1025 hPa
93 %
-1 °C
Скопје - Чет, 15.01.2026 21:59

Книгата ја приредила: Калина Малеска
Автори на содржините: Маја Јошевска-Петрушевска, Елена Ончевска Агер, Жаклина Ѓорѓиоска, Маја Митева-Петроска, Марија Атанасова, Калина Малеска, Мира Беќар, Марина Димитриева-Ѓорѓиевска, Бојан Петревски, Бранка Гривчевска, Дијана Петрова, Ивана Дуцкиновска, Ивана Цветанова, Гордана Алексова, Оливера Димитријоска, Перчо Божиновски, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Станислава-Сташа Тофоска, Љупка Евроска, Трајче Стамески, Фросина Додевска, Христина Салтирова, Елена Николова
Книгата може да се најде на следниот линк.
Вовед: Активности што претставуваат предизвик и задоволство
Мотиви за проектот за подобрување на функционалната писменост
Во нашето општество со децении се зборува за лошите состојби во образованието и потребата тие да се надминуваат. Предлагани се и преземани се различни реформи, но се чини дека состојбата не е многу подобрена, како да е невозможно да се излезе од маѓепсаниот круг. За тоа има повеќе фактори: несоодветност на дел од реформите, тешкотијата да се идентификуваат причините што го попречуваат развојот на вештините, предизвиците при градење конкретни визии за подобрување на образованието и многу други.
Реформите обично се однесуваат на големата слика: образовни концепти, поврзување предмети, воведување нови предмети или подготовка на учебници. Додека големата слика е важна како појдовна точка, она што суштински може да доведе до поквалитетно образование е влогот во и на наставниците во однос на конкрените активности и начини на одржување на часовите, односно наставната методологија и односот кон учениците/студентите. Оваа книга е израз на нашите желби и напори да го пробиеме маѓепсаниот круг.
.jpg)
Друг фактор е тоа што е многу полесно да се утврди фактичката состојба отколку причините што доведуваат до незадоволство на учениците и наставниците од образованието или до слаби резултати на различни видови тестирања – оние редовните, стандардизирани тестирања од типот на ПИСА (Програма за меѓународни тестирања на учениците - Programme for International Student Assessment) или матурските испити. И во секојдневниот живот и во медиумите, особено во социјалните медиуми, често се среќаваме со констатации за лошите состојби во образованието. На пример, тврдењето дека интернетот го намалил опсегот на внимание веќе се смета за утврдена вистина. Но прашањето е што се прави во врска со тоа. Голем дел од оние што имаат важен удел во образовниот процес сѐ уште го проценуваат и очекуваат дека може да го проценат знаењето на учениците со истите критериуми и пристапи што важеле во времето кога немало интернет. Тоа може да доведе само до погрешна проценка. Со фактот дека интернетот е реалност, методите на работа може да се приспособат за да се извлече најдоброто од ситуацијата таква каква што е, но тоа ретко се прави.
Факторите што влијаат врз квалитетот на образованието се многубројни и сложени. Дел од нив се учебниците. Многу од нив содржат релевантни информации за предметот и се во согласност со наставните програми, но имаат многу други слабости. Во нив понекогаш има и контрадикторни или недообјаснети работи, а и ретко кој содржи посеопфатни вежби или прашања за размислување. Нефлексибилноста во однос на наставните програми е уште еден важен фактор – што сѐ е предвидено да се покрие и дали темпото што е потребно за да се помине целата програма не им остава време на учениците да ги разберат темите што се покриваат. Еден од најчесто занемаруваните фактори е недостигот од мотивираност, кој често погрешно се толкува како мрзливост или незаинтересираност. Меѓу изјавите на некои ученици за односот кон стандардизираните тестови на кои има слаби резултати е и дека тие не се толку важни затоа што не се за оценка. Според тоа, недостига дискусија во врска со темата зошто учењето да се сведува на добивање оценки и кои се негативните последици од тоа.
Еден од најзначајните фактори е начинот на изведување на наставата, и тоа е полето на кое е фокусирана оваа книга.
Процесот на изведување на проектот, како и на подготовката и спроведувањето на активности на часот ќе бидат опишани подолу и придружени со конкретни примери и нивна анализа. Ќе бидат наведени и некои размислувања за можни начини на надминување на некои од проблемите.
.jpg)
Овде наведувам само еден конкретен пример за да укажам на важноста да им се даде многу поголем фокус на начините на изведување настава. Еден од текстовите што им беа поделени на група ученици беше придружен со неколку прашања во врска со тој текст. Накратко, еден човек чува пари во дупка во ѕидот, кои никогаш не ги користи, туку сака само да ги гледа. Но парите се украдени и тој е неутешен сѐ додека еден сосед не му предложи да ги замени парите со камен. Приказната, секако, е посложена, но овде се насочуваме кон една друга поента. Едно од прашањата е: во приказната каменот има важна улога – наведете дали се согласувате со ова и со што би го поткрепиле. Речиси ниеден одговор не содржеше објаснување, односно поткрепа. Одговорите, во најмногу случаи, се движеа меѓу тоа дека каменот има или дека нема важна улога. Ова укажува на тоа дека потенцијалот на учениците да понудат свои хипотези не се развива со доминантните начини на предавање, дека не се поттикнува нивното критичко размислување и дека учениците не се охрабруваат да нудат свои гледишта за она што го читаат.
Постои опасност концептите што се промовираат и се повторуваат во определен период во едно општество да се претворат во флоскули, во празни зборови што означуваат некој поим што во моментот е актуелен, но во практиката да не се спроведуваат. Ваква опасност веќе постои и за поими како што се критичко размислување, аргументирање, интердисциплинарен пристап и така натаму. Со цел овие значајни феномени да не се претворат во празни зборови, оваа книга содржи конкретни предлози за можни активности што ги развиваат овие и други важни вештини.
Еден од најсилните лични мотиви за моето ангажирање во оваа област, со надеж дека овој проект ќе придонесе за подобрување на состојбите, е искуството со врсничкото насилство и колку разорна моќ има тоа врз психичкиот развој на децата што се изложени на него. Од сите постојни аспекти на образованието, овој е најважен. Ако се очекува образованието да биде многу повеќе од учење информации, тогаш развивањето вредности како соработка и солидарност се интегрален и неопходен дел од развојот на секој човек.
.jpg)
Една од важните работи за која некои наставници не се свесни е дека нивното однесување е примерот што учениците го репродуцираат. Во тој контекст, бескорисно е, на пример, да се применува некој метод што поттикнува соработка, ако притоа наставникот омаловажува некој ученик. Методот е и во однесувањето на наставникот, не мора секогаш да се однесува на смислување некаква вежба.
Најголем дел од авторите и авторките на оваа книга имаат големо искуство во образованието и се поврзавме преку заедничките интереси и она што на сите ни претставува приоритети во образованието: учениците/студентите да ги развиваат своите вештини и таленти, да се чувствуваат безбедно, да не бидат изложени на потсмев или друг вид понижување од страна на своите врсници или на наставниците, да размислуваат самостојно, критички да анализираат сѐ што читаат, да развијат мотивација да се надградуваат, да го поврзуваат наученото со други области на знаење и со животот во нивното опкружување.
Читајќи за овие теми, увидов дека она што се нарекува функционална писменост е најблиску и најнепосредно поврзано со ваквите образовни приоритети. Затоа, во 2023 година го иницирав проектот за подобрување на функционалната писменост и, заедно со група ентузијасти – колеги и колешки од неколку образовни институции – работевме две години на овој проект доброволно, односно без финансиска поддршка, поради што опсегот на истражување и на аспекти што ги покриваме беше релативно ограничен. Во 2025 година, фазата на подготовка на изданието од овој проект (Функционална писменост - активности и развој) доби финансиска поддршка од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со која се овозможи излегувањето на оваа публикација.
Работата на оваа книга ја сметаме само за еден сегмент од процесот што ќе го продолжиме и натаму: да вложуваме во функционалната писменост кај себе и кај оние околу нас и, во тој контекст, се надеваме дека ќе ја прошируваме соработката и со други.
(Горниот текст е дел од воведот кон книгата, додека целосниот вовед, со анализа на поимот функционална писменост и релевантата литература, како и целите и текот на проектот се наоѓа во книгата на наведениот линк.)
.jpg)
Слики: Christoph Niemann