Бројки што не смеат да се игнорираат – Македонија е трета во Европа по број на убиства на жени од нивните партнери

23.12.2025 00:06
Бројки што не смеат да се игнорираат – Македонија е трета во Европа по број на убиства на жени од нивните партнери

Македонија се најде високо на црната европска листа кога станува збор за фемициди – убиства на жени извршени од нивните интимни партнери. Според податоците за 2023 година на Еуростат, статистичкиот сервис на Европската комисија, земјава е на трето место во Европа по стапка на вакви убиства, зад Латвија и Литванија.

Највисока стапка е регистрирана во Латвија, каде што во 2023 година биле убиени 17 жени на еден милион жители. Во Литванија, бројката изнесува 10 жени на милион жители. Во Македонија, во истиот период, пријавени се шест фемициди на еден милион жители.

По Македонија следуваат Босна и Херцеговина со пет фемициди на милион жители, а потоа Австрија, Велика Британија и Украина со по четири. На спротивниот крај од листата е Малта, каде што во 2023 година не е евидентиран ниту еден фемицид, додека Грција и Црна Гора имаат по еден случај на еден милион жители.

Податоците на Еуростат покажуваат дека во рамките на Европската Унија, во просек, четири жени на еден милион жители се убиени од своите партнери, додека стапката кај мажите е значително пониска – 2,2 мажи на еден милион жители.

Домашното насилство во Македонија е проблем што со години опстојува и низ бројки. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во периодот од 2018 до 2023 година се регистрирани вкупно 6.242 кривични дела поврзани со семејно насилство. Во оваа бројка се вклучени 33 убиства и 14 убиства во обид, 3.792 случаи на телесна повреда, 155 тешки телесни повреди, 38 дела на присилба, 2.179 случаи на загрозување на сигурноста, 29 противправни лишувања од слобода и две кривични дела за посредување во вршење проституција.

Невладините организации што работат со жртви на семејно насилство предупредуваат дека институционалната поддршка е недоволна – од финансиски средства, до сместувачки капацитети и стручен кадар. Поради тоа, велат тие, многу жени остануваат да живеат со насилникот, без реална можност да го напуштат кругот на насилство.

„Домувањето мора да биде дел од системското решение. Нема корист од советување ако жртвата нема каде да живее. Вкупниот број на легла во државата не го задоволува ни минималниот стандард. Истанбулската конвенција препорачува на 10.000 жители да има едно семејно место – кревет за мајка со две деца. Ние на национално ниво сме далеку под тој минимум, со само 80 до 90 кревети“, изјави на 18 декември во поткастот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК, Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Според неа, истиот проблем постои и во делот на советувалишта и стручна психолошка поддршка.

„Постојано повикуваме насилството да се пријавува, но тоа е само првиот чекор. Процесот трае со години и мора да вклучува континуирана психолошка поддршка. Лесно е да се каже ‘напушти го ако те тепа’, но каде ќе оди жртвата? Дали има плата што може да ги покрие трошоците, дали има сопствен дом или ќе плаќа кирија и режии? Во моментов, жртва на семејно насилство добива еднократна парична помош од 15.000 денари. А ресурсите на жртвите не се исти – една има семејство што ќе ја поддржи, друга нема; една работи, друга не. Затоа индивидуалниот пристап е клучен, бидејќи излегувањето од насилството не е исто за сите“, вели Димушевска.

Податоците, предупредувањата и сведоштвата повторно го отвораат прашањето дали системот навистина нуди излез за жените кои се жртви на семејно и партнерско насилство – или пријавувањето останува чекор по кој нема доволно поддршка за вистинска промена.

Извор: https://www.slobodenpecat.mk/