Гане Тодоровски или за црвениот и црниот романтизам (фрагмент)

07.01.2026 13:41
Гане Тодоровски или за црвениот и црниот романтизам (фрагмент)

Знаев дека ова е нешто различно од јајце.

 

(...)

Што, всушност, се случува сега кај нас?

Се случува и се одигрува процесот на едно умножување на поетскиот јазик во стилот на една апсолутна поетска безличност, т.е. како еден неминовен вид на едно своевидно истенчување на поезијата, т.е. како вид на извежбано пеење. Во ваквата ситуација поетскиот експеримент на Гане Тодоровски, кој инаку во класичниот излитен романтичен концепт би делувал како анти-песна, добива на сè поголемо значење. Она што, имено, Гане Тодоровски ѝ завешта на македонската поезија тоа е еден широко фундиран поетски систем во кој живее, и дури би рекле татни, еден поетски немир, едно радикално немирење и непомирување со песните во празно, со празните песни, со песните завиени со метафори студени како станоил, со песните отуѓени од животот, со песните без животна и без поетска изворност и автентичност и на јазикот и на битието, со песните конструирани без внатрешни поетски оган и ерос, со песните во кои не зборува јазикот на едно непосредно животно, историско и утописко искуство, туку јазикот кој пее самиот со себе и за себе, т.е. анонимниот, безличниот, речничкиот, граматичкиот јазик кој не е проникнат со егзистенцијалното оплодување на битието, туку кој глуми битие зад кое стои празнина и ништотност.

Во случајот со поезијата на Гане Тодоровски, обратно, зад неговите обични и катадневни зборови чувствуваме нова содржина на зборовите толку непринудено и литературизирано обвиена со рудиментарна фолклорна орнаментика со што моќта на новата симболизација и поетска конотација на неговите зборови станува, поетски и јазично, уште посугестивна. Неговиот збор е сиот во длабок грч, тоа е збор-болка, збор-протест, збор кој вика, довикува, повикува. Во тој збор-вик, збор-довик, збор-повик има, навистина, и нежност (напати) и љубов (напати) и сочувство и сомилост (напати), но тие чувства и чувствувања како да залутале во неговите песни, бидејќи во својата праоснова песните на Гане Тодоровски се структурирани од и со зборови полни со омраза, горчина, злоба, неконформистичка помиреност и измиреност со постојниот ред на работите, со еден своеобразен социјален и морален атавизам, со јарост, со гнев, со шок, со подигравки, со сарказам и иронија, со смеа-гнев и со гнев-смеа, со зборови кои кога ги слушаме имаат милозвучност и сонорност, понесеност и распеаност, но ќе почнеме ли да ги одгатнуваме ќе видиме дека во нив како да се вгнездил самиот пекол, зборови кои ригаат анатеми, осуди и пресуди и кои го разоруваат конвенционалниот духовен поредок.

Дали сме го виделе сето тоа ние од атарот на критиката? Не сум сигурен. За нас е тоа едноставно поезија, нешто само по себе питомо, безазлено, нешто од онаа страна на нештата. А Гане Тодоровски ги пее токму непосредните човечки нешта, овие во нас, под нас, над нас, нештата македонски, нештата што се јавни и што се јавносносни, нештата што ги градат и уриваат илузиите, лагите, прелагите, нештата спорни и кои се во спор, нештата како нерасчистени сметки и пресметки со историјата, со социјалниот и националниот реалитет, со моралната изобличеност на живеачката.

Ти си овде

 

Честопати си го замислувам поетот Гане Тодоровски така како тој да не може да ја смисли својата песна, дека едноставно неа да не може да ја почне ако пред тоа не почне со моралната или националната, или социјалната катарза што се збиднала со него, во неговиот ден и во неговата ноќ, во денот и ноќта полни и преполни со неочекуваности, полни и преполни со интриги и навреди, со озборувања и повреди, со клевети и клетви, со среќи и несреќи, со настани-прегради и со настани-награди, и како да не може да се ослободи во песната од она што го слуша и прислушкува од неговите лирски херои, во кои се ослушкува и проверува себеси во нив и нив во себеси, сеедно како се викале тие: Јончета Наумов или Кирчета Петров, Бајрам Бедрија, скопскиот амал бр. 202 или Панта Димовска, мајката Тереза или некој си небидников од „Песната небидникова“, Ламбета од Калиште или првиот секретар еС-Ка-еМ, Флорика Самарина или Андреја Кожарец, Камчевица или Цветанка, Загорка или Лиле, русата гастарбајтерка, или Сандберг, Шели, Крлежа, Матош, Жинзифов, Мисирков, Гоце, Даме, Пере, Ацев, Рацин, Божиков, Ферид, Методија, Ѓузел, а и да не зборуваме за оние илјадници кои врват секој кон своето во песната „Делнично будење на градот“, оние: пожарникари, милиционери, гинеколози, свештеници, семкари, келнери, улични метачи, народни пратеници, студенти, инкасанти, столари, продавачи, ѕидари, софисти, спортисти, адвентисти, мизантропи, крадци, писатели, медиокритети, нарциси, хипокрити, филистри, дрдорковци, шмекери, доброволни дарители на крв, латентни убијци, есеисти, голмани, композитори, неротки, сифилисти, филателисти, конјуктуристи, кондуктери, проститутки, дреари, прекупчии, еквилибристи, директори, вратари, телефонисти, па оние одспаните, недоспаните, зловолните, шеговитите, гладните, појадените, намирисаните, неизбричените, добродушните, немиените, потстрижените, болните, куците, мамурните, брзоплетите, тажните, кашличавите, песнопојците, доодените, итн. итн. — тоа е имено таа, сета таа македонска литија како Балзаковата комедија на луѓе и на ѕверки-луѓе и луѓе-ѕверки кои ги слуша и ослушнува во своите песни во кои делникот на комедијата и комедијата на делникот израснува, всушност, во болна трагедија на делникот и во таговен делник на човечката трагедија. И токму во тоа е за мене големиот потфат што го науми Гане Тодоровски во нашата поезија и што ја наумила нашата поезија во Ганета Тодоровски.

Вкуси го центарот на градот

 

Го споменав ова за да покажам колку Гане Тодоровски се разликува од повеќето наши поети, но, се разбира, и колку повеќето наши поети се разликуваат од него. Кај т.н. наш „класичен“ поет, кој за жал, си го избори ореолот на модерен и авангарден, имам чувство дека тој и таквиот имено наш поет како одвај да чека да „заспие“ или барем „замижи“ за да му дојде или да ја сони песната (слично на надреалистичкиот поет Сен Пол Ру кој секогаш кога одел на спиење оставал на вратата порака: „Не вознемирувајте, поетот работи!“). Некои наши поети како одвај да чекаат да избегаат од денот, од виделината, од делничниот метеж, да се качат на македонскиот Парнас или на македонскиот Мон Парнас, или во и на некои трансцендентални химери, т.е. да дојдат во химерична состојба за да им дојде и појде песната и за тие да ѝ дојдат и појдат на песната. Кај Ганета Тодоровски сè е поинаку, тој ја работи песната и неа не му ја диктира небесното вдахновение, туку самиот ја сработува неа од елементарните состојби на егзистенцијата, од елементарните наслаги на денот, од сето она што се случило со кое тој е во органска врска како нему да му се случило; во денот и ноќта, низ денот и ноќта, преку денот и ноќта, по денот и ноќта. Несомнено, голема е таа разлика во пристапите на песната и кон песната, во раѓањето на зборот и затоа песните на Гане Тодоровски се толку различни песни, како што се различни денот и ноќта, небото и земјата, прастабиларната хармонија и дневната дисхармонија и какофонија, богот и робот, светецот и амалот.1

Гане Тодоровски не престанува да биде небесен поет; навистина милува прашинка да е, милува луња да е, милува да е разбушавен ветар, милува да биде громовник, божилак, снеубав ден, тревожен звук, горчливи голтки непремолк, маѓепсан мегдан, но тука, на земјава, и тоа на земјава македонска. Кај него, несомнено, ќе се сретнат бравурозни мајсторски јазични игри („Горда песна“2, на пример) игри на зборовите кои играат налудничав и урнебесен танц, кај него има лудост и полудување на јазикот, има кај него не само семантичка, туку и фонемска и морфемска игра на зборовите (на пример, „Нашинска III“3), но тие зборови и тие зборовни игри повеќе прилегаат на зборови-вртоглавици, на зборови-пиштоли и на слогови-куршуми кои имаат и кои носат едно длабоко вознемирување, кои не нè оставаат намира, кои удираат по дамарите на нашата историска и морална свест и неа ја соочуваат со нашата совест. Од неговите песни немаме никаква шанса да се одбраниме; можеме да им забраниме пристап, да им свртиме грб, но тоа ним ништо не им пречи — ќе нè навасаат во часот кога воопшто не ги очекуваме и ќе почнат да ни шлакаат шлаканици, да нè плукаат, да нè кршат и прекршуваат. Да ѝ обезбеди таков имено статус на песната, при што песната да не загуби ништо од длабокиот поетски флуид, тоа имено му појде на Гане Тодоровски во нашата поезија.

Како што веќе можеме да видиме, она што Гане Тодоровски го прави исклучителен поет тоа е неговиот автохтон однос кон зборот. Тајната на неговата поезија лежи во тајната на неговиот збор и во неговата употреба. На што имено се должи тоа — едноставниот, уличниот, катадневниот јазик, или понекогаш дури јазикот на меаната да има кај него толкав силен и сугестивен поетски набој — тоа е работа на посебна анализа. Меѓутоа, дека истите зборови кај другите поети звучат банално и тривијално, тоа е очигледно. Кај него, меѓутоа, тие зборови имаат некоја чудна поетска и сугестивна сила се чини во прв ред затоа што, во првиот случај, во случајот на другите, зад конкретно-предметно неовоплотени зборови не стои определено и оригинално антрополошко искуство, некоја автохтона сублимација на нашите севкупни историски, социјални и морални сублимации, додека, во вториот случај, во случајот на Гане Тодоровски, обичниот, речничкиот, народскиот збор со својата и во својата колоквијалност не е празен или испразнет семантички знак за себе и или звук по себе. Кај него, одеднаш и наеднаш, употребениот збор станува некако „страшен“ во прв ред затоа што низ него и во него се трансцендирани безличниот и егзистенцијалниот идентитет на зборот и песната, на песната во зборот и на зборот во песната, откривајќи нешто знајно, кое никој не го рекол, или не го рекол така како тој. Неговите зборови со некој чуден поетски флуид нè врзуваат за себе, нè поврзуваат со себе, ние стануваме нивни, а тие стануваат наши, како наш дел во нив и како нивен дел во нас, па почнуваат да нè идентифицираат со себе и да нè судираат меѓу себе, станувајќи со нив едно и исто: Ние како Тие, и Тие како Ние.

Песната на Гане Тодоровски поради тоа не ја доживува честата судбина кај поетите — таа да оди на една страна, а зборовите на друга, туку зборот и песната се прелеваат едно во друго и се проникнуваат едно со друго.

Знаеме дека не ти требаме. Ајде, користи си го скапоцениот GPS. Многу ни е гајле. ОСЕТЛИВИ ЗНАЦИ

 

Зборовите кај него се грлени извици или грлени восклици на човечката егзистенција, на нашата историска и национална трагика и излегуваат од неа како непосреден нејзин императив, излегуваат како неминовен израз и како израз на неминовноста. Затоа неговата песна никогаш не доаѓа очекувано, како нешто познато што го очекуваме, туку надоаѓа како секавица, како луња пред бура, неочекувано и токму во таа и со таа неочекуваност нè стаписува. Неговите едноставни, делнични, профани зборови водат, како што велеа старите надреалисти, љубов со себеси и меѓу себеси, но и љубов со нас; се оплодуваат како тело станувајќи тело, се отелотворуваат во нас во некој емоционален транс и лудорија. Иако се толку пати употребени и злоупотребени во делникот и во катадневието, сепак, во нив се крие и од нив зрачи она што можеме да го наречеме првична, изворна состојба на зборот, па тие ни делуваат не во некоја нивна претходна која и да е агрегатна состојба, т.е. тие ни делуваат и дејствуваат не излитени, туку како да извираат од самиот човечки пекол за да потечат, протечат и дотечат до животот, со кој си го знаеме Врутокот, но Солун не. Ние сме како и Вардар завардарени, превардарени, подвардарени, недовардарени од нив. Силата на зборовите на Гане Тодоровски, речено народски, е во тоа што тие не умеат да лажат среде овие катадневни чуени недочуени, видени недовидени лаги и поетски прелаги од кои сме едноставно задушени и пригушени.

Како што добро знаеме јаболкото и гревот, т.е. лагата, ја има само во рајот, во пеколот не, таму е човекот да се исчисти од лагите свои и од лагите на другите. Затоа и ми се чини дека неговите зборови кои не умеат да лажат имаат во себе нешто пеколно, дека се пеколни, од пеколот затоа што го откриваат и разоткриваат него. Секој можен пекол: делничниот, празничниот, љубовниот, пеколот на умирањата, на живеачката, пеколот на поезијата и историјата, пеколот на селаните и граѓаните, на политичарите и на историчарите, пеколот на поетите и профетите, на жената и мената, пеколот на печатите и читачите, на шетачите и талкачите, пеколот на пијаниците и меаните и на којзнае уште кој и на којзнае уште што и каков пекол. Најголемата сила на неговите зборови е токму во тоа што се тие зборови-вочовечени, зборови-вопредметени, зборови-вотелотворени во духот на она откровение што ни го соопштува Иво Андриќ: „А минатата ноќ се случи вистинско чудо. Зборовите еден по друг почнаа да се претвораат во луѓе, животни и предмети околу мене. Уште од премалку - потивко од сенка, попреодно од ветрот - тие одеднаш застанаа, се овоплотија и добија тежина, обем и сите својства на живи битија и познати предмети и се распоредија во просторите околу мене“.

Да не бев го прочитал ова кај Андриќ не ќе можев толку пластично да си ги објаснам и протолкувам зборовите на Гане Тодоровски и нивната поетска сила.

Несреќа во фотошоп. Помагајте!

 

(...)

Гане Тодоровски своето антрополошко искуство го проникнува или изникнува од историското искуство на македонскиот национален пекол. Токму на ова македонско историско искуство, и како антрополошко и како поетско, се темели интелектуалната, моралната и со самото тоа поетска и историска (поетска како историска и историска како поетска) дијалектика на поетичката програма на Гане Тодоровски. Кога на пример, темелно ќе се прочита „Апотеоза на делникот“ и на поетско-социјален и на поетско-национален и на поетско-морален план тогаш дури можеме да го сфатиме Ганета Тодоровски кој како да сака да рече: им свртувам грб на сите што им е добро, на сите коишто се среќни и на сите што ликуваат, во стилот на онаа бележита мисла на Иво Андриќ од „Немири“: поететите се верни само во неволите, а ги напуштаат оние на кои им е добро.

На тој начин меланхолијата и гневот, егзистенцијалниот бол и протестот што толку меѓусебе се проникнуваат, слеваат, влеваат и прелеваат едно во друго, едно со друго и едно низ друго, го супсумираат фундаменталното поетско искуство на Гане Тодоровски. Оттука и доаѓа комплексноста на неговото чувствување, доживување и откривање на светот во човекот и на човекот во светот. Во него како во најприроден амалгам се мешаат заедно: болката и гневот, омразата и љубовта, тагата и очајот, трагичното и хуморното, острината на духот и сомилоста, умноста и лекоумноста, националното и универзалното, татковината и светот. Во тие кохерентни поетски антиномии не е секогаш, меѓутоа, лесно да се разлачи што краде едно од друго: тагата од радоста, меланхолијата од гневот, резигнацијата од протестот, светот од татковината, омразата од љубовта и, се разбира, обратно. Но, на ова не се завршува. Потем меѓусебно едно од друго одземено, едно на друго додадено, се пренесува и се вообликува во нешто трето, во некоја сосема нова и сосема неочекувана поетска стварност, која тешко можеме да ја дефинираме еднозначно, бидејќи е комплексна, амалгамирана, структурирана, отворена секогаш за нови толкувања, за нови согледи и догледи, бидејќи останува и понатаму тајна и незнајна, бидејќи е поетски флуидна и извишена до делириум, до екстаза. Отаде и се чини дека најкапиталното становиште во/на поетската програма на Гане Тодоровски — становиште кое кипти во секој и од секој негов стих — и кое тој во нашата современа поезија најсеопфатно го реализира, без оглед на сите можни консенквенции, дури понекогаш и без оглед на самата естетска вредност на песната, е становиштето на радикалното одбивање да се прифати во поезијата опортунизмот и на духовен и на национален и на историски и на морален план. Тоа становиште уште посестрано се резимира во онаа последна реченица од есејот „А. Г. Матош“ на Иво Андриќ, кој еве го зедовме и ние за нашиов крај, а кој и во македонскиов случај гласи: во оваа сè уште над сите нејзини предели неразденета темна и густа македонска ноќ — будни се само поетите и атентаторите.

Марфиев закон

 

ФУСНОТИ

1 Не сакам, се разбира, да одречам дека некои негови одделни песни, во стилот, на пример, на „Две игрозборки“: „1. Ех тој Гане, ех тој Гане... / Ураган е — / Ура Гане! 2 / О, Гане, Гане! / Оган е Гане!“, како и повеќе негови стихови не се своевидна апотеоза и на баналноста, која како социјален феномен толку жестоко ја притиска нашата делнична опстојба. Меѓутоа, баналноста кај Гане Тодоровски не е од типот на онаа сентименталистичка кантиленска поетика, која ретко кој ја гледа, бидејќи е обвиткана со некоја божем „метафоричка оригиналност“. Кај Гане тој вид и таков вид на баналност и тривијалност нема. Тој ја „воспева“ баналноста на катадневието, неговата едноличност и неговото сивило. Притоа, поетската моќ на Гане Тодоровски е во тоа што тој умее баналното да го преобрази во поетско и на тој начин да кореспондира со баналноста на антибанален начин, за разлика од другите кои се, навистина, антибанални, но антибанални на банален начин.

2 Токму во „Горда песна“ се покажува фактот на таа дилувијална сила на поетските зборови на Гане Тодоровски кои во својата игра не остануваат само на играта, испразнета од поетската идеја, туку, во прв ред, се во нејзина функција: „И гол и горд / И уште погол и уште погорд / И дури најгол и дури најгорд / Од голорек до гордорек / И гол и горд / И уште по и уште нај / Од гологлав до гордоглав / И гол и горд / И гол до по и горд до нај / Од голоод до гордоод / И гол и горд / Од гологорд до гордоок / И гол и горд / И горд и гол / Од голобол до гордобол“.

3 „Македонци!

Ем — Ма — ем — ке — ем — дон — ем — ци

Ем — донци — маке — ем — кедон — маци

Ем — донма — цике — ем — цима — донке“

Но и сите свои јазични лудории се во извонредната идеја која, по ова македонско расслогување како судбина на еден народ, со која ќе допреме до стиховите што по сето ова следат: „вртени превртувани извртувани / делени разделувани раскинувани / на слогови на мани и на фили / на егеи на вардари на пирини / ослепени еднооки видовити“ итн.

Импресивно е, да, но не гледам поента.

 

Слики: Дејв Коверли

Извор за текстот: Георги Старделов, Портрети и профили (Мисла, 1987)