Трите шокови што го потресоа светот

02.01.2026 00:21
Трите шокови што го потресоа светот

Ова беше година во која се срушија последните преостанати столбови на поредокот од крајот на минатиот век, што ја разоткри празнината во сржта на она што го нарекувавме глобален систем. За тоа беа доволни три удари.

Првиот е надоаѓачката победа на Русија и поразот на здруженото политичко водство на Европа во Украина. Речиси четири години, Европската унија и НАТО играа опасна двојна игра. Од една страна, со изјави се обврзуваа дека ќе ја обезбедат победата на Украина, но не беа подготвени да ја финансираат. Од друга страна, ја искористија бескрајната војна за да зацврстат нов политички и економски консензус: тоа е милитаризиран кејнзијанизам како последен обид да се запре понатамошната деиндустријализација на Европа.

На континент на кој политичките ограничувања го оневозможија позначајното дефицитно финансирање на инвестициите во зелената транзиција или во социјалните политики, војната во Украина беше искористена како образложение за насочување на јавниот долг кон воено-индустрискиот комплекс. Премолчена беше вистината дека продолжувањето на оваа војна има мошне важна функција: војната е совршен мотор за уште еден обид за опоравување на стагнирачката европска економија преку примена на доктрината на воениот кејнзијанизам.

Тоа е погубна комбинација: ако војната во Украина заврши со мировен договор, планот тешко ќе се оствари. Истовремено, победа што би ги оправдала вложувањата премногу чини и е геостратешки ризична. Европа ја избра најлошата можна стратегија: ќе испраќаме доволно опрема за крварењето во Украина да продолжи, но недоволно за да се промени текот на војната.

Бидејќи Русија е на пат да оствари победа, што беше предвидлив исход што американскиот претседател Доналд Трамп само јавно го изнесе, плановите на ЕУ се во урнатини. Европа нема план Б за периодот на мир, бидејќи нејзината севкупна стратешка позиција зависи од продолжувањето на војната. Каков и да биде валканиот мировен договор што Кремљ и луѓето на Трамп на крајот ќе ѝ го наметнат на Украина, последиците ќе бидат многу пошироки од прекројувањето на границите. Без оглед на тоа дали Русија и понатаму ќе претставува закана или не, Европа ќе го изгуби изговорот за планираниот бум на воената индустрија, што најавува враќање на мерките на штедење.

Вториот шок е победата на Кина во трговската војна со Соединетите Држави. Американската стратегија, воведена од првата администрација на Трамп, а преземена од Бајден, беше замислена како маневар со клешти: царински бариери за да се спречи пристапот до странските пазари и ембарго врз напредните полупроводници и алатки со цел да се забави технолошкиот подем на Кина. Таа стратегија во 2025 година го доживеа своето Ватерло. Европа повторно беше најголемата колатерална жртва.

Кина одговори со изведување два мајсторски потези. Прво ја искористи доминантната позиција во трговијата со ретки руди и минерали, што предизвика потреси во синџирите на снабдување кои не им наштетија многу на американските производители, но ја парализираа европската и источноазиската зелена индустрија. Во вториот потег, кој ѝ нанесе најголема штета на Америка како глобален технолошки лидер, Кина го мобилизираше „системот на целата нација“ и го стави во служба на една цел: постигнување технолошка независност. Резултатот беше запрепастувачко забрзување на домашното производство на чипови, при што SMIC и Huawei направија пробиви по кои западното ембарго, предводено од САД, не само што е бесмислено, туку и контрапродуктивно.

Тоа веројатно е шокот што ќе има најдолгорочни последици. Изминатава година се покажа дека САД не можат да го забават растот на Кина и дека со воведените мерки само ја поттикнале да обезбеди целосна независност на сопствениот технолошки сектор. Европа, која послушно воведуваше санкции кон Кина по диктат на Белата куќа, го доби најлошото од двата света: беше потисната од профитабилниот кинески пазар за стоки со висока додадена вредност и не доби ништо од дарежливите субвенции и бенефиции за оживување на домашното производство од сега повлечениот американски Закон за намалување на инфлацијата. Избирајќи да настапи како стратешки подизведувач за САД, Европската унија само ја забрза сопствената деиндустријализација. Тоа не е пораз во трговска војна; тоа е геополитички шах-мат, во кој Европа ја имаше улогата на жртвуван пион.

Третиот шок е леснотијата со која Трамп извојува победа во царинската војна со ЕУ. На крајот од состанокот во еден од голф клубовите на Трамп во Шкотска, во кореографија на луѓето на Трамп со која максимално беше нагласено нејзиното понижување, Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија, се обиде документот за капитулација да го претстави како „важен договор“. Царините за европскиот извоз во САД скокнаа од околу 1,2 проценти на 15 проценти, а во некои случаи и на 25 и 50 проценти. Старите тарифи на Европската унија за увоз од САД беа укинати. На крајот, но не и најмалку важно, Комисијата ја обврза Европа да инвестира 600 милијарди долари во американската индустрија на американско тло – пари што можат да се обезбедат единствено со пренасочување на главно германските инвестиции во хемиски фабрики во Тексас и фабрики за автомобили во Охајо.

Тоа беше повеќе од лоша зделка, договор за екстракција на капитал без преседан. Така беше формализиран преминот на ЕУ од статус на индустриски конкурент во статус на вазал. Европа треба да биде извор на капитал и пазар приспособен на потребите на американската стока, технолошки зависен помлад партнер. За сè да биде уште полошо, таа нова реалност е кодифицирана како обврска што сега ја прифатија сите 27 земји членки, со што блокот го загуби секој привид на суверенитет. Европа договорно се обврза да обезбеди дел од капиталот што му е потребен на Трамп за на оската Вашингтон–Пекинг да ја изгради својата визија за светот Г2.

Овие три шокови сочинуваат синергиска целина. Поразот на Европа во Украина ги откри нејзините стратешки слепи точки и го урна проектот на милитаризираниот кејнзијанизам. Договорот на Трамп со кинескиот претседател донесе поплава од кинески извоз во ЕУ. Ракувањето во Шкотска ја чинеше Европа акумулираниот капитал и каква било надеж за рамноправен третман.

Во светот Г2, глобалното село станува гладијаторска арена низ која збунето талкаат Европската унија и Велика Британија. Новиот, потврд и постуден светски поредок е изграден на гробот на европските амбиции. Трајната лекција од изминатата година е дека во доба на егзистенцијални судири стратешката зависност неизбежно води кон ирелевантност.

Карикатури: Oliver Schopf

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото