1016 hPa
43 %
20 °C
Скопје - Нед, 12.04.2026 14:59

Постнеолибералниот консензус веќе постои, но нема да го најдете во политиките на американскиот претседател Доналд Трамп. По една деценија оспорувања и отпор, време е да се помириме со фактот дека неолиберализмот е мртов и дека неговото место го зазема нов консензус. Големи делови од левицата и десницата во САД се согласни околу општите контури на економската политика што ни е потребна денес. Дискусиите во институтите и на универзитетите се водат врз основа на нови и сè попопуларни идеи, оддалечени од неолибералната ортодоксија што владееше последниве 50 години.
Првиот елемент на новиот консензус е сфаќањето дека концентрацијата на економската моќ достигна критично високо ниво. Различни школи на мислење изразуваат загриженост по овој повод на различни начини. Некои зборуваат за доходовната и имотната нееднаквост и за нејзините корозивни последици во политичкиот живот. Други се загрижени поради опаѓањето на пазарната моќ и негативните импликации за конкуренцијата. Некои проблемот го гледаат во финансиската доминација што ги загрозува економските и општествените приоритети.
Понудените решенија исто така се разликуваат, од оданочување на богатите, преку ефикасно антимонополско законодавство, до реформирање на правилата за финансирање на политичките кампањи. Во секој случај, желбата да се ограничи економската и политичката моќ на корпоративните, финансиските и технолошките елити е широко прифатена. Тоа е став што ги обединува прогресивните поддржувачи на американскиот сенатор Берни Сандерс и следбениците на популистичкиот подкастер и поранешен советник на Трамп, Стив Бенон.
Втората одлика на новиот консензус е значењето што му се придава на враќањето на достоинството на луѓето и регионите што ги занемари неолиберализмот. Затоа се важни добрите работни места. Работата не е само извор на заработка. Таа е и извор на идентитет и општествено признание. Добрите работни места одржуваат робустна средна класа, која е темел на општествената кохезија и одржливата демократија.
Во свет на бурни економски промени, потресите се неизбежни. Благодарение на заштитните мерки што се применуваа до деведесеттите години – како што се заштитата на вработените, трговските рестрикции, контролата на цените и прописите со кои финансиската класа се држи под контрола – погубните последици за работниците и заедниците беа ограничени. Но неолибералите ги гледаа таквите мерки како непотребно оптоварување и како извор на неефикасност што мора да се отстрани. Тие ги занемарија економските и општествените последици од исчезнувањето на работните места како резултат на технолошкиот развој, глобализацијата и економската либерализација.
Третата компонента на консензусот во создавање е ставот дека државата мора да прифати поактивна улога во обликувањето на економската трансформација каква што ја посакуваме. Не можеме да сметаме дека пазарите сами по себе ќе обезбедат економска отпорност и национална безбедност, ќе донесат иновации во напредните технологии, чистата енергија или добри работни места во загрозените региони. Државата мора да поттикнува, да врши притисок и да субвенционира. Донедамна потиснати на маргините, индустриските политики се вратија во самото средиште на економските дебати.
.png)
Овие три начела, земени заедно, го обликуваа разбирањето на целите и инструментите на една поиновативна и, земено во целина, попожелна економска политика. Но ѓаволот е во деталите. Исходите во реалниот свет зависат од конкретните политики избрани за имплементација.
Да го разгледаме проблемот со добрите работни места. Се чини дека левицата и десницата постигнаа консензус околу пожелноста од враќање и оживување на производството внатре во сопствените државни граници. Историски гледано, индустриската работна сила имаше клучна улога во изградбата на поправедни општества во кои доминира средната класа. Но автоматизацијата и технолошките иновации го претворија производството во сектор што се ослободува од вишок работна сила. И Кина последниве неколку години изгуби милиони работни места во производството. Дури и ако инвестициите во производството и вкупниот производ во САД и Европа пораснат, влијанието врз вработеноста најверојатно ќе биде занемарливо.
Сакале ние или не, иднината на вработувањето е во секторот услуги – во обезбедувањето нега, малопродажбата, угостителството, логистиката, привремените работни места и така натаму. Секој пристап кон решавање на проблемот со добрите работни места што нема да се фокусира на организациски и технолошки иновации во овие области ќе доживее неуспех.
Секако, постојат и други причини за поддршка на производството. Заедно со дигиталната економија, напредното производство има клучна улога во развојот на иновативни технологии и е важно за националната безбедност. Затоа би било корисно, покрај политиките насочени кон секторот услуги, да се развиваат и соодветни индустриски политики. Но и тука „како“ е подеднакво важно како и „што“.
Индустриските политики можат да бидат штетни доколку придонесуваат за корупција или им служат на тесни корпоративни интереси. За жал, во тој поглед пристапот на Трамп не влева доверба. Неговите трговски политики и договори со технолошките компании се непредвидливи, трансакциски и лишени од кохерентна долгорочна стратегија во служба на јавниот интерес. Уште полошо, тие се дел од агенда на продлабочување на авторитаризмот и занемарување на владеењето на правото.
Начелата на постнеолибералната економска политика нудат јасни критериуми за оценување на програмите што се спроведуваат во реалниот свет – критериуми што покажуваат дека Трамп очигледно паднал на испитот. Формално, тука и таму зборува за добри работни места и за значењето на индустриските политики во служба на економската трансформација, но со своите постапки поттикнува уште поголема концентрација на богатството и моќта. Моделот на клиентелистички државен капитализам, со кој се обидува да го оживее одамна закопаниот индустриски сектор, не е вистински лек за неолиберализмот.
Најповолната оценка за пристапот на Трамп кон економијата би била дека станува збор за експериментална фаза на претстојната постнеолиберална транзиција. Добра вест е дека креаторите на идните политики нема да мора долго да трагаат по нови насоки. Новиот консензус веќе е тука.
.png)
Карикатури: Pedro Silva
Извор: https://www.project-syndicate.org/