Киро Црногорски од Скопје: југословенски „хомофилен“ глас

17.12.2025 01:28
Киро Црногорски од Скопје: југословенски „хомофилен“ глас

И поради предиспозиции од најраното детство, земањето на пенисот во уста е составен дел [на мојот] сексуален живот, кој не може да се замени со ништо друго, ако можам така да кажам, ниту со најубавите жени на светот.

– адвокат Кирo Црногорски во писмо до д-р Леон Гершковиќ, секретар за законодавство и организација на Сојузниот извршен совет, Скопје, 19 мај 1959 г.


Кон крајот на педесеттите години Киро Црногорски дознал од печатот дека е во подготовка обемна ревизија на југословенското кривично право. Како адвокат кој можеби бранел хомосексуалци на суд, но и како хомосексуалец кој можел да има непријатности со полицијата и правосудството, бил свесен колку членот 186 од Кривичниот законик е неправеден, непотребен и, во суштина – свиреп.

Тој и се надевал на некаква, макар и мала можност за успех. Знаел дека политичарите, правниците и лекарите не се сигурни дали хомосексуалноста е вродена или стекната, природна или патолошка; знаел дека главната причина за нејзиното задржување во законот е моралната паника околу „сексуалното расипување на младите“; знаел дека хомосексуалците неправедно се поврзуваат со криминал и проституција; и дека судиите понекогаш одат толку далеку што ги прогласуваат мажите за виновни за речиси секој истополов еротски контакт, и дека постојат нејаснотии околу тоа што сè опфаќа поимот „противприроден блуд“. Знаел и дека лекувањето не покажува никакви резултати – и тоа од сопствено искуство, бидејќи и самиот се подложил на психотерапија, во Загреб кај Стјепан Бетелхајм и во Белград кај психоаналитичарот Хуго Клајн. Сето тоа му овозможило да создаде јасен и соодветно структуриран склоп на тогаш уверливи и прифатливи аргументи, поврзани со реалните правни и општествени прилики.

Историски гледано, примерот на Киро Црногорски покажува колку силни можеле да бидат линиите на отпор во Европа кон средината на векот, во период познат по исклучително суровата антихомосексуална клима, како и тоа дека хомофилната епоха во развојот на геј и лезбејското движење, дури и кога се дејствувало надвор од западниот контекст, во Скопје, и без заштитата на организациски „чадор“, претставувало пресвртница во процесот на формирање на раниот хомосексуален идентитет. Со своето дејствување, хомофилите ги поставиле темелите врз кои неколку децении подоцна ќе израсне порадикална и поотворена еманципаторска платформа – но во суштински изменет сексуален пејзаж и во поширок европски контекст и во самата Југославија.

Црногорски од сопствено искуство знаел колку е неправеден прогонoт на хомосексуалноста и чувствувал колку би била значајна декриминализацијата за хомосексуалците во Југославија. Затоа, на крајот од писмото до сојузниот секретар за законодавство, ја сумирал суштината на својата „хомофилна“ аргументација со повикување кон правичноста:

„И ако тоа не е ниту болест ниту навика, [туку] природен нагон, кој нема форма на насилство, зарем не треба да се толерира меѓу полнолетни мажи, кога веќе се толерира меѓу жени, како што е случај во некои земји? [...] Во име на правичноста, Ве молам да придонесете за сеопфатно проучување на ова прашање, а ако не сега, тогаш барем со текот на времето, за конечно укинување на [членот 186 од Кривичниот законик].“

Овој скопски адвокат се осмелил да ѝ пише на владата и затоа што во својата околина веќе бил препознаен како хомосексуалец, бидејќи бил изложен и јавно обележан. Во Скопје и понатаму постои такво сеќавање за него. Скоро бил споменат и на еден македонски интернет-форум како познат скопски хомосексуалец. Во Македонија, кај постарата генерација, до неодамна циркулирал погрдниот прекар „Кирче Педерче“.

За Киро Црногорски немаме многу биографски податоци: не се утврдени годините на неговото раѓање и смрт, ниту дали во некој момент од својот живот бил суден или приведен за „противприроден блуд“. Неговото писмо, сепак, е првиот, колку што е засега познато, јавно познат повик за декриминализација упатен до властите, и потпишан со сопствениот потпис на еден југословенски геј-маж. Црногорски заслужува омаж од современата геј-историографија, како и истакнато место во колективната ЛГБТ историска меморија на постјугословенските земји. До средината на осумдесеттите години нема да се појави ниту еден геј или лезбејка кој/а јавно, отворено и под сопствено име ќе настапи пред некое високо државно тело, без надворешен поттик, и единствено воден/а од внатрешниот порив за правичност.


НАКУСО

Киро Црногорски како прв југословенски хомофилен активист

● Писмото на Киро Црногорски од Скопје до д-р Леон Гершковиќ во 1959 година е првиот документ со потпис на еден геј-маж кој директно се обраќа до државата со барање за укинување на членот 186 од Кривичниот законик, што ја криминализирал машката хомосексуалност.

● Црногорски е првиот познат Југословен кој јавно се заложил за декриминализација на хомосексуалноста, со аргументи засновани врз правичност, рационалност и хуманизам, а не врз сожалување или медицинска патологизација.

Хомофилна аргументација и стратегија

● Хомофилија – поим кој се појавува во повоените децении за да ја замени медицински обременетата „хомосексуалност“; ја нагласува љубовната и човечката димензија, а не девијантноста.

● Како и западните хомофилни движења, Црногорски ја користи тактиката на натурализација, хуманизација и асимилација – уверувајќи дека хомосексуалците се нормални, корисни членови на општеството кои не ја загрозуваат јавната моралност.

Апел до науката и правичноста

● Црногорски инсистира на научно разгледување без предрасуди, повикувајќи на мислења од „сексолози, биолози, психолози, правници и педагози“. Тој го користи јазикот на модерната наука и социјалистичкиот прогресивизам за да покаже дека општеството мора да ја прифати природноста и разновидноста на сексуалните нагони.

Политичко-правна рамка и социјалистички хуманизам

● Црногорски ја темели својата аргументација врз егалитарните принципи на социјализмот – дека сите граѓани треба да бидат еднакви пред законот, без разлика на нивната сексуална ориентација.

● Посочува дека е нелогично лезбејките да не бидат опфатени со законот, додека машките хомосексуалци се казнувани, и се повикува на примерот на Англиската црква која, иако конзервативна, ја прифатила декриминализацијата – па зошто не би можела и една социјалистичка држава да го направи тоа?

Историски аргумент и културна легитимација

● За да ја исчисти сликата за хомосексуалноста од криминална конотација, Црногорски наведува славни личности и историски фигури – од Оскар Вајлд, Чајковски и Сократ, до Александар Македонски и Фридрих Велики. Оваа стратегија создава „антропологија на хомосексуалноста“ – претставување на хомосексуалците како универзален, продуктивен и културно значаен дел од човештвото, а не како маргинална девијантна група.

Разоткривање на митовите за „заведување“

● Еден од неговите највпечатливи примери е приказната за кралеви и благородници кои биле хомосексуалци, и покрај тоа што биле заштитени од какво било „заведување“. Така ја руши идејата дека хомосексуалноста се „усвојува“ преку контакт или влијание – еден од темелните митови врз кои се темелела криминализацијата.

Слики: David Wojnarowicz

© Франко Дота, Политичка историја на машката хомосексуалност во социјалистичка Југославија, 2024. Сите права се задржани. Македонски превод © Коалиција МАРГИНИ, 2025. Преводот е објавен со дозвола на издавачот Fraktura d.o.o., Загреб. Овој превод е наменет исклучиво за непрофитна, едукативна и истражувачка употреба. Сите права на оригиналниот текст им припаѓаат на авторот и на издавачот. Забранети се репродукција, дистрибуција или каква било комерцијална употреба без претходна писмена согласност.

Превеле од хрватски јазик и уредиле Славчо Димитров и Мања Величковска

Извор за текстот: „И после сè, проблеми со родот; критички истражувања за родот, полот и сексуалноста (Коалиција МАРГИНИ, Скопје 2025)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото