1008 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 09.02.2026 11:59

Поезијата на Габриела Стојаноска е длабоко интимна. Може да се чита како исповед или како духовен дневник на една жена која поминала низ возвишените, но и низ земните искуства на човечкото доживување. Стојаноска не се крие зад метафори. Таа зборува директно и ние не мораме да читаме помеѓу редови за да ја најдеме поетската сила во нејзиниот глас.
Во збирката Живи рани, мелем песни, се отвораат четири поетски циклуси - Интимни песни, Младешки песни, Координати и Хаику сјај - кои не се само тематски делови, туку и четири поетски состојби, можеби и четири периоди од животот. Секој циклус носи своја енергија, тон и длабочина, но сите заедно се надоврзуваат во еден заокружен женски универзум во кој љубовта, болката, телото, сеќавањето и зборот се неразделни.
Првиот дел, Интимни песни е срцето на книгата. Тој дел е најболен, но и најисцелителен. Тука поетесата се соочува со своите најлични искуства – со тагата, со смртта на таткото, со чудото на мајчинството. Во песните од овој циклус, телото и душата се едно исто. Жената се појавува како извор на животот и како чувар на болката. Стојаноска не бега од сликите на физичкото, од крвта, од раната, од стравот - тие стануваат симболи на љубовта и продолжувањето. Песните се телесни, но и спиритуални, а секој стих е како допир меѓу земјата и небото.
Особено место во збирката зазема песната Дали те уплашив, која претставува врв на интимната и емотивна линија на книгата. Во оваа потресна исповед, од амбисот на најдлабоката човечка болка, Стојаноска без патетика, без вештачка возвишеност и гледа на смртта во очи претворајќи го овој чин во чин на љубов, во мелем за раната. Повторувањето на реченицата “сакав само да те пуштам” станува ритам на прифаќањето, тивка молитва, внатрешен разговор со оној што заминува. Болката се прелива во духовност: телесното страдање, медицинските процедури и секојдневните сцени од болничките ходници се преобразуваат во симбол на човечка немоќ пред судбината, но и на верноста - бескрајната верност на една ќерка кон еден татко. Сведоштво дека љубовта може да биде толку силна што дури и смртта станува нејзин дел.
Во песната За мојата прва ќерка, поетесата го отвора најличниот простор на женското тело и искуство, каде што биолошкото и духовното се слеваат во едно. Овој текст е извонреден пример на феминистички дискурс на телото, кој не се плаши да зборува за крвта, матката, раѓањето и загубата - не како табуа, туку како извори на моќ и спознавање. Со својата сурова нежност, Стојаноска овде го артикулира женскиот глас ослободен од патријархалниот срам, претворајќи ја крвта - традиционално симбол на нечистота - во светост и поетска материја на животот.
Во следните циклуси, поетесата ја прикажува поинаквата страна на себе. Младешки песни се како поглед наназад - тука зборот е полесен, но не и површен; има во нив младешка немирност, прашалници, внатрешен дијалог со минатото. Тоа се песни што не глумат зрелост, туку го чуваат изворот на поетскиот порив, првичниот пламен што ја одржал песната жива низ годините.
Во Координати, тој пламен добива друга форма - свест за припадност. Но Стојаноска не пишува патриотски во класичната смисла: нејзината „мајковина“ е истовремено татковина и земја, внатрешен простор, топлина, дом. Женската перспектива овде носи нова димензија на љубовта кон земјата – нежна, мајчинска, невоинствена, но длабока. Таа љубов не се изразува преку патос, туку преку мирис, звук, спомен, преку домашни дребулии, преку песна што ја продолжува традицијата без да ја копира.
Последниот дел, Хаику сјај, е поетска потрага по смислата. Зборот е сведен на најмала можна мера, но ја задржува својата полнота и со само неколку слогови создава сцени на природна и духовна хармонија - кратки мигови што ја обединуваат човековата и земјината убавина. Тие хаику-записи се како тивко дишење по долг плач, како знак дека животот продолжува, но во посмирен тон.
Во целина, Живи рани, мелем песни е книга што го потврдува поетскиот глас на Габриела Стојаноска како автентичен, зрел и длабоко човечки. Нејзината поезија не се труди да блеска, туку да лекува. Затоа и зборот „мелем“ во насловот не е случаен - тој не значи утеха, туку прифаќање. Стојаноска пишува од раната, и во долгата спиритуална и поетска традиција која има корени се до големиот Мевлана Руми - верува дека токму раната е отворот од каде што светлината влегува во телото, од каде што започнува исцелувањето.
Во времиња кога поезијата често бега од чувството, оваа книга не враќа кон изворот: поезијата е тука да сведочи, да прегрнува и да памети. И токму затоа, песните на Габриела Стојаноска не се само живи рани, туку и мелем песни — искрени, женски, човечки и светли.
.jpg)