1025 hPa
93 %
-1 °C
Скопје - Чет, 15.01.2026 21:59

Утеха
Пливам меѓу безброј утехи
Но, која да фатам да ме утеши
Сум под лупата на злите погледи
Секој од нив ме ранува, секој може да ме повреди
Постојано сум во бескрајно бегство
под светлата во ова сирото божество
Зафрлен во толпа немилосрдна густа
а внатрешно самувам на ширина пуста
Дај ми прегратка како грабеж
во еднава рака имам заборав
а во другава надеж
Во тебе најдов убавини
кои го одземаат здивот
Но, најважно од сѐ,
во тебе најдов причини за живот.
Реткост
Фрли поглед горе високо
од сите птици на небото
само јас останав под урнатините на ноќта
да бдеам над тебе како ѕвезда,
Една трошка во недогледното жито
преостанав да висам како амајлија
од целото човечко пространство,
бидејќи само ти ми требаш
од овие мртви умови
а живи тела.
.jpg)
Убод
Ова што во мене се забодува
како од длабок сон ме пробудува
да не го нарекуваа копнеж
ќе речев дека е колеж,
Перото со своја крв го натопувам
со раката што го држи
прикачувајќи ја на болка
и во сѐ што окото бележи.
Приговор
Имам приговор од кој жал ми вири
за работите кои ми беа одземени од дланка
кои пред мои очи беа отстранети од видик
како свеж плод од натежната гранка.
За годините кои со присуство поминаа
на сите работи кои ме правеа слаб
а сега ме отсликуваат како груб,
што низ времето не ме одминаа.
Далеку од себе
Чувство на тага – кутра,
бесрамно во мене се шета
како пијаница во раните часови
во црно-белите утра,
Се осеќам како самец,
на големо растојание сум
со половина од моето тело
на самиот себе сум странец,
Како да сум на остар раб
на што се должи ова знам,
или некој ми фали во градов
или јас сум во погрешен град.
.jpg)
Отчет
О, ти лажен свету
ти крволочен песу
ти немилосрден ѕверу
ти лицемерен кафезу,
срами се од себе
затоа што си неиздржлив век
како што јас се срамам од себе
затоа што сум човек,
ваков ли те затекнавме
или ние ваков те направивме
каков си ти лажго
по сиромавиот удри
богатиот чувај го,
Kaжи
се срамиш ли
поради детето кое лежи
поради Ајлан Курди,
Како човечноста ти избега од раце
и удри на бреговите на немилоста
се удави во водите на алчноста
се срамиш ли
црвенее ли твоето лице,
Млади фрлени во ровови
прерано ставени во своите гробови
крвници ги надгледуваат од своите тронови,
Ми капат солзи како порои
затоа што мајката едвај детето го дои
другото богатство брои
некој по боја луѓето ги двои
зарем не сме сите чеда твои?
Поинаков поглед
Светци од сите правци и магионичари древни
богови на световите далечни и јамите темни,
сплотете сили и подајте си еден другему рака
и вперете поглед овде бидејќи не бидува вака,
Како рането животно светот длабоко бревта
од пакоста како инфекција што се шири во крвта,
оружје моќно до заби, а гладот збиен до коска
подлиот род невешто со своето постоење се коцка,
Вчера дете умре едно, пак второ, трето...
прегазија над сѐ што некогаш било свето
и така ден за ден, смрт по смрт, бавно
си тргуваат со животот евтино и јадно,
Направете нешто од престолите возвишени
како што водата ги мекне грутките исушени
така солзите требаше да го омекнат светот опсен
што сѐ уште пробува насилно да остане присебен.
.jpg)
Ќе дојде ден
Ќе се дигне знамето на слободата
со боја на крв и риги од солзи
На лицата ќе им бидат исцртани
сите украдени младости
и причинетите гадости,
Телата ќе им бидат оковани
во ланците на обезвреднетите трудови
Стомаците докторски продрени
со горчината на одземените залаци
Своите битија ќе им бидат нивните
најголеми противнички сведоци,
Мозокот втиснат помеѓу
срушените соништа и надежи
ќе го осетат целиот гнев
на нашите предци дамнешни,
Ќе задува ветер од сите страни
носејќи свеж мирис на слобода
и само тие ќе се задушат и ќе видат пад
а ние ќе уживаме во нечија смрт по првпат.
За книгата и авторот
Од едно долго мисловно патешествие просеана е збиркава од рани и нежности, за смислата на животот, љубовта, светот... „Бодликавите мисли“, се составени од мисли и емоции кои се отслик на мозокот и јазикот. Мислите не се напишани за да го разубават светот, туку просто за да бидат присутни, во целата негова комплексност.
Овие стотина песни треба да допрат барем некоја душа која барем малку ќе си го разбистри видикот, а со тоа и патот по кој чекори. Збиркава е за оние што ја чувствуваат поезијата како близок простор, тивко и пријателско место каде што мислите можат да бидат продорни и вистинити.
***
Бунјамин Мефаил е роден на 01.05.1998 во Скопје.
Со поезија почнал да се занимава во средно училиште.
Завршил правни студии.
Во моментов живее и работи во Холандија.
.jpg)
Слики: Крис Бузели
Извор: Бунјамин Мефаил, Бодликави мисли (едиција „Триста ветрила“, Темплум, 2025)