Предновогодишна фузија: „Книга на девет книги“

18.12.2025 00:09
Предновогодишна фузија: „Книга на девет книги“

Од 23 до 30 декември 2025 година, во студиото на Приватен принт ќе се одржи промотивниот настан „Предновогодишна фузија“ за делото „Книга на девет книги“, објавено годинава. Програмата на настанот се состои од презентации на дел од уметниците што учествуваа во книгата, изложба и попусти на сите изданија на Приватен принт.

„Книга на девет книги“ е во авторство на Илија Прокопиев и Марија Христова и содржи разговори со Ивана Мирчевска, Ѓорѓи Десподов, Клелија Живковиќ, Јован Јосифовски, Викторија Попоска, Џемилиана Абдулова, Христина Крстеска, Викторија Мачковска и Хана Корнети, Ивана Чалоска и Димитар Самарџиев. Беше реализирана од Студиото Приватен принт со поддршка од страна на Фондацијата Принц Клаус од Амстердам.

Овој настан ги следи принципите на проектот во кој настана книгата, со тоа што отстапува простор за новите проекти на уметниците учесници и нивно поврзување со публиката, преку презентација, разговор, изложба и непосредно дружење.

Програма на настанот

Презентации на уметници:

23 декември, 18-20 часот: Ивана Мирчевска, Христина Крстеска и Клелија Живковиќ

24 декември, 18-20 часот: Џемилиана Абдулова, Димитар Самарџиев и Викторија Мачковска

Промотивни денови:

23-30 декември, 14-20 часот

Во овој промотивен период, можете да ја погледнете мултимедијалната поставка на дела од Џемилиана Абдулова, Христина Крстеска и ексклузивна прошетка низ новата виртуелна изложба „Накосени соништа“ од Клелија Живковиќ и Ѓорѓи Десподов, дизајн и уметничко водство на Борко Хаџиевски, курирана од Илија Прокопиев.

Само во овој период, сите публикации на Приватен принт ќе бидат на попуст од 50%, а ќе бидат достапни и специјални тематски пакети со селекција од книги за уште поголем попуст.

Приватен принт е интердисциплинарно кураторско студио кое гради култура на поврзување преку соработки, настани, резиденции и публикации. Од 2015 година, неговата работа е посветена на отворање простор за нови критични теми од културата и општеството, неинституционални и алтернативни кураторски и уметнички практики, критички дизајн и уште повеќе. Преку интердисциплинарноста и издаваштвото како главни методи на работа, Приватен принт поврзува цел спектар на соработници, како истражувачи, уметници, активисти, дизајнер, културни работници и професионалци со разновидна стручност.

ОкоБоли главаВицФото