1025 hPa
86 %
1 °C
Скопје - Чет, 15.01.2026 19:59

Доцен март 2025
Текстов ми е како рана што испарува под завои и преврски. Јазикот ме преврза за дезинфекција на мислите. Пишував за лек. Скочанетите прсти си ги греев свирејќи на клавир што ми се најде како болнички кревет, иако планирав да биде орудие за делкање на сета натежната тага. Генерациски товар на урнисаното детство, распадот на поголемата заедница, сеќавањата на другарите што нè напуштија на овој или на оној начин.
Закажана сесија во студио, што се падна на седмиот ден од седумдневната жалост што никој не ја очекуваше. Не го откажав терминот и отидов да ја отсвирам „Пролет рана“.
По веста за Кочани морав повторно да се сетам дека изгорев во кафич во Скопје есента 2007 и дека имав привилегија да бидам третирана со пресадување на амнионска мембрана (бебешка плацента), како биолошка преврска, наместо со конвенционалните памучни завои. Токму затоа немам лузни, не морав да правам пластична операција на лицето, вратот и на целата десна рака. Се присеќавам на коментарот на еден познаник откако му раскажав за ова мое необично лекување со биолошка преврска. Ми го премери лицето со ококорени очи и рече: Ах, затоа си толку убава!
Центарот за третман на изгореници, отворен во септември 2000 година во Градска општа болница (сегашна Клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје), беше ставен вон функција во јули 2016 година. Ова значи дека сите што се нашле во таква животозагрозувачка ситуација во текот на овие 16 години, вклучувајќи ме и мене, имале можност да се лекуваат со неинвазивна и безбедна метода со фрапантно позитивни исходи, и тоа како обични осигуреници во јавното здравство. Во склоп на овој високоспецијализиран центар за изгореници била формирана и Банка на амнионски мембрани во соработка со Гинекологија – Чаир. Оддел со специјалистки и супспецијалистки по Пластична и реконструктивна хирургија. Деветнаесет жени и единаесетмина мажи – врвни специјалисти. Осум жени и двајца мажи во негувателскиот персонал. Сите обучувани во современи центри за изгореници во Софија, Љубљана, Загреб, Прага, Франкфурт, Оксфорд.
Мал оддел со строги санитарни правила. По пресадувањето на амнионската мембрана непосредно по повредата, бев преместена од шок-соба во одделот за интензивна нега, што имаше капацитет за четири пациенти. Десната рака мораше да ми биде прицврстена под агол од деведесет степени, како кога би ја скршиле и носите гипс некое време. Во мојот случај тоа беше некоја привремена кожа што изгледаше како да е змиска. Биолошка преврска што ќе отпадне откако ќе израсне нов епидермален слој. Да беа обични преврски, ќе болеа при нивно менување и ќе останеше лузна. Лузната е грд чин на регенерација и убав гест на моќта на човечкото тело да заздрави.
.jpg)
Ми беше потребно време да се навикнам на тоа дека имам само една рака на располагање, левата. Ми беше дозволено да се туширам само од појасот надолу, и тоа го правев сама со употребливата половина од горниот дел од телото.
Лицето ми беше пола изгорено и јадев со сламка, само со едната страна од устата, бидејќи другата беше залепена за да може да зарасне кожата на образот. На мајка ми ѝ беше дозволен пристап до мојата одаја само со санитарен оклоп за еднократна употреба. Таа ми го миеше грбот затоа што сакаше, а медицинските браќа и сестри ми ја миеја косата, разговараа со мене, ми водeа евиденција за крв, урина, исхрана и секојдневно ми ја менуваа инфузијата што ја влечкав со месеци со едната рака: ми стана своеобразен бастун за болничките денови на неполни триесет години. Моите негуватели заслужуваат роман од петстотини страници на македонски. Ме чуваа како капка на дланка што за малку ќе испареше на скопскиот бетон. Татко ми готвеше дома и ми праќаше храна по мајка ми кога доаѓаше да ме гушка и да ми ги мие и масира вкочанетите горни екстремитети, за да може да зарасне изгорената кожа. Амнионската мембрана толерира микротриење на здравото ткиво што го обвива местото на контузијата, за време на процесот на израснување нова кожа, не зараснување. Тоа е револуционерното во оваа метода што во изминативе девет години ќе можеше да олесни многумина што се нашле во епидермална опасност по живот.
Мислам на Кочани. Мислам на деновите што следуваат откако изгорела нечија кожа, нечиј бел дроб, нечиј нервен завршеток, нечиј живот.
Никој не зборува за негувателите. Никој не зборува ниту за луѓето што се грижат за своите родители и ближни, затекнати во длабока старост или во животозагрозувачки здравствени состојби – или за оние што го носат сето тоа заедно, среде војна.
Во нашата средина овие професии често се сметаат за срамота, како да не си успеал во кариерата или во животот, па мораш да „переш туѓ газ“.
Негувателите во светот најчесто се жени. Размислувам за негата на туѓа кожа. Сум негувала и јас туѓа кожа. Сум била и јас таму.
.jpg)
Август 2025
Кампување.
Излез од комфорноста на душекот, од опасноста на скопските тротоари и улици, заслужни за моите извајани нозе.
Не одам во теретана. Одам пеш како задоволно магаре што плаче кога му го пресекуваат патот за да помине некоја фосилна глутница. Стојам и на прсти подолго од десет минути.
Рацете ги билдам на клавијатура, со обработка на зеленчук и земја, со скролање, и со пишување, исто така.
Далеку сум од својата тоалетна школка за какање, мочкање, вадење тампон и разговори со драгиот, додека едниот се тушира, а другиот ужива во кралскиот луксуз на здрава столица.
На море сме.
Спиеме во шатор и си ја негуваме интимата – шатор што го гаѓаат недозреани маслинки, а не бомби. Морето си ги мазни своите камења и тоа ми звучи како бескрајна песна што нè негува.
Да беше безбедноста валута, ќе бевме милијардери.
Ноќ. Воздух (солен). Мразам клима-уред. Дишам на раат.
Доаѓам во камп претежно со локалци за да се да се запознаеме и да се спријателиме. Ми успева – еве веќе втора година.
Оваа година запознав и една прекрасна девојка од Лариса што работи како лаборантка. Ми зборува дека луѓето во нејзината професија немаат време за ништо. Не само што работат шест дена во неделата, туку и работното време е продолжено.
На една нејзина колешка, што работела како медицинска сестра во друг град, ѝ се случило по 13-часовно работно време да направи фатална грешка при трансфузија на крв. Погрешна крвна група. За експлоатирана и преработена медицинска сестра – следува санкција.
Помислувам на возачот на Брзата помош, кој починал од исцрпеност затоа што морал сам да пренесува многу повредени од Кочани до Скопје, а потоа бил почестен со некаков постхумен орден од системот што е виновен за целото злосторство, кое сè уште го нарекуваат трагедија.
.jpg)
Како се негува туѓата кожа?
Септември 2025
Одамна не сум била на охридското приморје.
Пештани, на почетокот на деветтиот месец од годината, е место за капење на очите.
Деновите ги користам за долги прошетки и читање на августовското издание на германскиот магазин за култура и политика Konkreт.
Го читам текстот на Клара Хонке, насловен „Who cares?“
Клара пишува за работата на негувателите во капитализмот, која често се смета за бизнис со загуба и затоа е толку ниско вреднувана, како што потврдува и данската активистка и авторка Ема Холтен, во нејзината книга Unter Wert.
Си подвлекувам делови што ми изгледаат како срчи од скршено огледало – за во случај на…
Срча 1
Задачите што ги преземаат негувателските професии традиционално биле наменети за жените во семејството и биле претставени како приватни и аполитични. Грижата на мајката, сестрата или бабата се сметала за нешто природно, но не и за работа, а уште помалку за продуктивна дејност.
Знам, ама сакав пак да споделам.
Срча 2
Сега се појави книга што зборува за систематското обезвреднување на негувателската работа (care work), правејќи ја невидлива.
Би сакала да ја прочитам оваа книга.
.jpg)
Срча 3
Со Unter Wert, Ема успева возбудливо да ја разработи негувателската работа во западните економски системи. Сепак, капиталистичката идеологема за релацијата меѓу работата, цената и вредноста цврсто опстојува во општественото размислување.
Срча 4
Грижата не треба едноставно да се монетизира, туку треба да се признае нејзината општествена вредност.
Борбата за самоопределување, слобода и сопствен приход не смее да се изроди во идеализација на пазарот на трудот.
Зашто чувствата и грижата не можат да се претворат во бројки.
Но она што не се вклопува – се приспособува.
Грижата не создава материјални производи и затоа таа се прикажува како работа со загуба.
Срча 5
Кога слободата се дефинира како ослободување од грижата, тоа секогаш значи дека една невидлива, потценета личност мора да ја преземе таа грижа.
Така грижата станува конфронтација со тела што веќе не функционираат или уште не функционираат онака како што бара производствениот начин за своето опстојување.
.jpg)
Меѓу редови и облаци
Мојата кожа веќе не е масна и сјајна како порано. Има денови кога сум како оние дами што се тријат со тешка старинска крема пред спиење. Мојата кожа си натежнува како прецветан божур во регијата на усните што стануваат сè потенки. Се прашувам зошто ми текнуваат вакви метафори и намирисувам некоја скриена иронија кај себе. Не дека не сакам серуми, креми, маски, тоници. Обожавам. Имам проблем со стандардите за здрав изглед каде што изглед е поважно од здравје. Модерниот начин на живот, меѓу другото, е и борба против црнки, брчки, флеки, свиснати образи и уште еден куп неправилности и несовршености што ни се наметнуваат како такви. Ме мачат кошмари со перничиња полни колаген и долги налакирани нокти што ги тапкаат по лицето – како на Инстаграм. Овие видеа никогаш не се прикриваат поради сензитивна содржина. Напротив, треба да предизвикуваат одушевување. Грдата борба за живот и преврските се за невидливите и зависните од нега од туѓинец. Присуството медитира во ковчегот на нашата стерилна цивилизираност.
Часовник од кожа
Мојата кожа веќе не е масна и сјајна како порано. Мензисот си го навива часовникот по свое и не доаѓа како порано. Не онака како што сум навикнала низ годините.
Се обидувам да разберам што му се случува на моето тело, иако знам што го очекува. Има денови кога се чувствувам како да сум умрела. Како да сум пресушила и седам како препарирана птица од природонаучен музеј. Има денови кога си признавам дека никогаш не сум се чувствувала толку присутна во своето тело и се радувам исто како и кога добив првпат.
Едно од најубавите нешта е доживувањето на времето преку ритамот на телото што се менува и забавува. Се обидувам да се сетам на периодот пред првото добивање. Се враќам ли таму во ново руво? Сигурно ме очекуваат и прекрасни работи. Многу сакам да разговарам за ова со сите. Не сакам тоа да се сведе само на женски муабет за утеха и солидарност. Сакам да биде нормално како што е нормално да дојде есен по летото. Сакам нашиот свет да ја слави жената во оваа доба. Тажно е што жените се воспеани само кога се млади или кога раѓаат.
Не сакам да си ја штиркам кожата под диктатот на здравиот изглед. Мојата кожа не е бел чаршаф.
.jpg)
Слики: Aleksandra Waliszewska
Извор за текстот: „Кожа“ (зборник текстови, 2025; „Медуза“)