Десет години од Парискиот договор

18.12.2025 00:17
Десет години од Парискиот договор

На 12 декември годинава поминаа точно десет години од усвојувањето на Парискиот договор.

Договорот беше усвоен со консензус на 195 држави што учествуваа на 21-виот климатски самит во Париз 2015 година, а стапи во сила пролетта наредната година, набргу по почетокот на периодот на потпишување и пристапување.

Станува збор за најважниот глобален документ што некогаш е усвоен во врска со борбата против климатските промени, а државите ширум светот и денес се водат според правилата утврдени во Париз кога ги планираат и известуваат за своите климатски политики.

Но за сите нас кои не сме вклучени во осмислувањето и спроведувањето на меѓудржавните политики, Парискиот договор, како и геополитичките прилики што го создадоа, веројатно делува далечно, матно и нејасно. Колку тој е навистина значаен? Не во светот на меѓународните политики и извештаи, туку во „реалниот“ свет, во услови на планета што забрзано се загрева?

Наместо одговор на ова веројатно невозможно тешко прашање, ќе ја искористиме оваа прилика накратко да согледаме: колку светот е поинаков во однос на моментот на неговото потпишување.

Грубо кажано, Парискиот договор беше усвоен на граница: последиците од климатските промени последниве десет години станаа подрастични.

На пример, од 2015 година до денес, на глобално ниво, секоја година беше меѓу десетте најтопли во историјата на мерењата.

Пред 2015 година, ниту една година во историјата не била за цел степен потопла од прединдустрискиот просек; од 2015 година наваму, секоја година била за најмалку еден степен потопла од прединдустрискиот просек.

Како што пишува организацијата World Weather Attribution (WWA) во својот извештај по повод 10 години од Париз, планетата за само 10 години се загреала за дури 0,3 степени, со што се приближила до самата граница на прагот на загревање од 1,5 степени. Сега веќе е извесно дека таа граница ќе биде пробиена во наредните години.

Но, десет години всушност не се доволен временски период за да се согледа резултатот од еден документ каков што е Парискиот договор. Впрочем, ние моментално живееме во свет што е создаден далеку пред Парискиот договор, односно во кумулативните последици од енормните емисии на стакленички гасови од средината на 19 век до денес.

Последниве десет години драстично се промени температурата на Земјата, но се промени и нејзината проценета иднина.

Имено, во времето на усвојувањето на Парискиот договор, светот полека, но сигурно се движеше кон катастрофални нивоа на затоплување: типичното сценарио „сè по старо“, со отсуство на климатска акција, предвидуваше затоплување од околу 4 степени до крајот на 21 век.

Десет години подоцна, песимистичките сценарија се променија: „сè по старо“ повеќе нема да доведе до затоплување од 4 степени, туку до 2,8 степени, пишува UNEP. Таа бројка подразбира дека државите во светот ќе продолжат со своите сегашни политики во однос на фосилните горива – а доколку ги променат во согласност со сопствените, веќе усвоени планови, таа се намалува на 2,3 до 2,5 степени.

Од една страна, станува збор за сè уште прекумерно, па и катастрофално затоплување, кое со себе ќе повлече огромна здравствена, општествена, економска и еколошка цена. Тоа сè уште е поголемо од „основниот“, помалку амбициозен праг од Парискиот договор, од 2 степени.

Но, сепак, станува збор за видливо намалување во однос на 2015 година. А политиките и плановите за кои пишува UNEP – во огромен број случаи токму тие се создадени според образецот усвоен во Париз во 2015 година.

Во последнава деценија започна нова енергетска револуција

Се разбира, не се документите тие што ги намалија овие проекции. Нив ги намалија реални, материјални одлуки, пред сè во врска со постепеното напуштање на фосилните горива и паралелниот развој на обновливите извори на енергија во последните десет години.

Но, не станува збор само за тоа колку глобалната енергетика е поинаква, туку и зошто е поинаква. Имено, некогаш напуштањето на фосилните горива беше прашање на борба против пазарните правила.

Фосилните горива со децении едноставно беа поевтини од алтернативите како што се соларната и ветерната енергија – иако зад себе влечеа „невидлива“ цена во вид на загадување на воздухот, водата и почвата, како и на глобалното затоплување. Оттука, беше неопходно политиката да интервенира во сферата на пазарот, за цивилизациски да се избориме за почиста и поодржлива иднина, без катастрофално затоплување.

Соларната енергија денес е поевтин извор на енергија од фосилните горива. Со самото тоа, пазарот го „усвои“ соларот, а слични падови на цените се забележани и кај ветерните електрани, како и кај складирањето, односно батериите.

За разлика од времето кога беше потпишан Парискиот договор, светот денес „природно“, односно пазарно, се движи по патот на декарбонизацијата. Наместо политиката да биде неопходна за да се избориме со фосилните горива, денес би била неопходна политичка интервенција доколку, од некаква причина, би сакале да ги зачуваме (нешто за што администрацијата на Доналд Трамп веројатно е свесна и повеќе од доволно). Со тоа, се промени и целта на климатските политики.

Целта повеќе не е светот да се насочи кон обновливи и чисти извори на енергија; целта е да се забрза светот по тој пат, за да се спречат што е можно повеќе последици од климатските промени. Секој 0,1 степен е важен.

Слики: Alexis Rockman

Извор: https://klima101.rs/

 

ОкоБоли главаВицФото