1025 hPa
93 %
-1 °C
Скопје - Чет, 15.01.2026 21:59

Она што се случува во Венецуела е лудачки експеримент. Американската влада зборува за трансформација, но соработува со стариот режим. Делси Родригез, наследничката на Николас Мадуро, е исто толку виновна како и тој, и таа мора да одговара пред суд – таа и нејзиниот брат (Хорхе Родригес, претседател на венецуеланскиот парламент). Тие сносат одговорност за сè што направи Мадуро. Тој не беше претседател на Венецуела – тој беше диктатор, еден од најлошите во Латинска Америка. И крадец. Затвораше и мачеше луѓе од политички причини. Не разбираме зошто демократските сили воопшто не се земаат предвид. Сега се зборува дека луѓето во Венецуела повторно треба да излезат на улиците. Но тие не излегуваат. Синоќа повторно имаше многу пукање и борби – а луѓето дури и не знаат кој против кого војува. Дали војската се бори сама со себе, дали е вклучена колумбиската герила? Никој не знае. Не постојат независни информации.
Имам роднини во сите делови од земјата. Така постојано дознавам каде во моментот се пука, каде има воздушни напади или експлозии. Целата земја е во страв. Гориво нема никаде, делови од земјата немаат струја. Луѓето едвај се осмелуваат да зборуваат за тоа. Не се знае што е дозволено, кој прислушкува, дали следниот војник на улица ќе ти ги проверува пораките на телефонот. Страшно е кога за време на разговор ќе го слушнеш соговорникот како вели: „Сè е во ред! Сè е во ред!“ – додека во позадина се слуша кршење стакло или пукање. Ништо не е во ред. Но ни тоа не се осмелуваш да го кажеш. Каракас е пекол на земјата.
Ги разбирам Венецуелците кои сега слават. Тие го слават падот на диктаторот. Тоа го разбирам, но не можам да го чувствувам истото. Од првиот момент кога слушнав за интервенцијата, чувствував само страв. Страв за политичките затвореници, страв за моето семејство. Никој не зборува за ослободување на политичките затвореници. За жртвите на мачење. Се зборува само за нафтата и за економијата. И за тоа дека моќниците ја држат ситуацијата под контрола – под надзор на САД. Дури ни не се преправа дека станува збор за демократија, за луѓето во Венецуела. Венецуелците направија сè за да го надминат стариот режим. Избраа претседател кој никогаш не дојде на власт – Едмундо Гонзалес. Молев¬ме за помош од сите земји во регионот: Мексико, Колумбија, Бразил. И Шпанија. Постојано молевме. Но никој, баш никој не помогна. Венецуела едноставно беше оставена сама.
Кога сè уште живеев во Каракас, за време на демонстрациите во 2002 година, на кои и самата учествував, беа убиени 20 луѓе и тогаш си помислив: морам да си заминам одовде, ова е катастрофа. Оттогаш се убиени повеќе од 20.000 луѓе, а осум милиони избегаа од земјата. Насилството е насекаде. Научив едно: секогаш може да биде уште полошо.
.jpg)
Карикатури: Markus Grolik
Извор: интервју (Волкер Вајдерман, „Die Zeit“)