1007 hPa
37 %
29 °C
Скопје - Пон, 11.05.2026 18:59

Чашуле и Малески го плашат Митрев
Коле Чашуле еднаш решил да го исплаши Димитар Митрев и се сокрил под една клупа на булеварот ЈНА, каде што секој ден во исто време поминувал авторитетниот и немилосрден книжевен критичар и теоретичар.
Владо Малески, не знаејќи за намерата на колегата, исто така решил истиот ден да го исплаши Димитар Митрев; со помош на кожниот мантил се преоблекол во Коле Чашуле и се сокрил под друга клупа.
И кога изрипале двајцата…!
Бизарната сцена случајно, одејќи на работа, ја видел Лазо Колишевски, првиот човек на македонските комунисти, и веднаш решил несериозните другари соборци и писатели да ги прати во дипломатија.
***
Блаже се преоблекол во Славко
Еднаш Блаже се преоблекол во Славко, ставил маска и отишол на маскенбал во „Офицерскиот дом“. Таму му пришла убава дама, облечена како бајадера, и му подметнала белешка. Блаже ја прочитал и помислил: „Ако поракава е за мене, како Блаже, се прашувам што треба да сторам? Ако, пак, е за мене, како Славко, јас како чесен човек не смеам да ја искористам. А што ако поракава е само шега на едно младо суштество во потрага по внимание? Ма, нека оди во темничиштето пално!” И ја фрлил пораката во канта за ѓубре.
.jpg)
Добро, кој ти го украде идентитетот?
***
Славко се преоблекол во Блаже
Еднаш Славко се преоблекол во Блаже и отишол на гости кај Георги Старделов. Љубезниот критичар и теоретичар понудил горчлив чај:
‒ Ќе ми верувате ли, Блаже, дома немам ни коцка шеќер. Пред малку Славко ми беше на гости и го изеде сиот шеќер.
Славко ништо не одговорил.
***
Славко на маскенбал
Еднаш Славко се преоблекол во Блаже, нафрлил на себе лавјо крзно, и отишол во „Офицерскиот дом“ на маскенбал.
Петре, веројатно пивнат, го видел човекот во лавјо крзно и викнал:
- Лага! Тоа е Гане Тодоровски! Измама! Тоа е Гане Тодоровски!
***
Славко размислувал
Славко си седел дома и размислувал: „Јас сум гениј, во ред. Блаже исто така е гениј. Ама и Иво Андриќ, лесна му земја, е гениј. За Крлежа да не зборам... Кога ќе се заврши ова?”
Тука завршило.
.jpg)
Крадач на идентитети. Ти?
Слики: Дејв Коверли