1008 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 09.02.2026 11:59

Веднаш откако американската војска на 3 јануари изврши државен удар во Венецуела, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен напиша дека ЕУ „стои покрај народот на Венецуела и поддржува мирна и демократска транзиција“, а потоа додаде дека „секое решение мора да ги почитува меѓународното право и Повелбата на ОН“.
Истот ден се огласи и комесарката за надворешна политика и безбедност Каја Калас, која нè извести дека ЕУ „внимателно ја следи ситуацијата во Венецуела“. И таа напомена дека „начелата на меѓународното право и Повелбата на ОН мора да се почитуваат“, како и дека Унијата „повеќепати истакнала оти Николас Мадуро нема легитимитет“.
Првите реакции од Франција беа контрадикторни, бидејќи претседателот Емануел Макрон изјави дека Венецуелците „треба да се радуваат на крајот на диктатурата на Мадуро“, додека министерот за надворешни работи Жан-Ноел Баро беше покритичен, нарекувајќи ја американската операција „кршење на принципот на неупотреба на сила, кој е во темелите на меѓународното право“. Германскиот канцелар Фридрих Мерц исто така нагласи дека не го признава Мадуро како претседател, а легалноста на американската интервенција, според неговото мислење, е „комплексна“.
Британскиот премиер Кир Стармер, пак, порача дека неговата земја „нема да пролее солзи за режимот на Мадуро“. Калас подоцна објави заедничка изјава, потпишана од сите членки на ЕУ освен Унгарија, а единствената членка што отстапуваше од тонот на остатокот од Унијата беше Шпанија, чиј премиер Педро Санчез им се приклучи на Бразил, Чиле, Мексико, Колумбија и Уругвај во заедничката осуда на американската интервенција.
Значи, првата реакција на европските лидери на евидентното американско кршење на меѓународното право во Венецуела во најголем дел беше збир од лицемерни флоскули со поголема или помала доза ликување, за работите донекаде да се променат дури два дена подоцна, кога Доналд Трамп изјави дека островот Гренланд, автономна територија на ЕУ и на членката на НАТО, Данска, е „приоритет на американската национална безбедност“.
.jpg)
Односно, „ужасно е стратешки важен. Кинески и руски бродови сега се таму насекаде“, го објасни Трамп значењето на геополитички важниот остров, кој го населуваат 60 илјади луѓе и кој содржи огромни резерви на критични минерали. Членките на Советот за безбедност на ОН, Данска и Франција, во понеделникот на итна седница на телото ги критикуваа американската интервенција во Венецуела и заканите на Трамп кон Колумбија и Мексико.
Премиерката на Данска, Мете Фредериксен, порача дека Америка „нема право да го анектира“ Гренланд, „силно апелирајќи“ до САД „да престанат со заканите“. Потоа заеднички се огласија министрите за надворешни работи на нордиските земји, пишувајќи дека за Гренланд „смеат да одлучуваат само Гренланд и Данска“, а два дена подоцна се огласија и лидерите на Франција, Германија, Италија, Полска, Шпанија, Обединетото Кралство, Данска и Гренланд.
Во заедничката изјава тие го потсетуваат Трамп дека Данска е членка на НАТО, па оттаму „безбедноста на Арктикот мора да се остварува колективно“. Изјавата ја поддржаа уште низа членки, но не и европските функционери како Калас, фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Коста.
По ваквите, најблаго речено неусогласени реакции, повторно се огласи Трамп, изјавувајќи дека САД во врска со Гренланд „разгледуваат низа опции, вклучително и употреба на воена сила“. Последново целосно би ја обесмисли Повелбата на НАТО и самиот сојуз, кој е должен колективно да ја брани секоја своја нападната членка, односно, како што рече Фредериксен, тоа би бил „крајот на НАТО“ и на безбедносниот поредок воспоставен по Втората светска војна.
Во средата во Копенхаген беше одржан итен и таен состанок на оваа тема, по кој министерот за надворешни работи Ларс Локе Расмусен изјави дека Данска е „подготвена за соработка и проширување на американското присуство на Гренланд“. Што мислат за тоа Гренланѓаните, не кажа, бидејќи претставниците на островот на состанокот воопшто не беа поканети.
Во меѓувреме, порталот Политико објави дека европските лидери ќе се обидат новонастанатата ситуација во Латинска Америка да ја искористат за внатре во ЕУ да протуркаат потпишување договор со тамошниот трговски блок Меркосур. Фон дер Лајен би требало тој договор да го потпише следната недела, а не е познато како на тоа ќе реагира американската администрација, со оглед на тоа што западната хемисфера ја смета за свој двор во кој на другите им е забранет пристапот.
.jpg)
Карикатури: Henrique Monteiro
Извор: https://www.portalnovosti.com/