1025 hPa
86 %
0 °C
Скопје - Чет, 15.01.2026 21:41

Ден по исцрпувачката свадба, невестата и младоженецот полека ги отвораат подароците, често тука се и родителите и уште по некој близок роднина. Секој подарок се попишува, додека се проценува вредноста на подарокот и износот на парите ставени во ковертот, а сето тоа е проследено со коментари кој се покажал, а кој дал помалку отколку што добил кога се женел неговиот син.
Овој обичај е присутен низ Балканот и можеби некому изгледа смешно како рурална заостанатост, но сетете се само на новогодишните празници и потрагата по подароци, бидејќи не можете да бидете единствениот во друштвото што не донел подароци. Или сетете се само на последната корпоративна размена на подароци на работа, кога на колега што не го познавате му купивте мини плоска, иако човекот со години не пие.
Поддржувачите на утилитаристичката теорија, според која секоја наша постапка е мотивирана од некаква егоистична намера, било да ни носи материјална добивка, општествена корист или само помирна совест, би рекле дека ваквиот вид размена на подароци совршено се вклопува во нивната теорија.
Сфаќањето на подарокот денес, веројатно за повеќето од нас, се темели на капиталистички премиси на дарување во точно одредени моменти и во точно определени датуми, иако бројот на тие датуми се зголемува, бидејќи капитализмот од нас бара повеќе да трошиме и консумираме, па така и во форма на подароци.
Често овие подароци не се она што го сакаме, предизвикуваат разочарување бидејќи под притисок добиваме куп непотребни подароци. Од друга страна, истите тие подароци создаваат сè поголем притисок кога ние треба да подариме нешто, во смисла дали токму ние ќе бидеме личноста што подарува погрешни подароци?
Се чини дека подароците денес не се она што би требало да бидат – знак на внимание, љубов и добра намера, туку само форма на потрошувачка за која не сме сигурни дали воопшто ќе биде искористена или, на крајот, само фрлена.
.jpg)
Економистите ќе пресметаат колкава е вистинската вредност на подарокот и ќе ја одземат од проценетата вредност, за да добијат колку пари всушност секоја година се губат само на новогодишните подароци. Станува збор за милијарди евра. Дури ќе ве советуваат и да се однесувате рационално и наместо подароци да давате пари, бидејќи така подобро се пренесува вредноста.
Сите економисти можат да пресметаат сè, но секогаш се водат од економската рационалност, а можеби токму поради неа сме таму каде што сме, бидејќи некои работи не е можно да се објаснат само преку економската рационализација.
И токму кога ќе помислите дека нема надеж и дека сите тие подароци се бесмислени, дете на улица ви подарува цвет без никаква причина. Или ќе се најдете на протест, на блокада што се одолжила и одеднаш сите почнуваат да делат храна и вода, иако немате поим ни како се викаат тие луѓе.
Мрежите на солидарност се зголемуваат и се појавуваат различни практики – од подготвување храна, до споделување превоз или нудење сместување за луѓе што се тотални странци. На вакви бранови на солидарност сме биле сведоци многу пати и порано, особено за време на трагедии и катастрофи.
Најчестото нешто што го слушаме денес и во вакви моменти е дека на луѓето им се вратила вербата во заедницата и дека се чувствуваат поблиски едни со други. Можеби би можеле ваквите практики да ги задржиме и откако ќе помине моментот на тековната борба, да ги одржуваме синџирите на солидарност што ги зацврстуваат нашите заедници и создаваат доверба во другите членови на општеството.
Практиките на подарување и помагање без очекување нешто за возврат, всушност, се многу постари од постоењето на капитализмот, кој сè уште не успеал целосно да ги комодифицира овие практики и така да ги претвори само во обична потрошувачка стока.
Една од најчесто спомнуваните, кога станува збор за овој вид економија, е Кула прстен или Кула поход, обичај што со векови се одржува во Папуа Нова Гвинеја, каде што жителите на локалните племиња со своите чамци минуваат големи растојанија за да стигнат до точката на која меѓусебно разменуваат подароци.
.jpg)
Овие подароци, пред сè, се симболи на одржување добри односи и благонаклонетост меѓу различни племиња. Покрај овој пример, разни народи и денес, на ниво на своите заедници, имаат различни обичаи што во себе содржат дарување подароци. Така, на пример, во регионите на Андите и понатаму живее практиката што се нарекува Ајни, која подразбира дека членовите на заедницата си пружаат помош, услуги и подароци едни на други (оној што има, му подарува на оној кому е потребно).
Овој концепт е широко распространет, па нешто слично се подразбира и под практиката Dugnad во Норвешка, Imece во Турција или нашата добро позната Mоба. Сите овие практики, освен меѓусебната помош за оние на кои им е потребна, имале улога во зајакнувањето на заедницата, во создавањето силни социјални врски и чувство на сигурност кај членовите на заедницата.
Ова се и моменти на подобро меѓусебно запознавање, па така за мобата важело дека тоа се моменти кога секој можел да покаже што знае – дали е шегаџија, добар говорник, вреден работник, добра готвачка или плетачка. Иако овие практики се поврзани, пред сè, со руралните средини, од нив можеме многу да научиме и да пренесеме во нашите урбани животи.
А градовите, како центри на урбаниот живот, станале место речиси исклучиво на финансиска размена. Ваквата размена е отуѓувачка, бидејќи се создава чувство дека, доколку платите нешто, не мора да воспоставите никаков контакт со другата личност, ниту да дознаете нешто за производот.
За да функционира економијата на подароци, таа мора да се одвива доброволно меѓу еднакви, слободни луѓе. Кога од страна на секторот за човечки ресурси сте принудени да учествувате во размена на подароци, заради унапредување на тимскиот дух, тоа не е економија на подароци. Економијата на подароци не е ни ктиторство, ни завештателство, ниту филантропија, која последниве години, со порастот на општествената нееднаквост, сè повеќе се враќа во мода, па имаме богаташи што градат цркви, палати и спортски терени, пред сè за барем малку да си ја измијат совеста, а често и да ги исперат парите заработени од експлоатацијата.
.jpg)
Економија на подароци не е ни кога вашиот работодавач ќе ви додели бонус по добро завршена работа, бидејќи вие всушност сте заработиле многу повеќе од тој бонус.
Често економијата на подароци се поистоветува и со стоковата размена, но и тука е потребно јасно да се повлече линија. Заедничко им е тоа што од равенката ги исклучуваат парите, но додека при подарувањето не очекувате ништо за возврат, при стоковата размена, за да добиете одреден предмет, мора да понудите нешто за возврат, и тоа со слична вредност.
Согледувањето на подарокот од поинаква перспектива е клучно во практиката на дарување. Во таа практика подарокот нема таканаречена разменска, односно финансиска вредност, туку неговата вредност е во тоа како го користи и доживува оној што го добива.
Поради забрзаниот начин на живот и постојаната трка по повеќе материјални нешта, понекогаш се заборава дека подароците не мора нужно да бидат материјални и дека без дарувањето денес не би ја имале сета таа прекрасна поезија и проза. Исто така, кога вложувате време во подарок, вложувате време и за да ја запознаете личноста на која ѝ подарувате нешто, но и во самата природа на подарокот, па можеби така ќе се намали и целата непотребна пластика, во корист на некои поодржливи подароци.
Со практикувањето на економијата на подароци и подарувањето се создаваат врски меѓу луѓето и заедниците, а токму тие врски се клучни во замислувањето и ангажманот за подобар свет.
Економијата на подароците не го гледа богатството како нешто поединечно, туку како нешто што се зголемува со споделувањето, па во некои заедници за најбогати луѓе се сметаат оние што најмногу подаруваат, а не оние што најмногу поседуваат.
.jpg)
Слики: Nicole Xu
Извор: https://www.oblakodermagazin.rs/