Светот ја заборави Газа

22.12.2025 00:32
Светот ја заборави Газа

Во моментот кога двајца убијци на плажата Бонди масакрираа недолжни луѓе, на плажата во Хан Јунис една жена се обидуваше со метла да ја истера водата што го носеше скинатиот шатор, нејзиниот единствен дом. Стоеше и плачеше, покажувајќи како нејзините деца се тресат од студот натопени со вода, но никој не ја слушаше. Светот веќе премина на масакрот во Сиднеј. Наредните денови сите зборуваа колку се ужаснати од страшното убиство на петнаесетте Евреи. Масакрот во Бонди со право го потресе светот.

Меѓутоа, покрај згрозеноста, се појавија и лицемерие, цинична злоупотреба и двојни стандарди. Се разбира, премиерот Бинјамин Нетанјаху, побрза за масакрот да го обвини премиерот на Австралија, Ентони Албанези. Нетанјаху знае по нешто за личната одговорност и затоа побрза да го обвини колегата што се осмелил да ја признае палестинската држава, како да постои врска помеѓу празното признавање на една имагинарна држава и масакрот.

Државата Израел никогаш не пропушта можност да извлече политички и пропаганден поен од секој терористички напад. Веднаш се појавија и алузии на предупредувања од Мосад што Австралија наводно ги игнорирала. Австралијците не умеат и не сакаат да се борат против тероризмот. Погледнете нè нас, кај нас воопшто нема терористички напади.

На погребот во Сиднеј пристигна израелски министер. Ја помина огромната раздалеченост побрзо отколку што кој било министер стигнал од Ерусалим до кибуцот Нир Оз. Во Австралија ја претставуваше владата што не присуствуваше на погребите на своите граѓани загинати во војната во Појасот Газа. Како тоа австралиската влада не испратила свои претставници на погребите на Евреите, јадикуваа во Израел. Дрскоста ја премина секоја граница.

Комичен пресврт се одигра во ликот на австралиско-сирискиот херој кој ги спаси Евреите. Нетанјаху се обидуваше да смисли нешто за „еврејската храброст“ кога пристигна непријатната информација за идентитетот на Ахмед ал Ахмед. За миг замолкнаа тврдењата дека сите муслимани и Арапи се виновни за убиствата во Сиднеј. Зарем е можно да постои хуман и храбар Арап? Се урна уште една кула од карти, но само за момент. Приказните за антисемитизам повторно надвладеаја, дури и кога стана јасно дека убијците се припадници на ИСИЛ, кој не се бори само против Евреите туку и против целиот Запад.

Тоа го наруши и постојаното обвинување на Иран: тажен факт е дека Иран и ИСИЛ се непријатели. Каква штета што терористите не беа Палестинци. Тоа би ја зголемило пропагандната корист од нападот.

Но можат да послужат и терористички напади од овој вид: тие ги ставаат Евреите и Израелците во ист кош на катастрофи. Колку е добро кога заедно сме жртви, кога целиот свет е против нас. Замисленото поистоветување на судбините на австралискиот рабин и израелскиот војник во Појасот Газа се користи како оружје против острите критичари на Израел: видете колку сме немоќни, додека целиот свет е против нас.

Над општата врева надвисна сенката на двојните стандарди: масакрот на 15 луѓе на сиднејската плажа од медиумите ги потиснува масакрите од ужасни размери во Појасот Газа. На плажата Бонди убиствата ги извршија двајца; во Појасот Газа зад масакрот стојат цела држава и војска. Во напад на училиште во Беит Ханун на 25 мај загинаа најмалку 36 лица, од кои 18 деца. Колку такви масакри имаше за време на „прекинот на огнот“, кога во Газа загинаа стотици невини граѓани.

Масакрот на плажата Бонди не би требало да ги масакрите во Појасот Газа. Шокиран од нападот во Сиднеј, светот со загрижувачка брзина ги заборава Палестинците во шаторите под силните удари на ветерот.

Карикатури: Emanuele Del Rosso

Извор: https://www.haaretz.co.il/

ОкоБоли главаВицФото