Едипов комплекс (2)

26.12.2025 14:36
Едипов комплекс (2)

 

Едиповиот комплекс најчесто се одвива во триаголен однос меѓу детето, мајката и таткото. Кај момчињата најчесто значи силна приврзаност и љубов кон мајката, а таткото се доживува како ривал кој „застанува на патот“. Во фантазијата на детето тој би сакал мајката да биде само негова. Во исто време се појавува и страв — дека таткото може да го казни или повреди оти му се спротивставува (кастрациска анксиозност). Кај девојчињата приказната е малку поинаква. Првично и тие се силно врзани за мајката, а подоцна љубовта се насочува кон таткото, при што мајката може да се доживее како ривал. Во оваа фаза девојчето се соочува со чувство на недостиг и почнува да ја бара својата вредност и желба преку односот со таткото, често фантазирајќи за тоа да стане мајка. Во сите овие динамики станува збор не за реални постапки, туку за внатрешни фантазии и чувства преку кои детето постепено учи дека не може да биде сè за родителот и дека мора да најде свое место во светот.

Важно е да повториме, според современата психоанализа, Фројд не тврдел дека децата сакаат да имаат сексуален однос со своите родители, како што понекогаш погрешно се прикажува во популарните коментари за комплексот. Она што детето го сака е да се соедини со мајката, да биде со неа во целосна блискост, да ја поседува. На тригодишна возраст детето можеби сака да се трие од мајчиното тело, да цица дел од нејзиното тело, да биде во полн допир со неа… но до десетгодишна возраст истото дете нема никогаш да признае, или да биде свесно, дека имало такви желби; напротив, тие му изгледаат крајно непријатни и одбивни.

За Фројд детето не само што сака, туку пред сè сака да биде сакано. Значи, не станува збор само за љубовта што детето ја чувствува кон мајката, туку и за неговата силна потреба да биде предмет на нејзината љубов. Но мајката има и други интереси, други врски, други грижи во животот. Тука се појавува напнатоста.

Детето чувствува силна љубов кон мајката, но истовремено и омраза кон секој што го доживува како ривал — таткото, братот, сестрата. Се јавуваат конфликти оти истата личност може да биде и сакана и омразена, а заедно со тоа и анксиозност: што ако другите откријат дека детето има непријателски чувства? Детето, сосема природно, се прилепува до мајката.

Но кога и мајката премногу се впива со детето и не дозволува доволно одвојување — можеби оти детето е единственото нешто во кое таа вистински ужива — тогаш ова може да стане проблематично за детето. Токму тоа е дел од Едиповата динамика.

Во такви случаи мајката може да стане премногу присутна, дури и преплавувачка. Идејата дека таткото може да се вмеша и да воведе граница — да направи одвојување меѓу мајката и детето — може да предизвика кај детето и омраза (зашто тој поставува правило, закон), но и големо олеснување.

Смачено ти е да го носиш товарот на светот? Жал ми е, не можам да ти помогнам! Што е со твоето детство или релацијата со мајка ти... Дај ми нешто да можам да работам!
Атлас кратко размислува да го  пушти светот врз Др. Норберг

Во фројдовскиот модел, таткото ја претставува фигурата на авторитетот и законот, но и личност која е објект на љубов за мајката. Оваа татковска функција не мора да ја врши биолошкиот татко. Татковската функција, всушност, може да ја преземе кој било — друга жена, пријател, роднина — секој што има улога во одвојувањето меѓу мајката и детето, и да му овозможи на детето простор да стане посебно суштество. Таа функција може да биде претставена и од нешто што ја привлекува мајката надвор од детето: нејзината работа, одговорностите, другите интереси и страсти.

Разрешувањето на Едиповиот комплекс може да се разбере како постепен процес на оддалечување од раните, исклучиви желби и пронаоѓање нови начини на поврзување со другите. Тој процес вклучува идентификација со родителот претходно бил доживуван како ривал, и прифаќање на фактот дека родителите имаат свои желби и односи, одделни од детето.

Во рамките на хетеросексуалната динамика која ја теоретизира Фројд, момчето, соочено со страв од загуба и ограничување, постепено ја прифаќа татковата улога како носител на правило и ред. Преку идентификација со таткото тој наоѓа пат кон сопствената машкост и можност љубовта подоцна да ја насочи кон други, идни партнери.

Кај девојчето, процесот се одвива поинаку. Таа се соочува со чувство на недостиг и преку идентификација со мајката ја гради својата женственост. На тој пат љубовта најпрво може да се насочи кон таткото, а подоцна и кон други објекти на љубовта, надвор од семејниот круг.

На овој начин Едиповиот комплекс претставува важен момент во учењето за разликите меѓу половите и генерациите, во оформувањето на родовиот идентитет, како и во создавањето на Суперегото — внатрешниот глас составен од прифатените правила, граници и очекувања.

Важно е да запомниме дека клучниот исход од овој процес се идентификациите преку кои субјектот постепено го гради своето место во светот.

Чекај малце! Ова го нема во мојата апликација за преведување од тинејџерки!

***
Долго време во психоанализата постоела идеја дека момчето ја сака мајката, а девојчето таткото. Фројд подоцна увидел дека работите се посложени. Подоцна ја преиспитал оваа шема и предложил понијансирано гледиште: и малите девојчиња и малите момчиња првин ја сакаат мајката — или оној кој ја зазема мајчинската функција. Таа е фигурата што се грижи, што храни, што смирува, што го воведува детето во светот на односите.

Како што пишува Фројд:
„Во двата случаи, мајката е првиот објект.“
— Зигмунд Фројд, Некои психички последици од анатомската разлика меѓу половите (1925)

Следствено, развојот на сексуалниот и родовиот идентитет кај девојчињата често се опишува како послоевит и подинамичен отколку кај момчињата. Поедноставено, девојчето низ Едипалната драма се движи од мајката, како прв објект на љубов, кон таткото како втор објект на љубов, во моментот кога мајката може да се доживее како ривал. Подоцна таа повторно се врти кон мајката, овојпат како кон фигура со која се идентификува. Во овој процес девојчињата истовремено се одвојуваат од мајката — одвојување неопходно за психичкиот развој — и се идентификуваат со неа како жена. Токму ова двојно движење, помеѓу оддалечување и приближување, некои феминистички психоаналитичарки го препознаваат како еден од корените на поголемата идентитетска флуидност кај девојчињата. Кај момчињата, патот најчесто се опишува како поедноставен: тие се одвојуваат од мајката како прв објект на љубов и се насочуваат кон идентификација со таткото, преку која ја градат својата машка позиција во светот.

Фројд не сметал дека некој едноставно се „родил како момче“ или „родил како девојче“. Тој верувал дека начинот на кој детето зазема позиција како момче или девојче — а подоцна како маж или жена — се оформува токму во периодот на Едиповиот комплекс. Детето мора на некој начин да се соочи со идејата што значи да се биде „маж“ или „жена“ и потоа да се обиде да ѝ даде смисла на таа позиција.

Но, тука има една тешкотија: таа смисла никогаш не може целосно да се „закотви“. Што и да кажеме дека е маж, секогаш ќе сретнеме маж што не се вклопува во тоа. Исто така, за жените. Токму затоа овие моменти се длабоко интензивни и кризни за едно мало дете, а исходот никогаш не е сосема стабилен или јасен.

Во суштина, не постои совршено, уредно разрешување на Едиповиот комплекс. Тој секогаш се разрешува на некаков „несовршен“ начин. Приближно кажано: во ред е, можеш да функционираш, нема да се распаднеш, луѓето можат да коегзистираат — но позиционирањето е секогаш флуидно, недоречено.

На некој начин, психоанализата се занимава токму со тие места каде што некој не успеал целосно да се конституира како маж или жена. А тоа сме сите ние. Во секој поединечен случај сведочиме за тоа како ниедно момче и девојче — на свој начин — не успеале „совршено“ да поминат низ Едиповиот комплекс. И токму во тие несовршености се впишува субјектот.

Никогаш не е добра идеја да ги држиш емоциите затворени во себе, Харолд!

***
Да заклучиме, современите психоаналитичари потсетуваат дека емоционалниот свет на малите деца не е тивок и мирен свет. Тоа е свет исполнет со силни желби и силни стравови. Тоа е период кога за првпат на сцената се појавуваат љубовните односи. А каде што има љубов, неизбежно се појавуваат и тешкотии, напнатости, конфликти.

Околу Едиповиот период, некаде меѓу третата и шестата година, од детето се бараат тешки нешта: да се откаже од многу свои желби, да стане послушно, да не зема сè што сака, да чека, да им дозволи на другите да одат први. Тоа се мали но длабоко значајни откажувања.

Фројд го опишува бебето како „неговото величество бебето“ – суштество во центарот на светот, околу кое сè се врти. Но, според Фројд, Едиповиот комплекс е токму моментот кога детето, неколку години подоцна, почнува да се соочува со фактот дека не е семоќно, дека не може целосно да ги поседува своите родители, ниту да биде сè за нив.

Ова откажување, ова прво соочување со ограничувањето, Фројд го смета за исклучително силно и длабоко искуство во раното детство – искуство бурно, интензивно и, на некој начин, најсуштинско за психолошкиот развој. Како што вели Фројд во Три есеи за теоријата на сексуалноста (1905): „Секој дојденец на овој свет се соочува со задачата да го надмине Едиповиот комплекс“, што значи да се соочи и да ги прифати своите граници.

Со ова Едиповиот комплекс се појавува не како едноставна приказна за љубов и ривалство, туку како длабок и сложен процес преку кој детето постепено учи за родот, желбата, загубата и границите во односите со другите.

Во текот на психоаналитичкиот третман Едиповата драма се повторува преку трансферот, односно преносот. Аналитичарот се става во улога на „субјект кој се претпоставува дека знае“ и му се доделува родителска слика (имаго), што предизвикува чувства на љубов, но и на омраза. Целта на анализата е да се разреши Едиповиот комплекс, за пациентот да стекне послободна субјективна позиција кон другите и кон светот, и да ги прифати сопствените граници, конечноста и смртноста.


Гледате на што мислам?

***
Надвор од клиничкиот контекст, Едиповиот комплекс се огледува и во низа литературни и филмски дела. За подобро разбирање на овој концепт, се препорачува читање на некои од следните книги: „Хамлет“ – Вилијам Шекспир; „Браќа Карамазови“ – Фјодор Достоевски; „Портрет на уметникот во младост“ – Џејмс Џојс; „Степскиот волк“ – Херман Хесе; „Кафка на брегот“ – Харуки Мураками.

„Татко ми ми рече дека не постои начин да избегам од оваа судбина. Дека пророштвото е како тајмер закопан во моите гени; ништо никогаш не може да го промени. Јас ќе го убијам мојот татко и ќе бидам со мојата мајка и сестра.“ – Харуки Мураками во „Кафка на брегот“

Препорачуваме и гледање на некои од филмовите: „Психо“, „Шестото сетило“, „Војна на Звездите“ (трет дел), неколкуте филмски адаптации на „Хамлет“; „Антихрист“, „Американска убавина“, „Обични луѓе“, и сериите „Сопранови“ и „Наследство (Succession)“.

Му реков, ’Норман, заборави ја таа жена! Не е за тебе! Треба да го водиш мотелот! Норман! Ја слушаш ли мајка ти?
Зборува за Психо!

 

Слики: Бил Вајтхед

 

 

 

 

 

 

ОкоБоли главаВицФото