1008 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 09.02.2026 11:59

Мито Хаџивасилев Јасмин еднаш седел во меаната „Букет“ и размислувал:
„Тешко е нешто да се рече за Славко оти е баеги мистериозен. Грамаден писател е. И Владо Малески е малецок во однос на Славко. И Ацо Шопов е пинцур. А Ристо Крле, Васил Иљовски, Стале Попов и Ѓорѓи Абаџиев се обични празни вреќи во споредба со Славко.
Од друга страна, самиот Славко е празна вреќа во споредба со Блаже.
Затоа, наместо да пишувам за Славко, подобро е да пишувам за Блаже.
Од друга страна, Блаже е толку голем што за него ретко кој може нешто да напише. Затоа сепак ќе пишувам за Славко.
Ама, сè на сè, после Блаже некако е навредливо да се пишува за Славко. А стои дека не би требало да се пишува за Блаже. Затоа се чини најдобро за никого да не пишувам.“
.jpg)
Што?
***
Димитар Митрев не бил толку мрзлив колку што бил склон кон мечтаење и длабоко размислување. Георги Старделов, пак, бил многу ангажиран, постојано опседнат со жед по активности. Митрев тоа знаел често да го искористува. Се случувало Митрев да лежи на кауч во редакцијата на „Современост“ и влегувал колегата Старделов. Митрев му велел:
‒ Георги, остај работата и отрчај по пиво, те молам!
И веднаш се враќал на каучот, опуштено задремувајќи. Оти, знаел, никогаш не се случувало Старделов да се врати. Или ќе тркнел до книжарница, или кај реалистите на конспирација, или кај модернистите на тресење празна слама, или на некоја комеморација... Или ќе се исплашел од нешто и ќе заминел за Гевгелија.
А дека ќе остане без пиво, Митрев не се плашел. Фала богу, постоеле курири. Имало кого да прати.
***
Владо Малески Тале и Димитар Митрев биле антиподи: едниот „модернист“, другиот „реалист“. Постојано демнела опасноста: ако негде се сретнат, ќе се збркаат, и трас!, по главата со бастунот. Се случувало и петмина да не можат да ги разделат, а Митрев го освестувале со вода од фонтана. Бидејќи поради важни книжевни собитија двајцата често морале да бидат на улицата „Максим Горки“, шансата за ѓурултија таму била најголема.
Ете зошто Петре М. Андреевски одел на гости кај Димитар Гешоски и Милица Стојанова, кои живееле на „27 Март“, речиси карши „Максим Горки“. Влегувал Петре кај пријателите, славниот актерски пар, и седнувал директно на балкон.
Затоа подоцна некои во „Јоле“ таа куќа ја нарекле „Петревата куќа“, иако куќата била на Гешо и Милица.
.jpg)
Коментарите се исклучени.
***
Еднаш Гане се преоблекол во Петре и отишол на гости кај актерот Димитар Гешоски, на улицата „27 март“, близу до „Јоле“. Во еден момент Гане случајно ѕирнал низ прозорецот и видел како Петре на тротоарот го удира Радован со глава, а наоколу стојат деца и се смеат. Гане се сожалил над Радован и заплакал. Тогаш Гешоски сфатил дека човекот пред него не е Петре.
***
Децата го сакале Петре. Тие велеле: „Тој е весел! Многу смешен!” И босоноги трчале по него. Ама на Петре не му било до нив. Тој сакал една стара куќа на улицата „27 март“ и еден балкон на таа куќа… Можел со часови да седи на балконот, да пие вино и да гледа кон улицата…
Еднаш, одејќи кон таа куќа, го кренал погледот и се видел себеси на балконот! Со брадиче и прстен на палецот, вистина, малце дијаболична појава... Тој, се разбира, веднаш сфатил кој е тој. А вие?
.jpg)
Ми се свиѓа. Изгледа постисториски.
Слики: Дејв Коверли