1025 hPa
86 %
0 °C
Скопје - Чет, 15.01.2026 20:59

Основата на возрасната сексуалност се поставува во детството.
-Фројд, Три есеи за теоријата на сексуалноста“(1905)
Сексуалната љубопитност и привлечноста кон родителот од спротивниот род се природни фази во психолошкиот развој.
-Фројд, Три есеи за теоријата на сексуалноста“(1905)
Во оваа лекција ќе се осврнеме кон теоријата за психосексуалниот развој и либидото (сексуална енергија), кои се во срцевината на Фројдовото сфаќање за структурирањето на личноста. Пред да продолжиме, нагласуваме дека „сексуалноста и сексуалното“ во Фројдовата теорија имаат многу пошироко значење од тесната генитална сексуалност, на која веднаш помислуваме кога го слушаме зборот секс. Фројдовата сексуалност е поблиска до сетилност, задоволство, телесна и емотивна возбуда, сензуалност, доживувања во кои се вклучени сите сетила — вкус, допир, звук, мирис, итн.
Според Фројд, детето минува низа либидинални фази, секоја со специфична организација на сексуалните нагони околу доминантна ерогена зона. Начинот на кој овие фази се доживуваат и надминуваат силно влијае врз формирањето на карактерот и врз идните форми на задоволство.
.jpg)
Памти, кога ќе ѝ се покажеме на мама, ќе речеш дека идејата беше твоја
Поконкретно, во подоцнежниот еротски живот откриваме дека некој или нешто (одреден мирис, парче реалност, дел од тело, движење, ритам, сензација…) нè возбудува или нè оживува (либидото внесува виталност) без некаква смисла и вон нашата контрола, благодарение на нашите „древни“, први либидинални искуства: најчесто врзани со тоа како сме биле држени, галени, фаќани, лулани, третирани, пеени, зборувани… од страна на оние кои се грижеле за нас од нашиот прв момент во овој свет.
За момент да ја поврземе лекцијата за втората топика со темата на денешната лекција. Во делото „За нарцизмот: Вовед“ (1914) Фројд вели дека либидото инвестирано во родителот во најраното детство е основа за формирање на Суперегото неколку години подоцна.
Фројд идентификува пет психосексуални фази: орална, анална, фалична, латентна и генитална. Секоја фаза се одликува со специфичен однос кон „објектот“ (луѓето или нивни делови кои стануваат првиот релационен контекст на новороденчето), и со определени фантазии и предизвици во психичкото созревање.
.jpg)
Ова е толку забавно! Сега ќе ја викнам мама за да можам да одам да се напијам чаша вино. Инстинктите на тета се активираат
• Оралната фаза (0–1 година) е обележана со доминација на оралната ерогена зона. Устата е прв извор на задоволство и средство за откривање на светот. Либидиналното задоволството е поврзано со цицање, внесување, џвакање, лижење. Во оваа фаза уште не постои одвојување меѓу јас и не-јас; детето е целосно зависно од мајката и ја доживува како симбиотски објект. Фиксациите во оваа фаза можат да се манифестираат како зависност, пасивност или пореметување на исхраната.
• Аналната фаза (1–3 години), во која доминира аналната ерогена зона, е период на учење контрола (на сфинктерите) и совладување на телото. Детето открива задоволство поврзано со дефекацијата, усвојува правила за чистота и ги интернализира првите воспитни забрани. Тренингот за тоалет е првото искуство со учење социјални правила. Аналните фиксации можат да доведат до опсесивност, тврдоглавост или претерана грижа за ред и чистота.
• Фаличната фаза (3–6 години) е период на откривање на родовите разлики и либидинална инвестиција во гениталните органи. Едиповиот комплекс е клучниот конфликт на фаличната фаза, кога детето чувствува либидинални желби кон родителот од спротивниот род и ривалство кон родителот од истиот. Разрешувањето на комплексот, преку прифаќање на забраната за инцест и идентификација со ривалниот родител, е пресудно за формирање на сексуалниот идентитет. Во фаличната фаза детето учи како да живее со контрадикторните желбите и социјалните забрани.
• Латентниот период (6–12 години) се одликува со пауза во движењето на сексуалните нагони и со потиснување на Едиповите желби. Либидиналната енергија се сублимира во учење, пријателства и социјални активности. Во овој период претходно наученото се консолидира и особено се манифестираат интернализираните родителските забрани, кои го формираат Суперегото.
• Гениталната фаза (од пубертетот натаму) означува пристап кон возрасна сексуалност, кога гениталните нагони стануваат водечки. Парцијалните нагони од претходните фази се интегрираат, овозможувајќи поцелосни односи со објектот и либидинално задоволство со партнер. Оваа фаза е кулминација на психосексуалниот развој, иако фиксациите од претходните фази и парцијалните нагони секогаш и понатаму влијаат врз љубовните преференци и сексуалниот живот. (Инаку не би било интересно!)
.jpg)
Толку сум горда, таа веќе ги учи своите облици.
Фројд истакнува дека психосексуалниот развој не е линеарен и хармоничен процес. Секоја фаза вклучува специфични конфликти кои можат да доведат до фиксации или регресии. Невротичните симптоми често се поврзани со потешкотии во надминување на претходни фази. Низ слушање на фантазиите и сеќавањата (кои често се раскажуваат во тераписки простор или буквално се повторуваат во трансфер-релација со аналитичарката) се доближуваме до „древните“ и често потиснати либидинални доживувања и фиксации, кои оставиле силна трага и печат врз нашето тело.
Фројдовиот случај на Малиот Ханс (1909) ја илустрира важноста на психосексуална динамика. Интересно е што Фројд само еднаш го среќава Малиот Ханс; во оваа чудна форма на психоанализа Фројд го обучува таткото кој понатаму ги пренесува идеите на Фројд кон својот син. Накусо, Ханс развива фобија од коњи која, според Фројд, го претставува стравот од кастрација во рамките на Едиповиот комплекс. Неговата фобија ја симболизира борбата меѓу желбите кон мајката (со која малиот Ханс има симбиотска поврзаност, без јасни граници) и заканата од таткото. Решението на фобијата доаѓа преку прифаќање на симболичката кастрација, откажување од мајката како либидинален „објект“ и идентификација со таткото (повеќе за Едиповиот комплекс ќе прочитате во следната лекција).
Оваа теорија предизвикала бројни дебати и развој во психоаналитичкото движење. Мелани Клајн ја истакнала важноста на раните фази и парцијалните односи со објектот, додека Жак Лакан ја интерпретирал Едиповата динамика низ симболичка, структурна и јазична перспектива. Други тераписки правци, како Теоријата за приврзаност (attachment) на Болби и когнитивно-бихејвиоралните пристапи критикувале многу аспекти на Фројдовата теорија, но ја признале важноста на раните сексуално-сензорни искуства во развојот.
.jpg)
Тато секогаш е „ај да ја средиме раната“, а никогаш „ај да го почнеме твоето лековито патување“.
Слики: Дејв Коверли