1025 hPa
93 %
-1 °C
Скопје - Чет, 15.01.2026 21:59

Каде денес во светот се вкрстуваат сите наши антагонизми и борбата за опстанок? Постои ли некаква единствена точка што ја отелотворува нашата универзална мака? Тоа не се Газа, Украина, Судан, ниту центрите за онлајн измами на северот на Мјанмар. Тоа е Техеран.
Главниот град на Иран ги одбројува деновите до моментот кога едноставно ќе остане без вода. Во тоа не е осамен. На поголем дел од земјата ѝ се заканува воден банкрот, кога побарувачката трајно ќе ги надмине природните резерви. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан веќе спомнува преместување на престолнината и задолжителна евакуација на населението (близу десет милиони).
За кризата придонесуваат неколку фактори. Непосредна причина е тешката шестгодишна суша, во текот на која дури и во дождовната сезона во Иран речиси и немаше врнежи. Земјоделството што интензивно троши вода, како и субвенциите за водостопанството и енергетскиот сектор, ги преоптоварија водоносните слоеви на земјиштето и ги исцрпија резервите со подземни води. Тука е и концентрацијата на економската активност во поголемите урбани центри, особено во Техеран, што дополнително ги оптовари водните ресурси. Загубата на подземните води е толку сериозна што делови од Техеранската висорамнина тонат. Дури и ако дождовите се вратат, ќе се задржува помалку вода, бидејќи физичкиот простор под земјата се намалува.
Земјиштето слегнува нерамномерно и предизвикува распаѓање на целиот водоводен и канализациски систем на Техеран. Гасовите од срушените подземни канали се ослободуваат во воздухот. Иранските власти со децении знаат за овој проблем, но постојано го одложуваат секој сериозен обид за негово решавање. Режимот ги насочува ресурсите кон нуклеарната програма, поддршката на Хамас, Хутите и Хезболах, како и кон производството на оружје за својата армија и дронови со кои Русија ги бомбардира украинските градови.
.jpg)
Кога кризата го достигна врвот, Иранската револуционерна гарда создаде „водна мафија“. Се пресушуваат илјадагодишни езера и реки за со вода да се снабдува секој што може да плати. Просечното домаќинство во Техеран веќе троши 10 проценти од своите приходи за вода, а многумина остануваат без вода за основна хигиена, додека режимот профитира од кризата.
Но зошто овој стар проблем одеднаш стана глобална вест? Дали затоа што Западот подготвува уште еден израелско-американски напад (овојпат со изговор за хуманитарна интервенција)? Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху веќе цинично им порача на граѓаните на Иран дека, ако се побунат против режимот, ќе им испрати стручњаци за да го решат проблемот со недостигот од вода. Покрај масовните молитви за дожд, режимот „сее“ облаци со исфрлање големи количества хемиски соли во атмосферата. Наместо сигурно предизвикување дожд, оваа стратегија ја уништува вегетацијата и кај луѓето предизвикува респираторни проблеми. Населението се повлекува во домовите, а иранското општество почнува да се распаѓа.
Изјавите на Пезешкијан за преместување на престолнината се прилично двосмислени. Нејасно е дали зборува за мнозинството жители на Техеран или само за државната администрација. Ако станува збор за второто, што ќе биде со милионите луѓе што би останале во градот? Ако мисли на преселување на сите, тој потфат би траел со години и би значел неодржливо финансиско оптоварување за државата – при што основниот проблем воопшто не би се решил.
Во Техеран се шири паника. Патиштата северно од градот се преполни со автомобили што се обидуваат да се пробијат кон Каспиското Езеро, каде што можеби сè уште има доволно вода. Што ќе се случи ако на пат тргнат милиони луѓе? Турција е очигледна прва дестинација, а потоа следи Европа. А што е со богатите арапски држави во регионот на Заливот? Зошто најблиските соседи на Иран не нудат помош?
.jpg)
Водната криза е резултат на мешавина од природни причини и лоши политички одлуки. Иран не е единствениот пример. Соседниот Авганистан спроведува големи проекти за наводнување со цел да ја пренасочи водата кон Кабул, на кој исто така му се заканува воден банкрот. Ваквите контроверзни проекти можат да предизвикаат погубни последици врз снабдувањето со вода и надвор од границите на една земја. Затоа Египет, чиј опстанок зависи од реката Нил, решително се спротивставува на градењето брани во Етиопија.
Што да се прави? Немам конкретен предлог, но едно начелно решение ми изгледа очигледно: на светот ќе му биде потребна некаква форма на комунизам. Не мислам на реалниот социјализам на 20 век, туку на нешто поелементарно. Ниту авторитарните држави, ниту повеќепартиските демократии, ниту самоорганизираните граѓани не можат да ги решат проблемите кои сега го погодуваат Иран. Кога се соочуваме со закана по опстанокот на цивилизирана заедница, единствениот избор е прогласување вонредна состојба од општи размери, што фактички подразбира воена состојба – не против друга држава, туку против оние во сопствената земја што се одговорни за кризата.
Вонредната состојба не го укинува пазарот и не спроведува општа национализација, туку треба да воспостави јавна контрола над оние области од општествениот живот што се во директна врска со причината за вонредната состојба. Во случајот на Иран, тоа би значело контрола на дистрибуцијата на водата и сузбивање на водната мафија. Државната моќ (која е најефикасна) потоа мора да биде надополнета со локално организирани чинови на солидарност, заедно со многу помоќни облици на меѓународна соработка. Утопија? Воопшто не. Утописко е уверувањето дека можеме да преживееме без такви мерки.
Извор: https://www.project-syndicate.org/