1025 hPa
93 %
-1 °C
Скопје - Чет, 15.01.2026 21:59

На Темплум саемот на 19 декември во 19 часот во центар Јадро - разговор за Кронипијата и фамите.
Во борбата против прагматизмот и ужасната тенденција кон постигнување корист, мојот најстар братучед ја предлага следната постапка: треба да се истрга едно големо влакно од главата, да му се направи јазол во средината и да се пушти меко да падне низ дупката на лавабото. Ако влакното се закачи на решетчето, кое обично се става врз дотичните дупки, доволно е славината малку да се одврти па влакното да се изгуби пред погледот.
Не губејќи ни секунда, треба да се започне акцијата за пронаоѓање на влакното. Првата операција е демонтирање на коленото на лавабото, да се провери влакното случајно да не е закачено за некој набор на цевките. Ако тука го нема, треба да се отвори делот од цевката меѓу коленото и главната одводна цевка. Во тој дел секако ќе се најдат многу влакна и ќе биде потребно на помош да се повика и семејството, за да се прегледа влакно по влакно, барајќи го она со јазолчето. Ако влакното не биде пронајдено, ќе се постави занимлив проблем: да се искрши водоводот до приземјето, но тоа бара значително поголем напор, односно, би требало следните осум до десет години да се работи во некое од министерствата или во трговска фирма, за да се заштедат доволно пари за купување на сите четири стана под станот на мојот најстар братучед, со огромен ризик дека, работејќи тие 8-10 години, не може да се избегне мачниот впечаток оти влакното веќе не е во цевките, и дека постои само минимална веројатност дека се задржало на некое ’рѓосано испапчување на цевките.
Ќе дојде денот кога ќе можеме да ги разбиеме цевките од сите станови, па со месеци ќе живееме опкружени со леѓени и слични садови, полни со мокри влакна, со помагачи и питачи што великодушно ќе ги плаќаме да пребаруваат, одвојуваат, класифицираат и да донесуваат влакна што доаѓаат предвид, додека не станеме сигурни дека сме го пронашле саканото. Доколку не го најдеме влакното, ќе влеземе во многу понејасна и посложена фаза, бидејќи следниот дел од патот нè води во големите градски клоаки. Купувајќи специјална облека ќе научиме да ползиме низ прокопите во доцните ноќни часови, опремени со силни ламби и маска за кислород, ќе ги пребаруваме малите и големите ходници со помош на типови од подземјето доколку тоа е можно, а со нив би воспоставиле односи и ним би морале да им го дадеме поголемиот дел од парите заработени дење во некое министерство или фирма.
Често ќе ни се причинува дека во нашето настојување сме стигнале до крајот, бидејќи ќе пронаоѓаме (или ќе ни донесуваат) влакна што наликуваат на бараното; но, бидејќи не е познат случај некое влакно да имало јазол по средината, што не го направила човечка рака, ќе се случува да заклучиме дека дотичниот јазол е само задебелување, во радиус на влакното (случај од порано непознат), или наталожен силикат, или оксид настанат поради долгото лежење на влажна површина.
Така веројатно ќе напредуваме низ малите и големите цевководи, додека не стигнеме до местото каде што веќе никој не би се осмелил да дојде: главната цевка, што води во реката, со порои од наноси, каде што ни парите, ни чамецот, ни соработката не можат да ни помогнат да ја продолжиме потрагата.
Но, пред тоа, можеби и многу порано, да кажеме недалеку од устата на лавабото, во висина на станот од вториот кат, или во првиот подземен ходник, би можело да ни се случи да го најдеме влакното. Доволно е да се помисли на радоста што тоа би ни ја донело, на запрепастувачки точната пресметка и заштедата на сили само благодарение на среќниот случај ‒ и веќе се оправдани изборот и изведбата на една таква работа, која секој совесен наставник би требало да им ја задава на своите ученици, наместо да им ги мие мозоците со правилото тројно, или лекцијата за некоја загубена битка.
Превод: Пандалф Вулкански
Извор: Хулио Кортасар - Прирачник за пеење и плачење; приказни за кронопија и фами (Темплум, едиција Магма, 2025)
Слики: Фелиција Чиао
.jpg)
Белешка за авторот
Хулио Кортасар, еден од најзначајните латиноамерикански писатели од втората половина на 20-тиот век, првата книга ја објавил 1938 година, а две години подоцна и првата книга раскази Ѕверилник. Потоа следуваат збирките раскази Крајот на играта (1956) и Тајно оружје (1959), а истата година го објавил и својот прв роман Награди. Во 1963 г. излегол романот со кој Кортасар ќе се здобие со светска слава ‒ Куцкамен.
Меѓу другите поважни дела се вбројуваат Огнот на сите огнови (1966), 62. Модел за составување (1968), Последната рунда (1969), Книга за Мануел (1973), Октаедар (1974), Некој што се вртка наоколу (1977), Некојси Лука (1979), Толку ја сакаме Гленда (1980), Расчекор (1983)...
Кортасар починал 1984 г., од леукемија. Неговиот вечен дом се наоѓа во Париз, на гробиштата Пер Лашез.