За Зоки Панкер (1964-2026)

05.01.2026 04:50
Почина Зоки Панкер

Скопје денес изгуби дел од својата младост, од својот урбан дух и од една епоха што не може да се повтори. Почина Зоки Панкер – менаџер на „Балет“ и „Флок“, култен градски лик и симбол на едно Скопје кое живееше гласно, слободно и без калкулации.

Зоки Панкер беше институција за себе. „Балет“ под негово менаџирање беше засолниште за алтернативата, за музиката што не се вклопуваше во мејнстримот, за луѓето што Скопје го доживуваа како став, а не како адреса. Во неговиот простор се создаваа пријателства, се раѓаа идеи, се водеше ноќен живот кој имаше душа.

За Зоки Панкер пишуваше и Васко Маркоски во својата книга за Скопје и неговите култни ликови, ставајќи го таму каде што припаѓа – меѓу луѓето што не ја градеа сцената од дистанца, туку ја живееја секоја вечер, со сите нејзини радости и контрадикторности. Како автентичен градски лик, Зоки беше препознатлив по својот став, по директноста и по тоа што никогаш не глумеше нешто што не е.

Со неговото заминување Скопје останува посиромашно за уште еден сведок на времето кога градот имаше јасен идентитет, кога местата имаа карактер, а луѓето зад нив – име и лице. Заминува генерација што не бараше дозвола да биде поинаква.

Сеќавањето на Зоки Панкер ќе живее низ приказните што ќе продолжат да се раскажуваат, низ музиката што одекнуваше во „Балет Флок“ и низ колективната меморија на еден град што сè потешко ги препознава своите херои од секојдневието.

Почивај во мир, Зоки. Скопје ќе те памети.

Рацин, 04.01.26.

 

Александра Спасеска

Зоки Панкер. Човек-прибежиште. Фала ти за сè!

 

Виолета Ѓорѓиевска

Зоки Панкер беше институција за себе. „Балет“ под негово менаџирање беше засолниште за алтернативата, за музиката што не се вклопуваше во мејнстримот, за луѓето што Скопје го доживуваа како став, а не како адреса. Во неговиот простор се создаваа пријателства, се раѓаа идеи, се водеше ноќен живот кој имаше душа... 

 

Југослава Дуковска

Еден дел од мојата младост засекогаш замина. Бев сигурна дека си го открил начинот никогаш да не остариш и потајно ти завидував сиве овие години. Животот педантно се потруди да, иако бевме блиску, патиштата речиси никогаш веќе не ни се вкрстија, веројатно за да си остане магијата на она што го откривме заедно како деца. Сега одбивам да прифатам дека те нема; ќе си мислам да си тука некаде во близина; искрено очекувам некогаш да утнеш и пак да поминеш по мојата улица.

 

Петар Кајевски

Едно што ме фасцинираше кај Зоки Панкер уште кога бев само муштерија, а не и пријател и дилер на словачко тегнасто сирење беше односот на вработените кон него и Балет.

Работа во ноќен клуб за мнозинството не е нешто во што остануваш долго време, така што низ Балет проаѓаа многу луѓе.

Никогаш немав чуено поплаки за него како работодавач. Мнозинството доаѓаа во Балет како гости кога не им беше смена и продолжуваа со години по напуштањето на угостителството.

За викендите често имаше момент кај 4 сабајле што требаше да се сними и да се покажува по ХР семинари. Како што ќе попуштеше гужвата, шанкерките ќе се потпреа на задниот ѕид, ќе запалеа цигара и ќе здивнеа со пијачка. Тоа беа сцени на кои можат да завидуваат многу работодавачи - на уморни вработени, но задоволни од сработеното и работата.

А сликава е за односот со колегите кафеанџии…

Фала Зоки за сѐ.

 

Милан Дамјаноски

Зоки Панкер, човекот зад и пред шанкот на многу култни места во Скопје (Флок, Балет, како и мислам Ван Гог еден период), го обележи ноќниот живот на Скопје на крајот од 20 век и почетокот на 21 век, но и младоста и животните искуства на многу од нас, како што може да се види од реакциите за неговото заминување.

Одамна немам отидено во Балет, но имаше еден период во 2000-те кога редовно го посетував затоа што беше едно од ретките места каде луѓето се чувствуваа слободни да танцуваат на секаква музика, каде немаше пречка за комуникација, ниту пак некој класен систем. Тоа беше место каде времето запираше (а, често и воздухот и интернетот), каде сите влегувавме во некој клупски ворп драјв и летавме низ сопствената вселена, за да излеземе од летот кога ќе се запалеа светлата рано сабајле.Место каде најдобро се дочекуваше утрото, викендот, новата година. Слобода која даваше смисла на една младост помината во транзиција и неизвесност, оддишка од политиката и глупостите кои не замараа, а кои не ги пуштаа вратарите да поминат на врата.

Потоа, веќе Балет стана неизбежен термин во ноќниот живот, местото каде се завршува вечерта пред неизбежниот бурек ило баничка, име кое се спомнува во сите разговори каде ќе се иде вечерта. Си влезе во некој свој шаблон кој беше добро познат, со редовна програма и музика, свои редовни гости кои секогаш беа таму како иконичните лустери од кои висеа последните реси со декади, но никогаш не се предаваа и се разигруваа секогаш кога Зоки ќе ги занишаше.

Секогаш си викав дека Балет ќе трае додека последната реса уште виси од лустерите, додека шанкот и Зоки се таму, присуство кое дава сигурност дека ќе има каде да се заврши вечерта. Но, изгледа таа реса се скина и тој период на Скопје полека замина во легендите, приказни кои ќе ги раскажуваме со децении.

Слава му на Зоки Панкерот за неговиот придонес кон животот на Скопје, сочуство до семејството и сите негови пријатели, а Скопје сега треба да се потруди да направи ново легендарно место за сите генерации.

 

Димитар Банов

Мислам дека, во поново време, волку изјави на тага и жал како за Панкер, имаше само Марадона. Должна почит кон сите починати, но вакви реакции немаше ни за Мирко Попов, ни за Б. Костиќ, ни за Лазе Манасков, ни за Рингов, па дури ни за Боуви. Слични беа Зоки и Диего. Не се криеја какви се, ти кажуваа се в лице, повеќе ги сакаа другите отколку себе, беа искрени другари на обичниот човек.

 

Маја Лазаревска

Од мистериозниот и возбудлив мрак на Балет се раѓаше моќна светлина што го измиваше градот.

Единственото место во Скопје каде луѓето можеа да си бидат целосно свои без кој било да ги гледа попреку или да се чуди и да не разбира.

Место каде сè беше можно и ништо не беше случајно.

Во тој мал простор сите летавме, срцата ни беа врели од љубов и искрено радосни.

Излегував таму до последниот ден, дури и кога се сменија генерациите и веќе не познавав толку многу луѓе што одеа таму.

Почивај во мир, Зоки, ти благодарам што ни го овозможи сето тоа.

 

Тихомир Јанчовски

Отиде и Зоки Панкер. Вечно млад човек. Прво беше во ‘Ван Гог’, па нешто ќе одеше Данска, па се врати и кусо време беше во ‘Простор’, па во ‘Флок’, па долго време во ‘Балет’… Ми даваше ‘црнчиња’ место кафе кога му одев таму во 4-5 сабајле, свежо разбуден. Ретко бистар и свој човек. Ќе ми недостасува. И мене и на цели генерации што излегувале по овие места. 

 

Катарина Синадиновска

За мене и за Ѓоргина Спасевска Балет беше (и) агора каде во рани зори се водеа најдлабоки разговори за смислата на животот, улогата на уметноста, љубовта, иднината на човештвото, вредностите, капитализмот и социјалната борба.

Скопје изгуби столб на својот идентитет.

За оној кој го изградил, тоа е и повеќе од доволно за еден живот.

За Скопје е трагедија.

 

Зоран Ристовски

Зоки Панкер фала ти за една младост која во “Балет” никогаш не заврши. Легендо и добар човеку, слава ти!

 

Горан Костовски

На почетокот од годинава нè напуштија две скопски легенди. Анита Капетановиќ, бунтовничката хумана кучкарка од Генералштаб што не го дочека повторно Брега во Скопје - посебна, ретка билка. И Зоки Панкер (Флок и Балет), човекот со кој сите испиле веројатно најмногу шотови во животот, па дури и дозволи техно да се свири во Балет некое време :) Лесна им земја - му даваа посебен шмек на Скопје.

 

Јане Романов

Ми викаше ти не си од Скопје ама скопско дете си.

Три-четири пати ми го внесуваше незаклучениот точак во Балет.

Ми беше чест кога почна да доаѓаш во Глуво Куче, тогаш сфатив дека правиме нешто како шо треба.

Беше репер за многу работи, фантастичен пишувач на кратки приказни!

Почивај во мир Панкер!

До следните црнчиња...

 

Фросина Фро

И Зоки Панкер Тодоровски се одјави. Скопска и угостотелска легенда кој знаеше скопски да го живее секојдневието на градов, кој се повеќе го губи шармот.

Ќе фалиш Зоки со твоите црнчиња што нè частеше сите во Балет. Ќе фалат твоите журки, ќе фали Балет и ќе фалат моментите кога скоро секој од нас нè имаше барем по еднаш разденето во Балет.

Ќе фалиш со твоите легендарни изјави: Не ги пуштај овие, многу се свадбарски облечени. Се одјави еснаф човек. Полека и Скопје се одјавува.

 

Миа Костова

Све поголема е журката таму горе. Крај на една ера. Широко небо Панкер. Балет си беше или нема да влезеш или ќе маваш лустери до 5 сабајле.

 

Ана Зафирова

Си замина во вечност скопскиот Петар Пан… Исчезнува Скопје, не само младоста!

 

Петар Младеновски

Уште една скопска урбана легенда заминува во вечноста.
Слава му и вечни спомени.

Остави траен печат на скопскиот урбан ноќен живот за кој „новиве дечки“ само ќе слушаат приказни.

 

Маја Платнар

Си замина Панкер, симболот на Скопје.

Човекот што буквално израсна генерации, меѓу нив и мене. Се гордеам на деновите минати во Флок. Сите бевме дел од едно јато, едно прекрасно време.

Си замина Зоки, еден од најдобрите луѓе што ги познавав. Прекрасен, мирен, препрепредобар, со разум и широко отворен ум.

Панкер е вреден за споменик!

Вечна ти слава другарчино, танцувај балет на небото.

 

Марина Костова

Зоки Панкер го знам цел живот, ама на Фејсбук разбрав дека има и презиме. Се разбира дека има и презиме, ама он е единствениот што го знам кого презимето никако не го означува. Зоки има дарба да создаде кафичи што само се викаат кафичи, а всушност се места што обележуваат животи.

Мислам дека врвот на мојот пикап период беше во Флок, тоа место имаше за мене чудна енергија и ретко од таму си заминував сама. Од Флок е и мојата внатрешна слика за себеси во последната декада безгрижен живот - прв и единствен пат качена на шанк играм со затворени очи, а беше обична вечер.

Познанството со Зоки има чуден комфор, цел живот се знаеме, а ништо не сме си кажале еден за друг. На Фејсбук разбрав дека има дарба да раскаже апстрактни хармсовски приказни, го охрабрував да ги собере во збирка и да ги објави, ама изгледа го смрзело. Или просто поинтересно му е пишувањето од збирката.

Со Балет имам циклични периоди, некојпат одев често, некојпат преку година. Ама стално се случуваше истото: ќе излезам додека свири Енџл оф Харлем на Ју-Ту, и кога ќе се вратам после година-две, влегувам на истото место од истата песна кога сум излегла. Каков невиден луксуз е да имаш место кај што запира времето кога ќе заминеш и при секое враќање да продолжи таму кај што си застанал.

По скоро две ковид години, во саботата првпат влегов во затворен простор. Во Балет бевме околу шестмина плус персоналот, Зоки се брои само кога не е таму. После пола саат приметив дека има музика, а не е Енџл оф Харлем, ама не ми беше неудобно. Еј, нова страница, си реков.

ОкоБоли главаВицФото