Полот не е единствена и универзална бинарна категорија

26.12.2025 16:13
Полот не е единствена и универзална бинарна категорија


КЛУЧНИ АРГУМЕНТИ

Полот не е единствена и универзална бинарна категорија

Во секојдневниот говор, правниот систем и медицинските практики, често се претпоставува дека постојат само два пола: машки и женски. Оваа претпоставка е историски и културно оформена; не е научно потврдена. Биолошките истражувања јасно покажуваат дека полот е составен од повеќе различни димензии (генетски, хормонски, анатомски, физиолошки, невробиолошки), кои секогаш не се совпаѓаат. Токму во тие несовпаѓања се појавуваат варијации што не можат да се вклопат во бинарниот модел. Затоа бинарната поделба е редуктивен концепт кој ја занемарува комплексната реалност на човечките тела и нивната разновидност.

Хромозомската димензија е варијабилна

Најчесто, половите се поврзуваат со XX (женско) и XY (машко), но постојат и многу други комбинации:

- Клајнфелтеров синдром (XXY) – лица со дополнителен X-хромозом, често со комбинација на машки и женски карактеристики.

- Тарнеров синдром (XO) – лица со само еден X-хромозом, со специфични фенотипски и репродуктивни особености.

- Мозаицизам – комбинации на повеќе генетски кариотипови во различни клетки на едно тело.

Ова укажува дека хромозомите не се апсолутен критериум за полот.

Гонадниот пол (јајници и тестиси) секогаш не кореспондира со хромозомите

Постојат интерсекс варијации во кои гонадите се мешани (овотестиси) или развиени различно од хромозомската шема. Значи, телесниот развој може да произведе различни комбинации на репродуктивни органи кои не одговараат на бинарниот модел.

Хормоналната димензија е спектарна и динамична

Нивото и дејството на половите хормони многу варираат кај поединци и не се ограничени на бинарната поделба:

Секое тело има и тестостерон и естроген, но во различни соодноси и ефекти.

Лица со андрогена нечувствителност имаат XY-хромозоми и тестиси, но нивните клетки не реагираат на тестостерон. Резултатот е женски фенотип (телесен изглед), што покажува дека „машките“ хормони се когаш не произведуваат машки тела.

Хормонските состојби се менуваат низ животот (пубертет, бременост, менопауза), што уште еднаш покажува дека полот е процес, не фиксирана категорија.

Анатомскиот пол (гениталии и секундарни карактеристики) е разновиден

Развојот на пенис, клиторис, скротум или лабии може да резултира со варијации кои не спаѓаат во типичните машки или женски категории. Хируршките интервенции што историски се вршеле врз интерсекс новороденчиња покажуваат дека бинарноста се одржува преку медицинска и правна контрола, а не како природна нужност.

Мускулите и телесната морфологија се континуум, не апсолутни категории

Машките и женските тела статистички се разликуваат по мускулна маса, висина и масно ткиво, но секогаш постои големо преклопување. Индивидуалните варијации го прават невозможно острото разграничување – спектарот е реалност, бинарноста е фикција.

Невробиолошкиот/мозочниот пол е мозаик, а не бинарност

Современите невронаучни истражувања (како оние на Дафна Џоел) покажуваат дека повеќето мозоци се мозаик – содржат комбинација на „типично машки“ и „типично женски“ структури и функционални врски.

На пример, може да се најде поголема амигдала (често поврзувана со машки мозок) во комбинација со погуста врска меѓу левата и десната хемисфера (поврзувана со женски мозок). Ова значи дека нема апсолутно машки или женски мозоци, туку спектар на комбинации.

Интерсексуалноста како категорија на видливата разновидност

Приближно 1-2 % од луѓето се раѓаат со интерсексуални карактеристики – тоа е бројност слична на процентот на луѓе со црвена коса. Овој факт сам по себе ја прави бинарната поделба неприменлива како универзално правило.

Дефиниција: Интерсексуалност – биолошки варијации кои не одговараат на типичните машки/женски категории во една или повеќе димензии (хромозомска, гонаднa, хормонскa, анатомскa).

Полот е комплексен и повеќеслоен систем

Наместо фиксирана бинарна категорија, полот е составен од повеќе нивоа кои можат, но не мораат да се совпаѓаат: генетика, гонади, хормони, анатомија, физиологија, мозок. Оваа комплексност покажува дека полот е спектар на биолошки варијации.

Општествените импликации: бинарноста е културна фикција

Ако биологијата не потврдува јасна бинарност, тогаш општествените норми кои наметнуваат строго машко/женско се културна и институционална конструкција. Тие служат за регулирање на телата и однесувањата, а не произлегуваат од природна нужност.

Цитат

Нормално?

Вистинската биолошка варијација на која било човечка особина доаѓа со збир идеи за тоа што претставува „нормална“ верзија на таа особина. Оваа идеја за „нормално“ е исто така речиси секогаш придружена со мислења за тоа каква треба да биде таа особина. Но ова треба да нè натера да размислиме и да го поставиме прашањето: што е „нормална“ човечка биологија?

Просечната мерка во опсег на дистрибуција на дадена особина се нарекува „средна вредност“ од тој опсег. Таа не е нужно најдобрата или идеалната форма, ниту е нужно најфункционалната, најадаптивната, дури ни најестетската. Таа е статистичка репрезентација на збирот од опсегот на вредности во дадена мерка поделена со вкупниот број вредности во збирот на податоци. Кај многу од особините поврзани со половата биологија што варираат низ човечките тела, средната вредност има културна вредност и се смета за „нормална“. И луѓето се оценуваат според неа. Затоа, кога се прашува за аспекти на половата биологија, опсегот на варијации и функции, или недостигот на функција, поврзан со тој опсег треба да биде фокусот, а не нужно средната вредност или некое подмножество од типичната дистрибуција. Споредувањето на средните вредности на некои особини, како што се висината и косата, имаат многу поголемо културно значење отколку биолошко значење. Други особини, како што се типот на гонадите или специфичните нивоа на хормони, можат да имаат еднакво истакнато културно и биолошко значење, но двете можеби не се поврзани на едноставен начин. Сепак, други особини, каква што е мускулната сила, варираат во нивната важност во зависност од тоа кои специфични прашања се поставуваат и какви споредби се прават. Во реалноста на човечката полова биологија, средствата, опсегот и особините имаат и културни и биолошки импликации, кои речиси секогаш се испреплетени.

На крајот на краиштата, постојат некои важни модели на варијација помеѓу 3Г категориите, но постои многу поголемо преклопување во функциите и исходите отколку што може да се долови со концептот на сексуален диморфизам или „полови разлики“. Да си „женско“ и „машко“ значи нешто биолошки, но не се два различни вида. X- и Y-хромозомите, гонадите, бременоста, нивоата на циркулирачки хормони, генетските процеси, развојната динамика, мускулатурата, растот на косата, таложењето масни наслаги и морфологијата и функцијата на мозокот, сите влијаат врз човечкото искуство. Но овие аспекти на нашата биологија и нивните варијации не се најдобро разбрани како бинарни полови разлики. Луѓето се биокултурни и имаат род/пол. Варијацијата е наша норма, а нашата варијација не одразува два вида луѓе.

Скулптури: Han Hsu-Tung

Превод: Мања Величковска

Извор за текстот: „И после сè, проблеми со родот; критички истражувања за родот, полот и сексуалноста (Коалиција МАРГИНИ, Скопје 2025)

ОкоБоли главаВицФото