САД како мафијашка држава

13.01.2026 00:34
САД како мафијашка држава

Информирајќи го светот за деталите од киднапирањето на Николас Мадуро минатата сабота, Трамп всушност се повика на доктрината на Монро: звучеше како никогаш да не го прочитал нејзиниот текст, но историчарите, се разбира, ја препознаа идејата за Вашингтон како своевиден заштитник на западната хемисфера. Заедно со стратегијата за национална безбедност објавена во декември, нападот врз Венецуела може да се толкува како продолжување на остварувањето визија за поделба на светот на она што нацистичкиот правник Карл Шмит го нарекуваше „големи простори“ под контрола на големите сили (во денешниот свет тоа се Вашингтон, Москва и Пекинг). Но ова не е само враќање кон таков вид де факто империјализам: Трамповото ветување дека ќе „управува со Венецуела“ во корист на американските нафтени компании сигнализира интернационализација на еден аспект од неговиот режим – оној што со право се опишува како логика на мафијашка држава. Таа логика уште поочигледно доаѓа до израз во намерата да се киднапира Гренланд.

Теоријата за мафијашка држава прв ја разви унгарскиот социолог Балинт Маѓар во 2016 година. Во таква држава најважна не е онаа форма на корупција што се одвива преку размена на коверти под маса. Корупцијата тука има облик на местење јавни набавки; големите компании се ставаат под контрола на олигарси наклонети кон режимот, а тие за возврат купуваат медиуми за да обезбедат поволно известување за владетелот. Крајните добитници се припадниците на она што Маѓар го нарекува „проширено политичко семејство“ (кое може да ја опфати и природната владетелска фамилија). Како и кај мафијата, цената на припадноста кон системот е безусловна лојалност.

Како што често е случај со Трамп 2.0, практиките што некои други режими се обидуваат да ги прикријат кај него се бесрамно отворени: со „паузирањето“ на Законот за коруптивни практики со странски елементи јавно е објавено дека Соединетите држави не се само отворени за бизнис, туку и за примање мито (без разлика дали станува збор за авион или лажна награда од ФИФА); не само што помилувањата се нудат на продажба и што компаниите можат да им се додворат на властите со финансирање на гротескна балска сала – туку се чини дека претседателското политичко семејство, во кое спаѓаат и милијардери како Стив Виткоф и Хауард Латник, добро ќе заработи од бизнисот со странство, а сега и од прекуокеанските воени авантури; според тврдењата на истражувачкиот новинар Џад Легум, Трамповиот олигарх Пол Сингер, сопственик на нафтената компанија „Ситго“, одлично ќе помине во бизнисите со владата во Каракас што ќе ја контролира Трамп.

Тоа не значи дека причините за американската „специјална воена операција“ во Венецуела можат да се сведат на паролата „сè е поради нафтата, будала“; тука е и аргументот дека операцијата придонесува за неутрализирање на влијанието на Иран, Кина и Русија (иако преседанот на киднапирање лидер на една земја и убивање 40 луѓе им дава легитимитет на слични интервенции на други сили, како што со право предупредуваат коментаторите кои најавуваат распад на меѓународното право). Тука е и старото неоконзервативно оправдување за соборувањето тирани од власт, кое поранешниот Марко Рубио, од времето пред да го бакне прстенот, со жар го поддржуваше – иако оставањето во живот на обезглавен режим ја доведува во прашање заснованоста на аргументите за заштита на демократијата и човековите права. Но поентата и не е во промена на режимот, доколку режимот е согласен со Трамповиот проект на експлоатација. Алтернативата е изнуда: ако американските нафтени компании добијат „целосен пристап“, тогаш владетелите на земјата која исто така е мафијашка држава не мора да се грижат за своите позиции; ако не, ќе се приреди средба меѓу големиот и малиот шеф на тема: „Убава ви е оваа земја; ќе биде голема штета ако мораме целосно да ја изораме со тотална воена инвазија.“

Трамповата игра ја издаде брзиот премин од Венецуела кон темата Куба, а потоа и Гренланд. Трамп, Латник и Линдзи Греам во претседателскиот авион злобно се смееја на наводната неспособност на Данска да ја обезбеди безбедноста на Арктичкиот круг; шегата по која обожавателите се превиткуваа од смеа беше објавата дека Данска испратила уште една кучешка запрега да го брани Гренланд (всушност, Копенхаген неодамна одлучи да испрати нови воени бродови и беспилотни извидувачки летала – но точно е дека користи и елитни патроли со кучешки запреги). Во секој случај, Соединетите држави одамна имаат база на Гренланд и на многу начини ја користат оваа територија како што им одговара: и покрај антинуклеарната политика на Данска, Соединетите држави за време на Студената војна го користеа Гренланд за прелети на бомбардери Б-52 со нуклеарни боеви глави, што го правеа, како што подоцна се покажа, со премолчена согласност на данската влада (некои кадри од филмот Dr. Strangelove се снимени над Гренланд). Данските политичари дури сега почнуваат да сфаќаат дека клучното прашање во овој случај не е националната безбедност, туку Трамповиот омилен еуфемизам – „економска безбедност“.

Гренланд поседува критично важни минерали; тој е и навидум празен лист хартија за секакви колонијални фантазии популарни кај припадниците на втората група Трампови сојузници – а тоа се шефовите на големите технолошки компании: автономни градови, „мрежни држави“ или дури „населување на морето“, сето тоа се темели на спојот на либертаријанската идеологија и вештачката интелигенција. Компанијата по име Праксис – финансирана од Питер Тил – ја реализира идејата за создавање нови земји со користење криптовалути; еден од основачите, Драјден Браун, изјави дека „Праксис сака да го поддржи развојот на Гренланд преку координирање на деловниот талент, компаниите и капиталот за потребите на заштитата на Арктикот, извлекувањето критични ресурси, тераформирањето на земјиштето со напредни технологии за да се направи попогодно за живот, како и изградбата на митски град на северот“.

Но, како и во случајот со Јужна Америка, приказната има поширока заднина: Пет Бјукенен, претседателски кандидат од 1992 година, одамна фрлил око на Гренланд; второ, тука е и фактот дека сегашниот претседател го возбудуваат – да се изразиме пристојно – силни визуелни доживувања; еднаш рече: „Ги сакам мапите. Секогаш сум велел: ’Види колкаво е ова… Ова мора да стане дел од Соединетите држави.’“ Она што ја движи трката за територијата на Гренланд, за која еден од Трамповите обожаватели во Конгресот неодамна рече дека треба да го носи името „Земја на црвеното, белото и синoто“, е логиката на екстракција, експлоатација и изнуда (со претходна екстрадиција пред американски суд, доколку е потребно).

Карикатури: Oliver Schopf

Извор: https://www.theguardian.com/