Животот на левицата на северот

16.01.2026 00:41
Животот на левицата на северот

Скандинавските социјалдемократски партии беа архитекти на славната и речиси митска држава на благосостојба, која се темелеше на тесна соработка помеѓу работничките синдикати и владата и обезбедуваше квалитетна социјална грижа, финансирана преку прогресивно оданочување. Идејата беше пропорционално најмногу да се оданочуваат луѓето во средни години, а социјалните бенефиции да бидат насочени првенствено кон децата и постарите. Исклучително важни беа бесплатната здравствена заштита и образованието, како и платеното породилно и татковско отсуство, заедно со високата вработеност на жените во јавниот сектор. Сите овие партии во своите рани денови беа под влијание на марксизмот, но тој со текот на времето беше постепено отстранет. Нивната стратегија може да се сумира како „реформа, а не револуција“: поимот бескласно општество или радикален антикaпитализам никогаш не беше на дневен ред. Експлоататорските односи во производството остануваат, повеќе или помалку, недопрени. Социјалдемократската идеологија делумно произлегува од социјалистичката традиција и еманципацијата на работничката класа од 1880-тите и 1890-тите години, како и од религиозните folkrörelser (народни движења), преку кои селанските и работничките организации рано продреа во државните структури и го трасираа патот за изборниот успех на социјалдемократите. Во овој текст ќе стане збор за модерната историја и тековната состојба на социјалдемократијата во Скандинавија, со посебен фокус на ситуацијата во Шведска.

Како одговорија социјалдемократските партии на подемот на популистичката радикална десница? Најпрво со стратегија на задржување: држејќи се до своите идеолошки убедувања и обидувајќи се на тој начин да победат во дебатата. Таков пример би биле социјалдемократите кои упорно го бранат интернационализмот и релативно дарежливата политика кон бегалците. Потоа, партијата може да избере стратегија на неутрализација, едноставно одбивајќи да заземе политички ставови за „горливите прашања“ од агендата на популистите. Трето, партијата може да заземе позиција на конкурент. Оваа стратегија бара партијата да се откаже од својот идеолошки интегритет за да добие гласови. Социјалдемократите, на пример, почнуваат да се залагаат за ограничување на миграциите и да ја нагласуваат важноста на интеграцијата на сметка на мултикултурализмот. Оваа опција, за жал, преовлада во сите скандинавски земји, пред сè во Данска.

Данска и Норвешка

Тамошните социјалдемократи во јуни 2003 година претставија нов манифест за доселувањето и интеграцијата, во кој наведоа дека е неопходно да се ограничи доселувањето во Данска. Се чини дека оваа стратегија на кооптирање на десничарските позиции не се исплатеше на изборите: во 2005 година социјалдемократите изгубија уште пет пратенички места.

Во ерата на Хеле Торнинг-Шмит, која ја водеше партијата од 2005 до 2015 година, социјалдемократите ја таргетираа средната класа како своја главна избирачка база и се завртеа кон политичката десница во социоекономските прашања. Партијата ја усвои идеологијата на „третиот пат“, како и нејзините сестрински партии низ цела Европа. Во март 2006 година Торнинг-Шмит објави дека социјалдемократите се подготвени да ја поддржат даночната реформа на либерално-конзервативната влада, што во суштина значеше запирање на зголемувањето на какви било даноци за време на мандатот на владата.

Изборите во ноември 2011 година резултираа со победа на левиот центар, по една деценија владеење на десната „буржоаска“ коалиција. Сепак, речиси веднаш по преземањето на должноста, социјалдемократската влада ги прекрши своите изборни ветувања и изјави дека ќе продолжи со политиката на економски реформи на претходната либерално-конзервативна влада. Таа спроведе строга програма на штедење со кратења кои најсилно ги погодија пониската средна класа, работниците и невработените – со други зборови, токму оние избирачки групи што социјалдемократската политика традиционално настојуваше да ги заштити.

Во периодот пред парламентарните избори во 2015 година социјалдемократите за првпат признаа дека изгубиле гласачи во корист на деснопопулистичката Данска народна партија и објавија дека таа партија сега им е главен конкурент. Кампањата на социјалдемократите „Det Danmark du kender“ („Данска каква што ја познавате“) беше критикувана поради додворувањето кон десните популисти, на што во партијата одговорија дека е „насочена кон сите оние што сакаат да ја зачуваат Данска“. Сепак, нагласувањето на „зачувувањето“ на старото укажува дека социјалдемократите беа загрижени поради „прелевањето“ на гласачите кон Данската народна партија до таа мера што беа подготвени да ја преземат деснопопулистичката реторика.

Со новата лидерка Мете Фредериксен, социјалдемократите се оддалечија од блеровскиот „трет пат“ и од додворувањето кон средната класа, враќајќи се кон работничката класа како своја избирачка база и направија два програмски пресврти. Партијата скршна налево во социоекономските прашања, но уште посилно се приближи кон (популистичко-радикалната) десница во социокултурните теми, прашањата на законот и редот и имиграцијата. Во ноември 2015 година социјалдемократите договорија повеќепартиски договор за привремени контроли на данските граници. Фредериксен изјави дека „приливот што го видовме во Шведска и Германија темелно ги промени тие општества, а јас не сакам тоа да ѝ се случи и на Данска“.

Социјалдемократите во јануари 2019 година го претставија својот нов манифест за имиграциската политика, кој изнесе исклучително строги предлози во врска со барањето азил во Данска, вклучително и озлогласената идеја за „прифатни центри“ што би се воспоставиле надвор од Европа. Истата година ја презедоа власта со поддршка од неколку помали леви партии.

Норвешката Работничка партија во 2001 година го доживеа својот најлош изборен резултат од Втората светска војна наваму, губејќи дури 43 пратенички места во парламентот. Официјалниот одговор на оваа социјалдемократска партија од левиот центар беше, како и во другите скандинавски земји, „враќање кон корените“. На изборите во 2005 година се забележа извесно закрепнување и партијата се врати на власт. Кооптирајќи ја стратегијата на деснопопулистичката Партија на напредокот, во септември 2008 година лидерот на лабуристите, премиерот Јенс Столтенберг, претстави список од 13 мерки за заострување на имиграциската политика, особено на правилата за азил. Изборната кампања на Работничката партија беше насочена кон имиграцијата, интеграцијата и нееднаквоста. Столтенберг исто така изјави дека е подготвен „да оди и на барикади за да ја одбрани социјалната држава и нордискиот модел на социјална грижа“. Се појави превентивен консензус околу прашањето на имиграцијата: сите главни политички партии се согласија дека имиграциската политика треба да биде строга, а разликите главно се однесуваа на тоа колку строга треба да биде. На избирачите сè поважни им стануваат социокултурните прашања, како што е имиграцијата, за разлика од прашањата како даноците и распределбата на богатството. Партиите сè повеќе се натпреваруваат кој ќе има најстроги предлози за имиграциска политика – во октомври 2017 година, на пример, Работничката партија предложи забрана за носење никаб во училиштата и на универзитетите. Од 2021 година партијата, по осум години во опозиција, повторно е на власт.

Шведскиот модел

Историски гледано, шведската SAP — Socialdemokratiska Arbetareparti — беше далеку најуспешната меѓу сите работнички и социјалдемократски партии во светот. Повеќе од половина век, помеѓу 1932 и 1988 година, таа освојуваше над 40 проценти од гласовите на секои избори. Шведскиот модел, за време на златните години на социјалдемократијата, од 1936 до 1973 година, беше опишуван со суперлативи како „реалистична утопија“, „прототип на современо општество“ и „најуспешното општество што светот некогаш го видел“.

Прогресивната политичка идеологија на интервенционистичката „голема држава“, која вложува значителни средства во програмите за социјална грижа и во „припитомувањето“ на пазарот, од глобалната рецесија во седумдесеттите години наваму сè почесто се претставува како „проблематична“ и „неодржлива“. Критичарите на партијата стануваат сè погласни, а дури и внатре во самата партија расте „десницата“, која може да се опише како економски либерална, а не социјалистичка.

Конечно, по 40 години социјалдемократи на власт, на изборите во 1976 година победува десната коалиција. Конзервативизмот и неолиберализмот сè повеќе ја нагризуваат партијата. Самото раководство на партијата беше одговорно за неолибералниот пресврт на почетокот на осумдесеттите години. Контролата на инфлацијата станува нов приоритет. „Кабалата“ на чело со министерот за финансии Кјел-Олоф Фелт ја протурка дерегулацијата на шведскиот пазар на кредити и капитал. Кога Фелт му го изнесе предлогот на тогашниот премиер Олоф Палме, овој одговори: „Правете што сакате, јас и онака ништо не разбирам“.

Во текот на деведесеттите години, кога повторно доаѓа на власт, партијата продолжува со спроведувањето на неолибералните политики и мерките на штедење, како и со намалувањето на даноците. Десничарските (или, како што ги нарекуваат Швеѓаните, „буржоаски“) коалиции и коалициите предводени од SAP што се менуваа на власт од 1991 година наваму, како да се натпреваруваа во поттикнувањето на нееднаквоста. И едните и другите ги намалија даноците на наследство и на станбена сопственост на нула и го отежнаа пристапот до социјалните надоместоци.

На изборите во 2015 година црвено-зелениот блок ја презема власта, со лидерот на Социјалдемократската партија, Стефан Лофвен, поранешен челник на синдикатот на металците без какво било академско образование, како премиер. Јануарскиот договор од 2019 година доведе до формирање малцинска коалициска влада меѓу социјалдемократите и Зелените. И покрај овие два последователни мандати, социјалдемократите бележат драстичен пад на поддршката – уделот на гласови падна од 45,3 проценти во 1994 година на 28,1 проценти во 2018 година и 30,3 проценти во 2022 година. Минатата година, конечно, преминаа во опозиција.

Иднината на скандинавската левица?

Корените на политичката криза на социјалдемократијата лежат во историско-општествените околности на деиндустријализацијата, исчезнувањето на институционалните и организациските структури својствени за индустриското општество и новите бранови миграции. Во 1982 година индустриските работници сочинуваа 20 проценти од шведското избирачко тело; до 2014 година тие сочинуваа само девет проценти. Во посилно синдикално организираниот и индустриски север на земјата, социјалдемократите и понатаму се доминантна партија. Работничката класа како централно избирачко тело на левиот центар сè повеќе ја заменува средната класа. Сепак, за да го задржат својот удел од гласовите, на социјалдемократските партии им се потребни гласачи и од средната и од работничката класа, па затоа често се обидуваат да балансираат меѓу различните преференции на овие гласачки групи. Социјалдемократите во 2018 година се осврнаа на оваа проблематика во своите официјални гласила и се запрашаа дали „приоретизирањето на гласачите од средната класа во големите градови отишло предалеку“, додавајќи: „На квалитетот на социјалната грижа надвор од големите градови требаше да му се посвети повеќе внимание“.

Иако навидум сè уште во согласност со своите прогресивни, космополитски вредности, Шведска до 2016 година прифати пропорционално најголем број бегалци и баратели на азил меѓу сите европски земји. Оваа отворена политика кон бегалците имаше широка поддршка во јавноста и првично ѝ се спротивставуваа само екстремистите од радикалната десница. Но кон крајот на ноември 2015 година социјалдемократската влада на приливот бегалци одговори со воведување мерки чија цел беше значително намалување на бројот на луѓе што доаѓаат во земјата. Одлуките за заострување на политиката за азил наидоа на силни внатрешни критики од редовите на партијата. Како што изјави еден градски советник од Стокхолм: „Не сум сретнал ниту еден член на партијата што се согласува со овие мерки. Луѓето се чувствуваат изневерени. Имаме членови што ја напуштаат партијата поради тоа. Особено е тешко овде во Стокхолм. Многу членови на партијата доаѓаат од азилантските и антирасистичките движења“.

Низ цела Скандинавија, дел од гласачите и членови на овие партии преферираат рестриктивна имиграциска политика; од друга страна, усвојувањето многу рестриктивен став би било во спротивност со некои од темелните начела на социјалдемократијата. Стратегијата на смирување на политичката расправа и нејзиното насочување подалеку од социокултурните прашања што ги форсира радикалната десница, назад кон социоекономската политика, како и истакнувањето на сопствената улога како заштитник на работничките интереси, е клучен дел од одговорот на левиот центар.

Потребно е широко движење што ќе го протресе левиот центар, ќе внесе нова енергија, идеи и радикализам, ќе понуди надеж и инспирација на прогресивно ориентираните луѓе разочарани од постојните партии. Прогресивната средна класа во Скандинавија има поголем потенцијал отколку во многу други земји, бидејќи поголем дел од средните слоеви ги сочинуваат синдикално организирани вработени. Силните синдикати, поврзани со политичката левица, можат да го одржат идентитетот на работничката класа и да дејствуваат како штит против налетот на десниот популизам.

Карикатури: Tjeerd Royaards

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото