Мораме да ги третираме уметниците како работници, а не како декорација

19.12.2025 01:29
Мораме да ги третираме уметниците како работници, а не како декорација

Уметноста и парите: голема табу тема. Уметноста, научени сме да веруваме, нема никаква врска со парите, не смее да има никаква врска со парите; во допир со парите се осквернавува, се деградира и од самата помисла на парите.

Всушност, денес се верува дека таквите идеи се од релативно понов датум. Во ренесансата, кога уметниците сè уште се сметале за занаетчии, никој не се двоумел околу тоа дали за уметноста е потребен пазар. Идејата дека уметноста и трговијата меѓусебно се исклучуваат се појавила дури во модерната доба.

Како што традиционалните верувања се губеле во текот на 18-тиот и 19-тиот век, уметноста ја наследила улогата на религијата, станувајќи еден вид секуларна вероисповед на прогресивните класи. Како и религијата пред неа, уметноста сега се сметала за надредена во однос на световните работи и не можела да им служи и на Бога и на мамонот.

Како што било со уметноста, така било и со уметниците, новите свештеници и пророци. Модерноста ни го дала боемот, изгладнетиот уметник и осамен гениј, слика и прилика на блажена неконвенционалност, монашка посветеност и избор на духовност. Уметничката сиромаштија се сметала за гламурозна, надворешен знак на внатрешна чистота.

На овие идеи 20-тиот век им додал изразено политичка и специфично антикапиталистичка димензија. Уметноста не била само надвор од пазарот; уметноста требало да му се спротивстави: да му се приклучи, ако не и да ја води, општествената револуција, која пред сè требало да биде револуција на свеста. Да се бара прифаќање од пазарот значело да се биде „кооптиран“; значело да се трча по материјални награди, дека сакаме да се продадеме.

Таквите идеи подеднакво жестоко се одржуваат и меѓу лаиците и меѓу уметниците – можеби и повеќе кај уметниците. Не сакаме уметниците што ги сакаме да размислуваат за пари и не сакаме да размислуваме дека тие размислуваат за нив. Уметничките дела навистина постојат во сферата на духот. Во нивната чистота и нематеријалност, во интензитетот на нивното битие, тие ни го даваат доживувањето на рајската градина, на таа неосквернавена состојба во која веруваме дека нашите души го имаат својот вистински дом.

И затоа сакаме и нашите уметници да бидат чисти како уметноста што ја создаваат. Сакаме да се однесуваат небаре пазарот, со сите свои заплети, не постои. Или, можеби денес е попрецизно да се каже, како веќе да не постои: како да сме стигнале до состојба, по крајот на капитализмот, за која многумина сонуваат.

Тоа се убави идеали, но токму тоа и се – идеали, кои, кога стапуваат во светот, неминовно мора да прават компромиси — барем со други идеали, со други вредности. Уметноста може да го населува царството на духот, но уметниците не. Тие имаат тело исто колку и душа, а телото ги поставува своите груби барања. Поедноставно кажано, уметниците мораат да јадат.

И така, бидејќи во уметноста навистина нема пари, тоа се прикрива: преку негирање, преку лицемерие, преку отворени лаги. „Повеќето луѓе на Санденс“, ми рече еден режисер додека правев истражување за мојата книга Смртта на уметникот (The Death of the Artist), „се независни, а сакаат да станат зависни.“

„Важно е да се создаде илузија дека тоа не е бизнис“, вели анонимен автор во Ми се допаѓаат твоите дела: уметност и етикета (памфлет објавен од независната издавачка куќа Paper Monument), „и дека вашите релации не постојат за да ѝ служат на вашата кариера.“

Ако уметниците не зборуваат за пари, тоа често е затоа што повеќе би сакале да не зборуваат за своите пари, особено ако тие доаѓаат од родителите или од сопружниците. Сара Никол Прикет (Sarah Nicole Prickett) зборуваше за различните животи што ги открила кога навлегла во книжевниот свет на Њујорк, за поединци со „тајни пари“ и „смирени, ладни очекувања“.

Кога зборуваме за пари од наследство или за врски, или за тоа дека сте морале да се туркате, да барате контакти и да се пробивате – се чини дека тоа би го поткопало впечатокот дека сè сте заслужиле со сопствената неверојатна посебност.

Главни жртви на таквите заговори со побожни фантазии се уметниците, најчесто млади, кои се премногу наивни за да ја препознаат двојната игра. Ако уметниците често се наивни кога станува збор за пари, тоа е затоа што им било кажано да не мислат на нив. Ако често се беспомошни кога станува збор за градење кариера, тоа е затоа што им било наредено „кариерата“ да ја сметаат за валкан збор.

Голем број луѓе што ги интервјуирав ми рекоа дека рано настрадале, зашто поверувале во митовите за изгладнетите уметници кои никогаш не размислуваат за пари и повеќе би умреле отколку да ги компромитираат своите визии заради пари. А бидејќи писателите и другите уметници творат од нематеријални причини, ми рече Марк Кокер (Mark Coker), основачот на платформата за дистрибуција на е-книги Smashwords, „тие луѓе се зрели за експлоатација“.

Таа експлоатација може да има различни облици: од целосна кражба, преку самосаботажа, преку монетизација на дигитална содржина без соодветен надомест, до уметнички организации што недоволно ги плаќаат уметниците кои работат за нив, вклучително и непрофитните. Но во коренот на таа експлоатација е перцепцијата дека уметниците воопшто не би требало да бараат пари – „дека уметноста“, како што рече еден од моите соговорници, „треба да биде само уметност“.

Уметноста е работа. Фактот дека луѓето го прават тоа од љубов, или за да се изразат, или од политички убедувања, не ја прави помалку работа. Ниту, пак, фактот дека занимавањето со уметност не е работно место, односно прашање на формално вработување. Готвачите често го прават тоа што го прават од љубов, но никој не очекува да јаде бесплатно. Борците за граѓански права го прават тоа од политички убедувања, но добиваат надомест за потрошеното време. Самовработувањето и понатаму е вработување. Дури и ако немате шеф, па дури и ако не го мразите тоа што го работите, тоа и понатаму е работа.

Ако уметноста е работа, тогаш уметниците се работници. Повеќето луѓе не сакаат да го слушнат тоа. Не им се допаѓа на оние што се занимаваат со уметност, зашто им ги руши романтизираните претстави за креативниот живот. Не им се допаѓа ни на уметниците, како што ми рекоа луѓе кои се обиделе да ги организираат како работници. И тие веруваат во митовите; и тие сакаат да мислат дека се посебни. Да се биде работник значи да се биде како сите други.

Сепак, прифаќањето дека уметноста е работа – во смисла дека заслужува надомест – може да биде клучен чин на самозајакнување, но и на самодефинирање. Во својата книга Со почит, новинарката што станала столарка, а потоа и мемоаристка, Нина Меклафлин (Nina MacLaughlin), зборува за тоа како научила да ја отфрли идејата дека пофалбата, давањето можности или самата забележаност се адекватни облици на компензација за пишувањето, исто како што не би биле ни компензација за изградба на куќа.

„Луѓето се прашуваат кога ви е дозволено да се нарекувате писател“, заклучува таа. „Мислам дека одговорот можеби е: кога ќе сфатите дека тоа е работа.“

Уметноста има вредност. Треба да има и финансиска вредност. Не, луѓето не заслужуваат да бидат платени зашто работат нешто што го сакаат – аргумент што често се слуша во врска со прашања како пиратеријата и авторските права – но заслужуваат да бидат платени зашто работат нешто што вие го сакате, нешто што го сакаат и другите луѓе. Така функционира пазарот, ставајќи цена на други облици на вредност. Тоа што сакате да бидете платени не значи дека сте капиталист. Тоа дури и не значи дека се согласувате со капитализмот. Тоа само значи дека живеете во капиталистичко општество.

Уметниците не се занимаваат со уметност за да се збогатат. (А и ако се занимаваат – па што? Од кога нечии мотиви се причина да се одлучува колку ќе бидат платени?) Единствените уметници што фантазираат за збогатување се почетниците и позерите. Останатите ја знаат вистината: да се стане уметник обично значи да се избере заработка помала од онаа што инаку би можела да се оствари.

Уметниците истрајуваат, и покрај финансиските тешкотии, зашто слободата и исполнетоста им вредат повеќе од богатството. (Што, исто така, не е причина да не им се плаќа.) Дури и во своите кариери, тие често носат одлуки да не го максимизираат својот приход – да не ги искористат можностите што би можеле да бидат профитабилни, барем во споредба со други, но не им изгледаат особено интересни.

Кога уметниците тврдат дека треба да бидат платени, и платени правично, тоа е зашто сакаат да заработат за живот, а не да се удават во пари. Сакаат да имаат доволно за да можат да продолжат да се занимаваат со уметност. Уметниците се како и другите професионалци што работат од посветеност – наставници, социјални работници – и кои се одлучуваат за задоволство наместо за богатство. Но и тие мораат да плаќаат сметки. Не мора да работите нешто за пари за да сакате да добиете пари за тоа. Само треба да бидете живи.

Слики: Vanessa Gillings

Извор: https://lithub.com/

ОкоБоли главаВицФото