Глобалната нееднаквост е брутална

15.12.2025 01:34
Глобалната нееднаквост е брутална

Помалку од 60 илјади луѓе, или 0,001 процент од светската популација, се трипати побогати од половина човештво, додека горните десет проценти од светското население заработуваат повеќе од останатите девет десетини. Истовремено, посиромашната половина од припадниците на човечкиот род добива помалку од десет отсто од глобалните приходи.

Тоа се неколку од наодите од новиот извештај за глобалната нееднаквост „World Inequality Report 2026“. Го изработи World Inequality Lab, односно група експерти од научниот институт на Париската школа за економија (PSI), меѓу кои е и влијателниот економист Томас Пикети. Мерено според вкупната вредност на имотот, богатството е уште понееднакво распределено, па десет проценти од светското население поседува три четвртини од богатството, додека само два проценти се во сопственост на посиромашната половина од човештвото.

Во речиси сите делови од светот најбогатиот еден процент е побогат од 90 проценти од останатото население. „Последицата е свет во кој ситно малцинство поседува невидена финансиска моќ, додека на милијарди луѓе им е ускратена дури и основната економска стабилност“, напиша Рикардо Гомез-Карера, еден од авторите на извештајот.

Можеби уште поалармантен е наодот дека во последните три децении глобалната нееднаквост значително пораснала, имено, во 1995 година тој 0,001 процент поседувал помалку од четири проценти од глобалното богатство, а денес истиот грст луѓе располага со повеќе од шест проценти. Имотот на мултимилијардерите се зголемувал во просек за осум проценти годишно, што е речиси двојно повеќе отколку што растело богатството на посиромашните 50 проценти од жителите на планетата.

Понатаму, растот на глобалната нееднаквост го поддржува и актуелната архитектура на светскиот финансиски систем, кој неправедно ги фаворизира побогатите земји – тие, апсурдно, можат поповолно да позајмуваат пари и да ги вложуваат со повисоки приноси отколку што можат посиромашните држави. Секоја година богатство во вредност од цел еден процент од глобалниот БДП истекува од сиромашните кон богатите земји, што е износ речиси трипати поголем од износот што глобално се троши на развојна помош.

Новиот и многу важен извештај на World Inequality Lab содржи уште цела низа фрапантни податоци, од родови приходни диспаритети до клучната улога на капиталот во нееднаквата распределба на јаглеродните емисии, кои се клучна причина за погубните климатски промени.

Извештајот предлага низа алатки за пресврт на трендот на раст на нееднаквоста, кој им се заканува со распад на општествата ширум светот и на одржливоста на самата планета. Меѓу нив се воведување дополнителни даноци за милијардерите и центимилионерите и зголемување на инвестициите во здравството и образованието. „Алатките постојат. Предизвикот е политичката волја“, заклучуваат авторите на извештајот.

Карикатури: Payam Pourfallah

Извор: https://www.portalnovosti.com/