Ако размислам...

16.12.2025 20:02

Ако размислам
Среќа е да се биде мртов.
И во смртта има троа сол.
На пример, нема веќе бол.
Во коленото нема чкрип.
Не те фаќа грип.
Нешто добро таму се крие.

А мене тоа лошо не ми е.
Ништо не рие, ништо не врие.
Не голтам таблети.
Не кркам филети.
Не валкам салфети.
Нема цигари, алкохол, коцка.
Немам сметки, не страдам.

Под капата небеска ама
Баш ништо не јадам.
Не вршам нужда голема.
Мочањето исто веќе не е тема.
Не читам ни весник ни упатство.
Немам имот и богатство.
Не чеша, значи не се гребам.

Веќе ни ни ебам.
Не спијам, не дишам, достасало.
Низ уше од игла провлекувам сало.
Не постои веќе сцена.
Ни маж сум ни жена.
Од другата страна, откај неврзаните
Ги чекам партизаните.

 

Превод: П. В.



Белешка за писателот

Симо Мраовиќ (Simo Mraović , Кутина, 30 март 1966 – Загреб, 16 декември 2008), хрватски писател.

Роден е во 1966 година во Кутина. Детството го поминал во Јастребарско, а остатокот од животот во Загреб. На Филозофскиот факултет во Загреб студирал филозофија, руски јазик и книжевност и хрватистика. Работел како хонорарен соработник во различни загрепски весници; пишувал кратки сценарија за ток-шоуа; бил уредник за култура во дневниот весник „Република“, а од 2000 година до смртта го водел неделното ток-шоу „Кафе и колачи“ во загрепската книжарница „Богдан Огризовиќ“. Бил член на шведскиот ПЕН, на Друштвото на хрватските книжевници и на Хрватското друштво на писатели. Со објавување започнал во 1984 година. Романот „Константин Богобојазни“ и збирката песни „Gmünd“ се преведени на украински и бугарски јазик, „Константин Богобојазни“ е објавен и во Франција. Преведувал поезија од англиски јазик.

Објавил збирки песни: „Сезона на отрови“ (1986), „На Римјаните им недостига милост“ (1990), „На земјата има сенка“ (1994), „Меѓу усните“ (1997), „Лека ноќ, Гарбо“ (2001); романот „Константин Богобојазни“ (2002); второ издание на романот „Константин Богобојазни и собрани песни“ (2003); „Gmünd“ (2004); збирката песни „Нула Нула“ (2006); збирката колумни „Изневерувај ме нежно“ (2006); третото издание на романот „Константин Богобојазни“ (2007) и книгата раскази „Бајки за плажа“ (2007). Посмртно, во 2009 година, е отпечатена неговата дотогаш непозната филозофска новела „Доктор за Библија“, напишана последната година од животот. По сопствена желба, погребан е во селото Козарац на Кордун.

 

Слични содржини

нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото