Достоинството, староста, смртта (еден поглед од Дом за стари лица)

17.12.2025 16:21
Достоинството, староста, смртта (еден поглед од Дом за стари лица)

 

„Како ви врват деновите?“, ја прашав сосетката откако со сопругот, обајцата неподвижни, заминаа во дом за стари лица. Одговорот беше жесток: „Mеѓу урина и измет!“

Наеднаш требаше да ја помирам таа непожелна претстава со фината слика што со години си ја обликував за овој почитуван стар брачен пар. Веројатно за да се соземам, од некаде ми исплива изреката (му се припишува на Августин): Inter urinam et faesces nascumur. Па да, кога е во прашање нашата телесност, почетокот и крајот се допираат, таа се наметнува со сета соголеност во клучните точки на животната траекторија…

Па сепак, има нешто што ќе проблесне меѓу двете темни зони на телесното постоење, меѓу прапочетокот, времето пред нашето раѓање и – според науката – неотповикливиот крај, смртта: доблестите на човековиот дух. И додека за прапочетокот не можеме да имаме сеќавање, а за дефинитивниот крај нема да имаме никакво доживување (секое доживување завршува со раскинот со животот), за доблестите имаме одредена (само)свест: тие го чинат нашето човекување, ексклузивниот начин на постоење на нашиот вид во светот.

Од друга страна, како што ни говори искуството, не се сите луѓе подеднакво обдарени (или самооптоварени?) со доблести, и не секој може да ги изрази на соодветен начин. Животен факт е дека во текот на животот некои доблести видливо снеможуваат под биолошкиот товар на годините (во народниот говор не случајно со називот „јунак“, кој асоцира на бестрашност, се означува исклучиво млад човек). Се чини, само во врска со достоинстовото може да се наиде на ставот дека тоа не само што не се сронува напоредно со бројот на годините, туку напротив, дека закрепнува. Но тоа е ехо од флоскулата за старецот-мудрец која се должи на некогашната демографска ситуација кога животниот век на луѓето бил значително пократок и стареењето, како неизбежна деградација на човековиот организам, немало статус на ноторен факт. И друго, контактите на генерациите до скоро беа поинтимни и поплодотворни. Денес старците веќе не се чувари на трезорите на знаењето и на вештините. Развиената информатичка мрежа им ги одзема тие ингеренции, оставајќи им го достоинството на милост и немилост на нивниот кревок физикус. Зар немаме чувство дека тоа е компромитирано веќе при помислата дека возрасен дошол во ситуација да се врати во бебешки пелени? Во одговорот на мојата сосетка, инаку лекарка, одекнува резигнација поради изгубената способност да сe одржи достоинството макар во еден тривијален домен на секојдневието – одржувањето телесна хигиена.


Од комисијата за историско наследство. Требаше да добиеме дозвола за да го средиме плакарот на дедо.

 

Што му останува, пак, од достоинството на оној што почнал да тоне во деменција? Не се случува ли, обидувајќи се да го одржи, со веќе намалени капацитети, со своето однесување да го сведе на карикатура? („Да си дочекате, деца, и вам да ви се потсмеат“ – благослов од македонското усно творештво.) Врз која основа би можело да се очекува другите да му го признаваат и почитуваат достоинството: врз основа на неговото, потврдено или претпоставено солидно „некогашно јас“ или просто – оти е човек? А што ако не му го почитуваат, и дури имаат и порив за подбивање? Дали лисицата на Езоп го руши достоинството на штркот, или тоа му останува неприкосновено својство, како и долгиот клун, без оглед на нејзиниот циничен обид да го „нагости“ на за него нефункционален начин – сервирајќи му јадење во плиток сад?

Зборот достоинство го употребувам во значење на состојба во која сме поистоветени со она што му прилега на Човек („Биди човек, не нечовек“- народна пословица), го живееме животот прилагоден на специфичната природа на нашиот вид, како и на капацитетите на нашата личност.

Патем да кажам дека мојов интерес за вака сфатената категорија достоинство и, посебно, за неговата перспектива во фазата на стареењето, не е првенствено академски туку, така да речам, човечки, егзистенцијално мотивиран; оти во меѓувреме, и самата во поодмината возраст, веќе неподвижна и оттука неспособна за самостоен живот, се прибрав во дом за стари лица.

Ако староста, рака-под-рака со лошата биолошка среќа, ме имаат потиснато засекогаш во седечка положба, ќе можам ли да ја сочувам својата внатрешна вертикала?


Тоа е мојот градник, о ти старо будалче.

Какви се мислењата за перспективата на достоинството во староста?

Според војводата де Ларошфуко – таа перспектива е речиси никаква: „Малку луѓе знаат како да бидат стари“ е негова максима. Која е само конкретизација на неговиот познат генерален став дека малкумина знаат како воопшто да живеат. Монтењ нуди свое решение за расчистување на мислите и одредување на животните приоритети како услови за добро стареење, па оттука и за зачувување на достоинството: да се живее во куќа со поглед на – гробишта (!). Нашиот „народен мудрец“, пак, со следниот исказ, исклучува секаква можност за контролирано ублажување на падот што – според него – секому му претстои со нижењето на годините: „старост – грдост“! Римскиот драматург Теренциј е уште порадикален велејќи senectus ipsa est morbidus: „староста е болест“!

Наспроти ваквото гледање на стареењето како непосакуван след на прогресивни загуби, во христијанската концепција тоа добива ослободителна перспектива: староста е последна фаза од макотрпниот живот во текот на нашиот привремен престој на земјата („Овде немаме постојанен град...“ вели Лука) и претходница на преминот во еден виш облик на постоење во Царството на Отецот. Додуша, ова важи само за избраните, не и за проколнатите – оти човештвото тука е поделено на тие две категории – ама секој може да упорствува – со својата длабока вера – да влезе во првата категорија. За другите, кои се недостојни како чеда Божји, староста е увертира во драмата што ќе започне (ох! без никогаш да заврши!) по смртта, во која ќе бидат потопени во езеро што гори во оган и сулфур.


Слушај, Боб, нема да дебатирам со тебе ако само ги повторуваш фразите што си ги слушнал во твоите вести.

Овој концепт само го регистрирам. Тој е отаде мојата запрашаност за староста, физичкото страдање (наплата на гревот?), достоинството и смртта: не сум верник.

Во поновата филозофска литература на мојава тема во која се обидувам да видам каде сум со размислите, среќавам концепции со различна онтолошка перспектива. Една, постара, но уште во игра, достоинството го гледа во светлината на римското dignitas, како положба со одредени почести и права што некому се доделуваат или му се даруваат од страна на одредени авторитети или врз основа на постојни конвенции. Тоа не е нешто инхерентно на луѓето, не постои објективно, како „нешто во светот“ (некогнитивистички став), и се воспоставува само со интервенција однадвор.

И ова не е мој терен! Како тоа достоинството не постои како нешто објективно?! Па јас чувствувам речиси до болка дека постои дури и кај волкот што опсесивно кружи зад решетките на тесникот кафез во Зоолошка, со поглед кон далечните планини што ги насетува зад градбите од бетон... Неговото достоинство, сега ставено под искушение, произлегува од припадноста на неговата волчјо-кучешки вид, а можеби и – зошто да не? – од капацитетите што лично ги развил како единка во чопорот (забележителна брзина, храброст, лукавост)?

Со ваквиот поглед на категоријата достоинство, како својство што човекот го поседува објективно (а според мојот осет, и други поразвиени суштества) благодарение на специфичната природа на својот вид и капацитетите на сопственото „Јас“, не сум на иста страна со теоретичарите на достоинството за кои тоа е метафизичко својство на сите суштества од ист вид, емпириски недофатливо, универзално, трајно и непроменливо. Наместо тоа, според понудената систематизација, излегува дека мојот поглед е близок до метаетичката когнитивистичка концепција од натуралистички тип. Нејзините критичари ѝ забележуваат дека ако достоинството е работа на одредени способности, а тие се силно опструирани, изгубени или никогаш и не биле користени, тогаш и достоинството е отсутно или изгубено. Ова би значело дека варира од поединец до поединец, како и во текот на животот на поединецот.

Според моите согледувања потпрени на животно искуство и особено на она собрано последниве години, откако живеам колективен, институционално устроен живот, делејќи го со луѓе од осумдесеттина години (многумина од нив повеќе или помалку ментално опаднати, па и дементни, тешко или сосема неподвижни и со биографии, секоја поинаква, но во секој случај – во расчекор со сегашниот статус и начин на делување), тврдам дека критиката сака да негира нешто здраворазумски исправно: дека достоинството не е константа. Но, тоа не значи дека не ја согледувам доблеста на оние кои се залагаат за еден поинаков, ненатуралистички став – кој ги има предвид капацитети кои ги поседува видот (човечкиот), но ги апстрахира оние кои ги поседува поединецот припадник на тој вид во дадениот момент. Не е за отфрлање една таква отстапка пред принципот на вистинитоста и стремежот за усогласеност на теориските ставови по секоја цена, во име на концепт што може да придонесе кон развојот на моралното мислење и делување, како во случајов, кога секому, без оглед на тоа дали е инвалид, нагрбен со тешка болест, со телесни недостатоци и посебни потреби, му се признава дека има еднакво достоинство како секој друг човек. Ова на некој начин ми асоцира на почитта што ја ужива дури и телото на починатиот во многу различни култури, иако е општ ставот дека сите негови некогашни капацитети, барем во тој стадиум на непосреден раскин со животот, се умртвени. Признавањето на објективно веќе непостоечкото достоинството на починатиот, кој веќе е само материјален остаток од бивш човечки организам („пепел што во пепел се враќа“), е почит кон сопственото достоинство како човек, од страна на живиот.


Џо, ти ли си? Последен пат кога те видов беше олкав!

 

Но каде сум тука јас? Па, како што би рекол Лукрециј, „каде што е смртта, не сум јас, каде што сум јас, не е смртта“. И што сега? По силата на природните закони, веќе сум во долгиот ходник што води до последната врата на животот зад која е таа. Ама, внимание! И чекалната е во синорот на Животот! Што е со времето што престои, дали се тоа само „денови за поткусурување“ (исказ на мој соговорник од Домот)? Како многу инспиративен за еден обратен, конструктивен став, ми прозвучува сонот што ми го довери блиска личност во зрела возраст, екстремно ангажирана на сите полиња на кои може да се вглави денешната жена. „Сонувам“, вели таа, „требало да појдам некое време во затвор. После првиот шок, си велам: 'Па добро, барем ќе се посветам на учење на грчкиот јазик'“!

Тоа е тоа! – мало сценарио за мудар дочек на староста. Затворот може да се земе како нејзина антиципација врз две основи, како неминовност, слична на неминовноста на судската пресуда и како исклучување од матицата на општествениот и професионалниот живот и семејните обврски. Но оддалечувањето од својата персона (идентитетот што сме го изградиле за пред другите) кое постепено се одвива во староста, па и наврапито, со сместувањето во дом за стари лица, ни дава шанса за подлабока свртеност кон себеси, за преуредување на приоритетите и за ангажман околу нешта кои, како некоњуктурни, сме ги потиснувале, иако ни претставувале поголема радост од постигнатото.

Тоа е старост со нишка на смисла и, се чини, остварлива, со промислена определба и при релативно добро здравје. Дотолку повеќе ако среќно се подредат и коцките на медицинската, општествената и семејната поддршка.

И, сепак, ако не се живее предолго.


Таму каде што нема диви работи

 

Денеска не сум на списокот за капење, физиотерапевтот има слободен ден, сестрата заврши со преврските. Допуштено ми е да поседам сама во дворот на Домот, и тука сум, во подзатскриениот агол, со „мојата“ книга – едно старо антологиско издание на светската лирика што го носам со мене каде и да сум. Не одмерувам каде да ја отворам. Самата, каде што ќе посакам, се отвара.

„Мојот“ сокол што едно време го следев како слободно, ќе си речеш бесцелно, езди над блиското брденце, сега неуморно носи некаков материјал за да го среди своето ергенско живеалиште за новата животна етапа – со своја избраничка.

Двете мачорчиња, абоненти на домската кујна, ми скокаат истовремено во скут, и веднаш ги вклучуваат грлените звучни воздишки на задоволство.

Оле ќе ми се јави (секој во животот треба да си има една Оле; јас мојата ја имам 74 години, од прво одделение).

Момчето што го мете дворот, Ром, со една блескава и скоро театрална насмевка (глувонем е, ангажиран преку некое заштитно друштво), ми подава подарок – дел од она што го добил работејќи во нечиј овоштарник: кеса одбрани јаболка.

Ќе биде ова убав ден! Ќе им кажам на децата.

 

1 Зборник посветен на филозофијата на стареењето на познатата американска издавачка куќа Пелгрејв, прилог „Стареењето и одржувањето на достоинството“ (Aging and the Maintenance of Dignity) што го потпишува извесен професор Расел Вудруф (Russell Woodruff).

 

Овој есеј на авторката Љупка Христова-Башевска, доктор по социологија на религијата и корисник на Дом за стари лица „Дом Софија“, Битола, е најава за еден мултидисциплинарен идеен проект „Жива лабораторија за стареење и долгорочна грижа“, кој е во фаза на конципирање, со заложба на проф, д-р.Гордана Ристевска -Димитровска, специјалист психијатар.


Толку е тивко овде, сега кога замина златната рипка.


Слики:
Дејв Коверли

Слични содржини

Општество / Активизам / Став / Живот
Општество / Активизам / Квир / Теорија
Општество / Активизам / Живот / Теорија
Општество / Активизам / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Теорија / Историја
Општество / Живот
Психологија / Живот / Теорија
Општество / Живот

ОкоБоли главаВицФото