1008 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 09.02.2026 11:59

Реакциите на Израелците на настаните во Иран се трогателни. Одамна немаме видено таква солидарност со еден народ што стенка под тиранија. Тонот, како и секогаш, го диктираше премиерот Бенјамин Нетанјаху, како што и прилега на светилникот на правдата што го осветлува светот: „Израел ја поддржува борбата на иранскиот народ за слобода и правда“, рече тој во Кнесетот. „Во Иран се одвива глобална битка помеѓу земјите што ги застапуваат вредностите на слободата и напредокот и насилните режими“, изјави нашиот предводник на просветлените, слободољубиви народи на светот.
Летос директно му се обрати на „гордиот народ на Иран“. Дури и се расплака. Граѓаните на Иран немаат вода, утврди оној што обилно ги снабдува со вода Газа и Западниот Брег. „Не е нормално да живеат така, не е праведно ни кон нивните деца“, рече тој. „Но имам добри вести за вас. Израел е прва земја во светот по десалинизацијата… ние точно знаеме што треба да се направи.“
Мајсторот за водоснабдување Нетанјаху раскажа дека отворил профил на Телеграм на персиски за Иранците да научат како да управуваат со водата. „Жедта за вода во Иран е еднаква само на потребата за слобода на иранскиот народ“, изјави нашиот Нелсон Мандела во стилот на Шимон Перес. „Еве ги големите вести: штом вашата држава ќе биде слободна, израелските експерти ќе пристигнат во секој град во Иран.“ Потоа зборуваше за каналите и езерата во Иран што повторно ќе се наполнат со вода и за чекорењето рака под рака со Иранците по нивните брегови. „Каква репресија, каква суровост“, болно воздивна Мартин Лутер Кинг од улицата Балфур во Ерусалим.
„Ве повикувам да бидете храбри и одважни, да сонувате слободно. Ризикувајте за слободата, за иднината, за вашите семејства. Излезете на улиците и барајте правда. Знајте дека не сте сами. Израел стои до вас… IRAN BARAYE IRANI – Иран им припаѓа на Иранците. Херцл рече: ‘Ако сакате нешто, тоа не е недостижна бајка’, а јас ви велам дека слободен Иран е остварлива цел.“
.jpg)
Престанете да го критикувате Нетанјаху како тиранин или државата Израел зашто угнетува друг народ. Денес Нетанјаху вели „Иран на Иранците“, а утре „Палестина на Палестинците“. И неговото мислење не е осамено. Повеќето Израелци се шокирани од употребата на боeва муниција и од убивањето илјадници демонстранти. Каква суровост. Израелскиот режимски весник „Једиот Ахронот“ на насловната страница ги објави последните зборови на убиената демонстрантка Азита од Иран: „Се бориме за минимум достоинство, против колективно казнување, за нашата иднина.“ Нејзините зборови како да ги напишала некоја Азита од Газа.
Но, кога станува збор за Азита од Газа, „Једиот Ахронот“ сигурно немаше да објави ниту еден нејзин збор, дури ни на последната страница. „Азита е убиена на улица“, пишуваат оние што го избегнуваа зборот убиство кога стануваше збор за убивањето палестински демонстранти на некои други улици.
Борбата за слобода против тиранијата е универзална. Иранските демонстранти и борците за слобода во Појасот Газа споделуваат слични цели. На демонстрациите покрај ѕидот во Појасот Газа, израелските сили пукаа без милост, исто како што тоа сега го прави Револуционерната гарда. Израелската војска уби над 200 демонстранти, 28 илјади жители на Газа беа повредени, од кои 7.400 од снајперски оган. Дали Нетанјаху беше во шок поради тоа? Дали „Једиот Ахронот“ објави тестамент на некоја палестинска девојка?
Тоа е уште еден врв на лицемерието: тврдењето дека левицата во светот ги поддржала Палестинците, но не и иранскиот народ. Ако во тоа и има некаква вистина, ние сме последните што имаат право, поради дволичност, да ги критикуваат другите.
Некогаш одамна ја пеевме песната за слободна Прага,¹ а денес имаме песна за Техеран. Песната за слободна Газа веројатно никогаш нема да ја запееме.
1. Популарна песна на Арик Ајнштајн, напишана по повод советската инвазија врз Чехословачка во 1968 година.
.jpg)
Карикатури: Marco De Angelis
Извор: https://www.haaretz.co.il/