1025 hPa
86 %
0 °C
Скопје - Чет, 15.01.2026 21:36

Во моето семејство никој никого не допираше без вистинска потреба. Идејата за потребата е еден од послоевитите проблемски домени на чувствителноста и на антропологијата, но можам да кажам дека во нашата куќа таа секогаш се поврзуваше со поими-предмети, со активности и неопходни постапки: сапуни, фластери, ножици. Допирите низ детството го менуваа видот и стануваа сè поретки бидејќи, всушност, укажуваа на тоа дека од некого зависиш – доколку те облекуваат или ти ги сечат ноктите, тоа едноставно значи дека не можеш сама. Допирите, заклучив уште во градинка, се последица на недостиг од самостојност, а не на приврзаност. Секогаш имаше љубов, но во посредни допири, кои резултираа со оброци, испраќања и дочекувања, а целата телесна комуникација премолчено се сметаше за недостаток на јазикот.
Дури и заземањето простор требаше да биде економично, а бевме научени ракувањата, преместувањата и одлагањата да не траат подолго од неопходното. Неопходно – уште една од категориите што по детството се покажаа неточни. Затоа ја прашав баба ми, кога ми рече дека ние во семејството никогаш многу-многу не сме се допирале, зошто мисли дека тоа е така, а таа само ги крена рамениците. Не ѝ кажав дека еднаш тато ме допре на дното од грбот – нежна и кратка полупрегратка што ме расплака. Не беше промислено, туку во недостаток на зборови за поддршка. Тој секогаш нè бакнува во чело, нè потапкува по грбот или нè опфаќа со рацете, особено кога се враќа од пат или кога стоиме на вратата со куфери – не е тоа ништо необично, но тука допирот беше замена за она што би станало банално доколку биде изговорено. Со жените во семејството е поинаку, тие се воздржуваат од допири што сугерираат ранливост, но инсистираат на оние чиј повод и исход е трудот.
На жените во моето семејство кремите за раце секогаш им стоеја крај креветот, и тоа чудно правило ми се чинеше малку смешно. Сепак, забележувам извесна каузалност меѓу дланките што готват или перат и производите што прават тој напор на крајот од денот да помине незабележано. Мазната кожа сугерира дека не се уморни и дека не миеле садови цело попладне. Мирисот на тие креми, со децении достапни во дрогериите, ми делуваше евтино оти беше медицински сведен, неоптоварен со пријатни пазарни мириси. Сега и јас секогаш носам крема за раце во чантата, а една чувам и во фиоката крај перницата. Ми ги омекнува заноктиците. Кога се прашувам што најчесто допирам, тоа се сигурно сувите делови од кожата крај ноктната плочка. Тие ситни рани се мојот отпор. Со кремата, очекувано, привремено ги припитомувам.
.jpg)
Сакав да ѝ кажам на баба дека со јазикот на кожата ние, всушност, долго разменуваме значења, бидејќи дланките што ги паметам од детството непрестајно допираа овошје и зеленчук, ги миеја ефикасно и ги лупеа со извежбан ритам. Во голема пластична чинија нејзините пегави прсти ќе излупеа јаболко, па ќе го спуштеа назад меѓу свитканата кора, јаболко чисто и влажно, и ќе преминеа на друго парче овошје. Еднаш помислив дека јас би го правела тоа со две чинии – во едната одат излупените парчиња, во другата кората. Но зошто? Тоа е ист материјал. Се работи само за привремено раздвојување на ткивото пред да влезе во желудникот, поради недоверба во чесните одгледувачи и детските климави заби.
Подоцна почнав сама да ги насочувам своите сознанија и прочитав дека кората од овошјето е полна со витамини, нешто што го користев за да објаснам зошто јаболкото го почитувам само со кора – и така го јадам откако баба ми веќе не управува со мојата ужина. Неретко загризувам и во кората на добро измиена мандарина, а моите заби понираат во киселоста; не го правам тоа пред други, би ми било срам, но за мене месото е неодвоиво од кожата. Кога почнав сама да готвам, ја задржував кората на секој зеленчук и овошје ако тоа го дозволуваше логиката на подготовката, иако не секогаш и јадливоста на деловите. Затоа секогаш беше неопходно добро да се истријат.
Кога ги спуштам рацете во топла вода полна со сапуница, кожичките околу ноктите расцветуваат. Кожата ме држи на куп, но само во водата, колку и да ја има, чувството на битисување е толку јасно, потопено: не можеш да им противречиш на своите рабови. Не ги чувствуваш. Надвор од водата, ветрот е топол и влегува во мене кога ќе излезам од морето доцна во септември. Ми се чини дека ветрот проверува дали тој и јас сме едно исто, а мора да е така. Одбивам да верувам дека, како во детските боенки, постои порабена шуплина што чека да биде уредно обоена, и дека јас сум таа шуплина, исцртана до врвовите на своите прсти. Кога ќе ја повлечам кожата околу ноктот, грубо и намерно, се потсетувам дека има слоеви и дека сите се пробиваат.
.jpg)
Нема тука ништо поетично, работата е крајно практична: морам со дланката да поминам преку текстурата на околината за да можам да кажам дека сум присутна. „Се наоѓаме меѓу три многу важни локалитети“, рече кустоската која нè води низ објектот, со децении чуван од јавноста, па ги допре трите единствени избледени места на големата релјефна карта. Низ овој музеј не може да се помине без водич; оваа жена, значи, со своите сосема обични дланки и просечно рамо, секојдневно подготвено за тоа движење, во три различни термини ја крева раката и покажува каде се наоѓа. Кога го тргнува показалецот, погледот ми останува на стратешки важното пристаниште, на пресудниот аеродром и на најблиското населено место. На картата јасно се гледа дека локацијата на која стоиме е одбрана со особена внимателност. Во утробата на планината рачно била ископана дупка со неверојатен волумен, мебелот бил направен по нарачка, но просторот најпосле никогаш не бил користен. Кревети од полно дабово дрво, ѕидови обложени со штоф што го впива звукот, стенографски машини – ништо од тоа никогаш не било допрено. Поминувам со дланката преку цистерната со нафта, некогаш задолжена за напојување, и знам дека е празна, но нејзината студеност ме уверува дека сум тука.
Туристите сакаат сè да допрат, бидејќи наивно веруваат дека нешто привремено им припаѓа, и јас не сум исклучок. Во село напуштено уште од средината на шеесеттите, олеандер и смоква никнуваат од камените ѕидови, оти нема рака што ќе ги заузди. Допирот меѓу човекот и природата секогаш се врти околу односот на моќ, а победник е оној што може да засади, да премести, да ископа и да однесе. Во соседното село, задругата стара повеќе од сто години одгледува рузмарин. Купишта берачи и купишта снопови тенки, пурпурни, прегрнати стебла, пружаат економска независност. Баба ми ми раскажуваше за медитеранското растение кое толку лесно го романтизирам. Олеандерот е отровен, велеше, а жените од неговиот лист правеле чај за да предизвикаат абортус. Топла и, претпоставувам, горчлива течност ја допирала нивната внатрешност, а потоа отровот би се спуштил низ исплашените тела и би ги лишил од непосакувани деца. Понекогаш откинувам лист од олеандер само за слузта од стеблото да ми се спушти по дланката. Одлучувам со неа да не убијам ништо.
.jpg)
Сакав да ѝ кажам на баба ми дека со јазикот на кожата разменуваме сè, дури и кога тоа не се случува преку конвенционално сфатена близина. Можеби затоа дедо го помина животот зад машината за пишување, која подоцна ја замени со столарски алат. Кога ќе ја допрам сјајната острица на абрихтерот, кој одамна не бил вклучен, нешто во мене се разгорува. Забележав дека баба многу повеќе ги допира предметите откако остана сама, и иако изгледа како да го проверува квалитетот на својот ослабен вид, јас знам дека проверува дали таа самата е уште овде. Ако под прстите ја почувствува живата ограда, мора да е тука. А сепак, со проучувањето на квантната физика станува јасно дека две тела никогаш вистински не се допираат: составени сме од атоми и ние не сме цврста, континуирана материја, како што не е ниту еден предмет. Атомите од бабината дланка никогаш навистина не ги допираат атомите од оградата или од јаболкото, бидејќи тие ситни честички не можат да се преклопат и да заземат ист простор – тие само комуницираат преку електромагнетни сили. Допирот, каков што ние го чувствуваме, всушност, е одбивање на честичките да го заземат истото место.
Еден професор еднаш кажа нешто што се чинеше толку излишно и подразбирливо во изведувачката теорија: театарот не постои без заземање на истото место, односно без телесно соприсуство. Секој обид за забелешка, во кој било медиум, по правило е второстепено искуство. На една театарска работилница ни дадоа, на учесниците, задача да вежбаме присутност така што ќе легнеме на земја и ќе замислиме дека сме мед што се слева по подот. Потоа требаше брзо да се собереме во својот претходен облик. Понекогаш замислувам како се разлевам низ паркетот во мојот стан, при што најмногу ме забавува помислата дека медот не може целосно да се собере назад. Да, вдишувам и лесно ја враќам замислената количина во формата на моето тело, но остатоците од медот со месеци потоа се лепат за туѓи стапала.
Додека ја гледам претставата на вечерната сцена, постара жена зад мене нанесува топче крема на врвот од својата дланка и внимателно го втрива – мирисот е тој што ме тера да се свртам. Хипнотизирано гледам со какви гестови осигурува впивање во кожата, а потоа и како се обидува да ги задржи рацете во воздух, за да не се залепат за ништо. Телесното соприсуство подразбира меѓуоднос на публиката и сцената, кремата и госпоѓата, мене и нејзе, нејзе и нејзиниот капут, уредно преклопен преку натечените колена.
.jpg)
На бувљакот го нагрнувам мантилот и замислувам дека, без разлика на хемиското чистење, сепак допирал нечии грбови, раменици, подлактици. За многумина тој куп туѓа облека претставува прашање на хигиена, а за мене секогаш била легло на допири: и на дланките на пазарот што пребаруваат, и на оние што којзнае колку пати го нагрнале, соблекле или испрале истиот тој мантил. Предолг е. Продавачката наместо него ми нуди кожени чевли; навистина се сочувани, но погледот ми паѓа на вдлабнатината на врвот, во која некогаш спиел нечиј палец. За разлика од облеката, кај половните чевли минатото некогаш е толку јасно опипливо, го зазема местото, го диктира обликот. Тоа ме одвраќа од купување, но не ја намалува мислата за бројот на чекори и за количината на провидни најлонки искинати во извитоперената постава.
Секоја кожа е видлив доказ за приспособување, па дури и за еволуција; преку неа впиваме и задржуваме, таа ги штити организмите на флората и фауната на посакуван начин во дадениот екосистем: со терморегулација, дишење, задржување на влажноста, промена на бојата. Мојата кожа се регенерира додека не гледам, и одново се раѓа во тишина. Науката вели дека човечката кожа е склона кон брза репарација, во склад со нашиот забрзан, релативно изложен животен стил. Раната се обновува, јас повторно ја отворам. Светот се трие, се потпира, се приближува и се прелева – благодарение на таа мала пукнатина.
И болеста на нашиот пес се најави како рана, како груба кожа на дното од неговиот врат, како грутка на нежно жолтото крзно. Кратко потоа безживотното тело требаше да се спушти од високата ветеринарна маса. Тромавиот труп, првата смрт што ја допрев, одеднаш стана потежок, и нема закон на физиката што би можел да ме убеди во спротивното.
Сакав да ѝ кажам на баба ми, но ја пуштив да ми го излупи јаболкото. Нејзиниот допир се пренесе преку површината на овошјето врз мојата слузокожа. Се сетив дека, кога ќе се исече, таа најпрво ја исцицува крвта од раната, а потоа не брза да стави фластер; тврди дека раната мора да дише пред да биде зауздана со тенкиот слој што спречува инфекција. Сега разбирам, за миг ѝ дозволува да биде пропустлива. Кога мојот прст ќе се приближи премногу блиску до киселото месо на овошјето, болката пулсира во дното на заноктицата. Дивите допири ме држат будна.
.jpg)
Колажи: Dani Sanchis
Извор за текстот: „Кожа“ (зборник текстови, 2025; „Медуза“)
Превод: Лени Фрчкоска
Белешка за авторката
Маша Сениќиќ (Maša Seničić, 1990, Белград) е сценаристка, поетеса и есеистка. Завршила магистерски студии по Теорија на драмските уметности и медиуми. Соработувала на различни домашни и меѓународни проекти, како авторка и соработничка на филм, а потоа и во театарот, на радио и на бројни фестивали. Една од селекторките на програмата „Храбар Балкан“ во рамките на Фестивалот на авторски филм, како и една од основачките и координаторките на едукативните програми „Филмкултура“. Работи како уредничка и развива неколку авторски проекти кои се темелат на теоријата на културата, студиите на сеќавањето и промислувањето на различни аспекти на интернет-уметноста.
Во 2022 Маша Сеничиќ беше гостинка на книжевниот фестивал „Друга приказна“.