУ ги поткопуваат политичката слобода и суверенитетот, а миграциските политики го трансформираат континентот и сеат раздор. Владеат цензура и задушување на политичката опозиција. Наталитетот е во слободен пад, а државите ги губат националните идентитети и самодовербата.
Континуираното намалување на уделот на континентална Европа во глобалниот БДП се случува поради регулативи што ги уништуваат креативноста и претприемништвото. Ако продолжи вака, некои членки на НАТО многу брзо ќе станат мнозински неевропски – ова е сликата на ужасот што наводно го растргнува Стариот континент, онака како што е опишана во новата американска Стратегија за национална безбедност, куп од неоконзервативна и неолиберална идеологија што МАГА движењето на Доналд Трамп сака да му ја наметне на остатокот од човештвото.
Документот долг 33 страници ѝ посвети само три на Европа, но она што е напишано на нив европските политичари и аналитичари едногласно го доживеаја како најава за фундаментална промена во односите помеѓу САД и Европската унија, речиси целосно американско напуштање на Европа во воено-безбедносна смисла и вмешување во нејзината внатрешна политика, што притоа во многу нешта кореспондира со визијата на Кремљ, како што го прокоментира Димитри Песков, портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин.
Американските приоритети за политиката кон ЕУ пред сè се САД да воспостават услови за стабилност во Европа и Русија, додека Унијата треба да ја преземе одговорноста за сопствената одбрана, а сето тоа во контекст на укинување на перцепцијата дека НАТО е сојуз што континуирано се шири.
Стратегијата е објавена во момент кога Трамп се обидува да ги наговори Русија и Украина да го прифатат неговиот план за завршување на војната, при што украинскиот претседател Володимир Зеленски бара безбедносни гаранции за евентуални идни руски напади. Со оглед на содржината на стратегијата, тука одговорноста треба да ја преземе Европа, додека Америка воено се свртува кон регионите на Пацификот, пред сè кон Кина и западната хемисфера, каде што се оживува Монровата доктрина на доминација во Латинска Америка.
Првите назнаки на оваа политика на почетокот на годината ги изнесе американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на Минхенската конференција за безбедност, а нејзин автор е заменикот министер за одбрана на Трамп, Елбриџ Колби, кој ги изложи основните тези во нацртот од 2023. Таму стои дека нестабилноста што би можела да настане во Европа не значи нужно дека стратегијата не би требало да се спроведува, туку дека е важно САД да се заштитат од тој хаос.
.jpg)
Меѓу приоритетите е и оној САД да работи на тоа европските пазари да се отворат за американски стоки и услуги и американските работници и бизниси правично да се третираат. Ова се разгледува во контекст на неодамнешната казна од 120 милиони долари што ЕУ ѝ ја изрече на компанијата Икс на Илон Маск и на притисоците што ќе одат во насока на понатамошна пазарна дерегулација на ЕУ. Освен тоа, САД би требало да работат на градење здрави односи со нациите од централна, источна и јужна Европа преку трговски врски, продажба на оружје, политичка соработка и културна и образовна размена и да култивираат отпор кон постојната европска патека во рамките на европските држави. Второво, заедно со военото напуштање, предизвика најголема згрозеност кај еврократите.
Имено, во стратегијата пишува дека растечкото влијание на патриотските европски партии дава причина за голем оптимизам, што се толкува како намера на американската администрација активно да ги поддржува евроскептичните партии од радикалната десница и со нивна помош да ја поткопува интеграцијата на Европа, да ја преобликува според сопствените идеолошки поставки и така распарчена да ја направи лесен плен за големите сили. Првиот случај на тоа вмешување би можеле да бидат парламентарните избори во Унгарија во април следната година, каде сојузникот на Трамп, Виктор Орбан, е соочен со закана од пораз.
Претседателот на Европскиот совет Антонио Коста намерата на Трамп на ваков начин да ги инструментализира партиите на европската десница ја нарече недопустливо мешање во европската политика, а поранешниот претседател на Европската комисија Романо Проди ја опиша како „намера за поделба и презирање на Европа“. Ако се суди според првите совети од водечките умови на европската геополитика, Унијата би требало да одговори на овој мамец на Трамп така што ќе го загризе, а тоа значи да се вооружи и на притисоците на Трамп со мека моќ да одговори со исти средства.
Следниот пат кога Вашингтон ќе го засили притисокот, ЕУ мора да биде подготвена да возврати, почнувајќи со отфрлање на трговскиот договор, сметаат аналитичарите од тинк-тенкот European Policy Centre, кои се залагаат и за продолжување на зголемените воени вложувања. Премиерот на Обединетото Кралство Кир Стармер и данската премиерка Мете Фредериксен одговорија експресно позитивно на расистичките упатства на Трамп. Двајцата номинални социјалдемократи веќе одамна спроведуваат цврста антимиграциска политика, а сега во пресрет на самитот на Советот на Европа побараа ни помалку ни повеќе туку Европската конвенција за човекови права да престане доследно да се применува во однос на барателите на азил. Оваа иницијатива ја поддржуваат уште седум членки на таа организација.
.jpg)
Карикатури: Oliver Schopf
Извор: https://www.portalnovosti.com/