Едипов комплекс

19.12.2025 17:50
Едипов комплекс

Лекции по психоанализа (7)

 

За никого тоа да не вознемири… Тоа отсекогаш сме го знаеле за бајките – зборуваат за инцест, за Едипов комплекс, за психотични мајки, како оние во „Снежана“ и „Ивица и Марица“, кои ги фрлаат своите деца. Бајките раскажуваат работи за животот кои децата ги чувствуваат инстинктивно. Задоволството и олеснувањето лежат во чувствата изразени со зборови кои децата умеат да ги разберат и поднесат. Не можеш да ги избришеш тие чувства – тие се веќе тука и често ни даваат инспирација и креативност.
― Морис Сендак

Да беше Фројд жив и да ги водеше своите истражувања во друга земја и на друг јазик, а не во германско-еврејската средина од кадешто главно му доаѓаа пациентите, можеби никогаш немаше да слушнеме за Едиповиот комплекс.
― Хана Арент,
Мажи во темни времиња

Затоа ќе покажам не како луѓето размислуваат во митови, туку како митовите дејствуваат во умот на луѓето, а тие дури и не се свесни за тоа.
― Клод Леви-Строс

Ова без сомнение е вистинскиот Едипов проблем за секого. Не толку да се ослободиш од родителскиот триаголник, колку да се ослободиш од својот виртуелен близнак, од папочното алтер его кое, за секој поединец, е како вродена фигура на смртта. Токму со овој скриен близнак, виртуелен близнак што сите го носиме во себе од раѓање, имаме најголема тешкотија да се раздвоиме.
― Жан Бодријар,
Фрагменти

Сизиф во посреќните времиња 

 

Сигмунд Фројд првпат го споменува митот за Едип во писмо до својот епистоларен пријател Вилхелм Флис, испратено на 15 октомври 1897 година. Во тоа време поминала година и пол од смртта на неговиот татко, а Фројд бил во процес на самоанализа. (Можеби не станува збор за самоанализа; некои сметаат дека Флис бил првиот психоаналитичар во историјата на човештвото. Флис бил првиот слушател на Фројд — а што е, во суштина, психоаналитичарот ако не посебен, привилегиран слушател? Читајќи ги писмата на Фројд со години, Флис го одржувал просторот на неговата саморефлексија, контемплација и креативно истражување. Фројд, пак, му ја доверил таа привилегирана позиција и функција на слушач, на сличен начин како што анализантите му ја пренесуваат привилегираната позиција на аналитичарот).

Фројд му пишува на Флис:

„Мојата самоанализа е најважната работа во моментов и ветува дека ќе ми биде од голема корист ако достигне завршеток. …Ми се појави една општа, важна идеја. Во својот случај ја открив појавата на љубов кон мајката и љубомора кон таткото, и сега ја сметам за универзален настан во раното детство. …Ако е така, можеме да ја разбереме моќта на „Кралот Едип“, и покрај сите разумски приговори против претпоставката за судбина… Старогрчката легенда се фаќа за една сила што секој ја препознава оти ја чувствува во себе. Секој во публиката некогаш бил „Едип“ во својата фантазија и секој се повлекува со ужас кога таа фантазија се претвора во реалност.“ (преписка меѓу Фројд и Флис)

Во изненадувачки пресврт Фројд преминува од лична забелешка, за време на самоанализата, во универзално тврдење за целото човештво, базирано на неговите слободни асоцијации околу митот за Едип.

Во 1900-та година неговата смела формулација е првпат објавена во Толкување на соништата. Тој вели:

„…Љубовта кон еден родител и омразата кон другиот е дел од трајното складиште на психички импулси што се појавуваат во раното детство. … Антиката ни дала митови кои ја потврдуваат оваа идеја, а длабоката и универзална важност на старите митови може да се објасни само со истата универзална важност на горенаведената хипотеза.“

А да  ставиме змеј или орел овојпат? Сигурен си дека сакаш уште едно тату со мама, Едип?

 

Со текот на времето вербата на Фројд во централната улога на неговата интерпретација на Едиповиот мит во развојот на психоанализата станува сè посилна. Тој го гледал овој драматичен мит како објаснување на нормалниот развој на детето и на потеклото на психопатологијата. Повеќето од приказните за заведување, на своите пациенти, Фројд ги сметал за замислено остварување на многу интензивни Едипови импулси.

Во забелешката во проширеното издание на Толкување на соништата, Фројд пишува:

„‘Едиповиот комплекс’, првпат споменат тука, со понатамошно изучување на предметот доби неочекувано значење за разбирањето на човечката историја и развојот на религијата и моралот. Видете ја и книгата Тотем и табу.“

Во оваа проширена метатеорија, цивилизациите, религиите и човековата совест се изградени врз основа на Едиповиот мит и односот на синот со таткото. Метатеоријата на Фројд може да се гледа како блескав врв на проектот на Просветителството – „да се стави дури и човечката свест под светлото на рационално истражување“ (Тарнас, 1991).

До почетокот на 1930-тите, Едиповиот мит станува клучно мото или химна на психоаналитичката теорија и практика. За жал, химната од песна се претворила во „мантра“ со силна патријархална боја. Парадоксално, стремејќи да ги реши мистериите на умот преку рационална наука, Едиповата теорија на Фројд се развила во догма.

Критичарите забележуваат дека неочекувано Фројд, рационалниот научник, создал „идеологија“ слична на некои религиозни и мистични, езотерични школи кои тврделе дека нашле „одговор“ што ќе ги отклучи тајните на универзумот.


  - Вау, чие е тоа прекрасно лице? Ова е чудесната личност со која ќе го поминам остатокот од животот?  

Да, Нарцис, тоа е твојот одраз!

 

***
Вон критиката, како размислуваат современите психоаналитичари за овој суштински концепт?

Како син на своето време, Фројд при обликувањето на овој важен концепт најмногу се движел во рамките на хетеросексуалноста. Но, да се потсетиме, кога зборува за сексуалноста, тој не ја сведува само на сексуалниот однос во неговата тесна, генитална смисла. За Фројд, сексуалноста е многу пошироко поле: таа го опфаќа сето она во што е вложено либидо – сè што за некого носи чувство на задоволство, возбуда или телесна пријатност. Тоа може да биде навика, допир, фантазија, начин на уживање или однос кон сопственото тело.

Фројд рано забележал дека и малите деца доживуваат интензивни облици на задоволство. Не на ист начин како возрасните, туку преку цицање, допир, кожа, скокоткање, лижење. Овие рани телесни искуства се првите, тивки облици на уживање, кои подоцна, со текот на развојот, постепено се организираат во она што го нарекуваме возрасна сексуалност.

Затоа, за Фројд, клучно прашање не било: како некој станува „перверзен“, туку токму спротивното – како воопшто стануваме сексуално „нормални“. Тој сметал дека човечката сексуалност суштински е секогаш повеќе или помалку нарушена, неуредна, немирна, флуидна.

Оттука, важно е да се оддалечиме од поедноставената претстава дека Фројдовата идеја за сексуалноста значи само „имање секс“. Да, и тоа е дел од приказната, но далеку е од целата приказна.

Добро, отворањето на кутијата не беше паметно… Но што може да тргне наопаку со мала конзерва?
Пандорината кутија за храна


***
Да продолжиме со Едип. Фројд го позајмува терминот Едип од трагедијата на Софокле, каде што истоимениот херој несвесно го убива својот татко и се жени со својата мајка:

„Осуден си да се соединиш со својата мајка, ќе донесеш на свет поколение деца што ниту еден човек не може да поднесе да ги види — ќе го убиеш својот татко, оној што ти го дал животот!“ – Софокле

„Чија приказна е потажна од твојата, чија судбина е поисполнета со маки? О Едипе, симнат од престолот, твојата колепка беше твојата брачна постела.“ – Софокле

„Актот на кралот Едип, кој го убил својот татко и се оженил со својата мајка Јокаста, не е ништо друго освен остварена желба од нашето детство.“ – Сигмунд Фројд

Потпирајќи се на античката трагедија, Фројд создава свој мит, во кој наоѓаме митолошка илустрација на несвесните желби на детето и нивната потисната судбина. За Фројд, секое човечко суштество се соочува со Едипов комплекс, кој лежи во срцето на неврозите и психичкиот живот.

Едиповиот комплекс навистина е комплекс — не е нешто едноставно. Не е „Едипус симплекс“.


Атлас по дома

 

Слики: Бил Вајтхед

ОкоБоли главаВицФото