Википедиска револуција

14.01.2026 00:27
Википедиска револуција

Википедија е најпопуларната онлајн енциклопедија. Месечно корисниците на повеќе од 300 нејзини изданија прегледуваат повеќе од 26 милијарди страници; таа ја редефинира енциклопедистиката, а понекогаш (на пример во случајот со англиското издание) станува синоним за точноста на објавените информации. Википедија на 15 јануари го слави својот 25-ти роденден.

Англиското издание на Википедија ужива доверба, што во време на општа недоверба кон сè, превреднување на сите вредности и криза на знаењето, воопшто не е мало достигнување. Енциклопедијата што ја уредуваат корисниците ја покренаа Џими Вејлс и Лари Сенџер. Првата објава, на 15 јануари 2001 година, гласеше „Hello, world“.

Идејата беше едноставна – да се пишуваат (не само) енциклопедиски статии и сите да се објават за читателите целосно бесплатно. Реализацијата започна во време кога класичните, печатени енциклопедии почнаа да заостануваат зад дигиталните, на пример Microsoft Encarta, а и славната Encyclopedia Britannica (основана 1768 година, а од почетокот на 20 век објавувана во САД) веќе го објави своето издание на ЦД.

Но, Вејлс имаше револуционерна идеја – енциклопедијата нема да ја пишуваат проверени научници, универзитетски професори или експерти за одредени области, нема да ја пишуваат ниту луѓе кои се прославиле во некоја дејност па за неа пишувале (на пример, славниот напис за герилско војување за Британика го напишал Томас Едвард Лоренс, познат како Лоренс од Арабија), туку би можел да ја пишува секој, но уредништвото (составено од волонтери и аматери) ќе ја проверува содржината.

Пристапот од самиот почеток имаше елементи на научност – секоја статија е поткрепена со извори кои ги потврдуваат наведените податоци, а секоја статија е јасно и прегледно структурирана. Со идејата дека секој може (да се обиде) да учествува во пишувањето на основната енциклопедиска статија, беше срушена хиерархиската бариера на знаењето, досега неопходна и за пишување енциклопедиски статии.

Тоа не беше единствениот удар на Википедија врз класичните енциклопедии. Во нив важноста е хиерархиски организирана, што е и последица на ограничениот простор на секое печатено издание. Едноставно, важна личност ќе добие 80 реда текст, помалку важна осум реда, а неважните воопшто не влегуваат во енциклопедијата. Во Википедија може да влезе сè, сешто и секој, а должината на статијата начелно не ја одредува важноста, односно местото во хиерархијата.

Трета голема промена е хоризонталноста на темите. Во класичните енциклопедии приватниот живот на личноста (во случајот на биографска статија) едвај се споменува, додека во википедиските статии тој аспект од животот е рамноправен со професионалниот. Четвртата промена е огромната брзина. На класичните енциклопедии, дури и кога повеќе не беа само во печатени изданија, им требаше многу време за внесување некој нов важен податок, на пример датум на нечие умирање. На Википедија податоците за бројот одиграни натпревари или постигнати голови се внесуваат речиси веднаш.

Начинот на пишување на Википедија Вејлс го објасни и во неодамнешно интервју за El Pais. Длабоко ги почитува експертите, но тие не мора да бидат „најдобрите луѓе за таа работа“. Тој наведе пример на новинар специјализиран за технологија кој не мора да биде личност што најмногу знае за темата за која пишува, но кој ја разбира комплексноста на темите, поставува правилни прашања и им објаснува на читателите, „и тоа е навистина моќно“.

Википедија, иако основната идеја на Вејлс е таа да биде вредносно неутрална и фактографски заснована, е под удар како „пристрастна“, „woke“, „левичарска“. Таа се напаѓа и се прават обиди да се дискредитира, веќе и како идеја, со оружје од арсеналот на Трамп. За фашизоидниот сопственик на речиси сè (вклучително и вселената) Елон Маск, таа е „Wokepedia“, и тој планира да ѝ конкурира со својата Grokipedia, која ја создава вештачката интелигенција.

Планот на Маск да ја купи Wikimedia Foundation за милијарда долари и со тоа да го добие правото да ја преименува Википедија во „Dickipedia“ (Куропедија) не успеа. Прашање е каква улога ќе има вештачката интелигенција во создавањето на идните енциклопедии, па и на Википедија. Таа е концептуално нешто што ги избегнува класичните контроли, замислена е спротивно на принципот на (целосна) контрола и ја пишуваат, уредуваат и проверуваат четвртина милион луѓе.

Спротивно на тоа, Маск се фали дека неговата Grokipedia ќе биде без грешки токму затоа што нема да ја пишува ниту еден човек. Опасноста, не само за Википедија, се крие и во сè поголемата популарност на резиметата што ги создава корисничкиот интерфејс, а кои изобилуваат со неточности и многу нешта ги сокриваат (на пример за Маск во Grokipedia), зашто тоа го бара „инвеститорот“.

Колку и да е револуционерна, Википедија во многу нешта всушност е конзервативна на добар начин – се заснова на принципот на знаење, факти, критичност, проверливост и исправливост, додека спротивно на тоа се создава свет на „знаење“ што би требало да се темели на непогрешливост, односно на лага.

Карикатури: Fiestoforo

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото